1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јужна Африка го прослави добивањето на СП-фудбал 2010-та, а Бремен титулата на Вердер

17 мај 2004

Ј. Африка ќе го организира првото светско фудбаслко првенство што ќе се одржи на “црниот континент”. Во Бундеслигата дефинитивните решенија околу учеството на европската фудбалска сцена и кои екипи ќе испаднат, ќе ги донесе сепак дури последното коло

https://p.dw.com/p/Aenb
Од прославата во Бремен: Валериан Исмаел со шампионскиот трофеј
Од прославата во Бремен: Валериан Исмаел со шампионскиот трофејФотографија: AP

Шансите на Минхен 1860 и на Ајнтрахт Франкфурт и наредната година да играат во Бундеслигата повеќе се од теориска природа, бидејќи обете екипи во последното коло ќе гостуваат, а ни победи не им гарантираат опстанок, туку зависи и каков резултат ќе оствари единствениот уште загрозен тим Кајзерслаутерн. Може сепак да биде драматично, како и во ова коло во Минхен: домаќинот 1860 во последните минути промаши пенал и со нерешениот резултат практично испаѓа, додека за Херта тоа значеше токму спасоносен бод! Во последното коло сламката на спасот Минхен треба да ја бара на гостувањето кај Борусија Менхенгладбах.

Ајнтрахт во Франкфурт го совлада Бохум со 3 спрема 2 и сега му преостанува да се надева на чудо како пред пет години, кога се спаси буквално во последен момент. За тоа му е неопходна победа на гости кај Хамбургер, но и Кајзерслаутерн дома да загуби од Борусија Дортмунд. Тука е кулминациониот момент: и Борусија мора да победи за да го задржи местото што и‘ обезбедува учество во Купот на УЕФА, инаку би му отворила шанса на Бохум.

Отворено е и прашањето која екипа директно ќе оди во Лигата на шампионите, покрај првакот Вердер, кој по поразот дома од 6 спрема 2 токму “го уфрли” во игра и Баер, па сега се можни сите комбинации во трилингот на тимот од Леверкузен, Штутгарт и Баерн Минхен.

Поразот од саботата не го расипа сосем вчерашното шампионско славје во Бремен. 40 илјади луѓе пред Собранието на градот, во оваа пригода целиот под знакот на клупската зелено-бела комбинација од бои, ги поздравија прваците, кои со автомобилско корзо дојдоа од стадионот. Градоначалникот Хенинг Шерф и стотици претставници на стопанството, политиката и спортот ги поздравија и им го честитаа успехот на фудбалерите и раководството на клубот. Играчите се запишаа во “златната книга” на градот, а потоа од балконот ја споделија радоста со навивачите.

“Не знам, постојано се зборува за Бразил, за самба, карневал; сето тоа не може да биде поубаво од ова што ние денеска го доживеавме”, беше воодушевен тренерот Томас Шааф. “Минатата недела во Минхен мислев дека тоа беше најдобриот ден во мојот живот, но не беше” - прокоментира Валериан Исмаел, француски интернационалец во Вердер.

Изминатиот беше викенд на големи изливи на чувства и на други места. Кога претседателот на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) Јозеф Блатер објави дека Јужна Африка ќе биде домаќин на првото светско фудбалско првенство што ќе се одржи на африканскиот континент, не само во салата во Цирих, туку и на југот на Африка изби неопислива радост. Нелсон Мандела, поранешен претседател, заедно со актуелниот, Табо Мбеки, и со бискупот Дезмонд Туту, како и Мандела носител на Нобеловата награда за мир, агитираше за својата земја: “Се чувствувам како момче од 15 години. Убавината на оваа победа е што имавме остра конкуренција и тешко беше прогнозирањето на исходот. Моја порака е дека Јужна Африка треба да го прифати овој резултат без ароганција, зашто сите ние сме исти: и оние што успеаја, и оние на кои тоа овој пат не им појде од рака”. Личноста и угледот на Нелсон Мандела и овој пат одигра клучна улога. Од првенството земјата очекува финансиски шприц од 340 милиони евра, како и 150 илјади работни места.

На светското првенство станува збор за игра, но и за многу пари. Доделувањето на организацијата и овој пат покажа – станува збор и за политика. Претседателот на Јужна Африка Табо Мбеки во Цирих зборуваше за војна, глад и сиромаштија на африканскиот континент, но и за надеж за подобра иднина, за што би можело да придонесе и светското првенство; невообичаено сериозни тонови во ваков повод. Но, и од страна на ФИФА во полза на Јужна Африка постојано беа изнесувани политички аргументи. Членовите на Извршниот комитет на ФИФА имаа избор меѓу Јужна Африка или исламски земји како Мароко или Египет. Со оглед на актуелната светска политичка ситуација, тоа би бил важен сигнал, мост меѓу западниот и арапскиот савет, нова форма на дијалог. Поглед врз досегашните организатори на настани како светско фудбалско првенство или олимпијада покажува дека арапски односно исламски земји се тука тера инкогнита – непозната земја. Изборот на Јужна Африка, сепак, и од политички аспект, е добар. Конечно, веројатно членовите на Извршниот комитет воопшто и не се занимаваа со светската политичка ситуација, туку се раководеа од други критериуми, не ретко и од ветувања, пријателства и непријателства. Претседателот на ФИФА Јозеф Блатер вели: спортот е универзален и ги поврзува народите. Ако тоа се земе сериозно, тогаш во тој универзален свет мора еднаш да се вклучи и исламскиот свет. Ова бара темелна помена на мислењето, ослободување од многу клишеа и се разбира, точна проверка на кандидатите.

Но, ќе поминат години додека се дојде до таму. Светското првенство во 2014-та година ќе се одржи во некоја земја од Јужна Америка.

Кога веќе политиката е во игра, и ако тое не е само изговор, тогаш и играта мора да важи за сите. Ако не утре, тогаш барем задутре.