1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јовески: Снимката од „Рекет“ е дел од доказната постапка

8 август 2019

Снимката објавена во „Ла верита“ не е добиена од извори во ОЈО, вели државниот јавен обвинител Јовески за Дојче веле. Според правни експерти, со нејзиното објавување не се искомпромитирани доказите

https://p.dw.com/p/3NYVK
Nord-Mazedonien | Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Јовески за ДВ вели дека ОЈО не е извор на снимкатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Како може доказен материјал од истрагата на Основното обвинителство за гонење организиран криминал да заврши во онлајн изданието на италијанскиот весник Ла верита? Претпоставки има многу, а државниот јавен обвинител е дециден - изворот не е ОЈО. 

„Снимката во италијанскиот медиум не е добиена од извори на ОЈО, таа е дел од доказната постапка“, изјави кусо за Дојче веле државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој во моментов е надвор од земјата.    

Валиден доказ

Со оглед дека во политички кулоари подолг период се раскажувата „детали“ од доказите за случајот „Рекет“, вклучително и оние објавени денеска, извесно е дека дел од снимките не останале само кај оштетениот кој го пријавил случајот во Основното Обвинителството за гонење организиран криминал. Во изминатиот период се шпекулираше дека дел од снимките веќе ги имаат видено неколку партиски лидери од земјава, а во целост и некои од странство.

Но клучното прашање што денес се наметна е - дали со објавувањето на оваа снимка можат да бидат искомпромитирани дел од доказите? Правни експерти со кои разговараше ДВ се децидни: таа снимка останува валиден доказ во постапката.

Нејзиното објавување го поттикна и јавниот притисок дека е време обвинителката да го прекине одморот и да се врати во Скопје, со цел да се интензивира истрагата за случајот кој речиси еден месец е тема број 1 во државата. Обвинителката Рускоска во моментов е на краток колективен одмор што го користат вработените во Обвинителството, а на одмор е и специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, на која првосомничениот Бојан Јовановски се повикува во дел од разговорот што го објави италијанскиот медиум.

Стари партнери

Засега нема одговор, но има претпоставки како стигнала снимката во италијанскиот весник Ла верита, кој во изминатите неколку години важи за медиум близок на сегашната опозиција во земјата. Ла верита беше првиот странски медиум кој пред еден месец информираше за „бомбата“ објавена на руски мрежи, а во која Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, наводно го мести победникот на тендерот за набавка на опрема за М-НАВ. Тогаш Ла верита објави текст под наслов „Скандал во Скопје - ‘Тендер за Леонардо: Циганите како нас'", а текстот го илустрираше со фотографија на премиерот Заев.

Во тој весник место наоѓаа ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за време на политичката криза, но и по изборите во декември 2016 година. Во јануари 2017 година весникот објави интервју со тогашниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, под наслов „Сорос да престане да го дестабилира Скопје“.

Веста дека италијанскиот весник објавил снимка од криминални активности на осомничените во „Рекет“, утрово први ја објавија медиумите блиски на опозицијата. Не се исклучени и сомневања дека патот на снимката од Скопје до италијанскиот весник поминал преку Будимпешта.