1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер сака да ја ремонтира ЕУ

НД/ дв
24 февруари 2017

Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер навести драматично реструктуирање на блокот со членови во „јадрото“ и нации во „орбитата“.

https://p.dw.com/p/2YBg2
Jean-Claude Juncker EU-Kommissionspräsident
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија навестува радикално реструктуирање на ЕУ. Новиот план се состои од формирање на јадро на Унијата кое ќе го сочинуваат мала група на членки и повеќе нивоа на припадност за другите нации кои не се спремни за целосно членство.

„Дали сакаме секогаш да напредуваме како група од 28 земји? Или би требало да им биде овозможено, на оние кои сакаат да го сторат тоа побрзо, истото да го направат без да влијаат на другите?“, изјави Јункер на конференција во белгискиот град Левен. Јункер сугерира дека блокот би можел да функционира подобро доколку сите земји не се обврзани да учествуваат во проектите за кои не се заинтересирани, дури и за прашања поврзани со одбраната. 

Јункер навести, наместо „структуриран дизајн, отворен за сите“, воведување на формат во вид на јадро кое ќе го сочинуваат мал број на ЕУ членки придружени од надворешна „орбита“ од помалку инволвирани нации. Тука можат да бидат вклучени Велика Британија или Турција, која со години претендира за членство и покрај гласната загриженост на Брисел за почитувањето на човековите права од страна на Анкара.

Нема „тврди“ граници за Ирска

Истовремено, Јункер даде до знаење дека Европа ќе се бори за интересите на Ирска во преговорите за „разводот“ на Велика Британија од ЕУ. Постои загриженост за последиците од воведувањето на формална меѓународна граница помеѓу Република Ирска и Северна Ирска.

„Со ирската влада ќе имаме блиска соработка за време на целиот процес на преговори околу Брегзит. Не сакаме да имаме ‘тврди' граници“, изјави Јункер по состанокот со ирскиот премиер Енда Кени во Брисел.

Кени појасни дека Даблин сака Северна Ирска да има можност веднаш да се приклучи кон ЕУ доколку граѓаните преку референдум се изјаснат да се приклучат на република Ирска, како што беше случајот со поранешна Источна Германија во 1990-те.

(АФП, дпа)

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема