1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јуришниците на Златна зора целеле кон странци

Б. Георгиевски/афп/бета30 септември 2013

Сведочењата на поранешните припадници на грчката неонацистичка партија Златна зора покажуваат дека се сторени бројни кривични дела. Странци биле претепувани во координирани акции.

https://p.dw.com/p/19rn0
Фотографија: Reuters

Неонацистичката група, чиј шеф и високи функционери беа уапсени минатата недела, формирала „јуришна милиција“ се наведува во извештајот на грчкиот заменик-обвинител Хараламбос Вурлиотис. Последните години, „јуришната милиција“ особено напаѓала Пакистанци, се наведува во извештајот во кој се цитираат двајца поранешни припадници на Златна зора.

„Учествував во неколку наврати во акции со по 50 до 60 моторцикли, со по две лица. Оној што беше одзади, носеше грчко знаме на мотика со која ги тепаше Пакистанците кои ќе ги затекневме“, изјавил неименуваниот член.

Според извештајот, партијата има строго хиерархизирана структура, а водачот е семоќен, како и во системот кој го воспоставил Хитлер. Златна зора со нападите започнала уште во 1987 година, најпрво врз странци, а потоа и врз Грци.

Заменикот-обвинител ја потенцира и нацистичката идеологија на партијата и оценува дека членовите на партијата кои учествувале во нападите врз странците, сметале дека тоа не се луѓе, а во таа категорија ги сместувале и Ромите и хендикепираните лица. Членовите на Златна зора добивале и воена обука, особено во околината на Атина, а сториле десетици злосторства, меѓу кои и најмалку две убиства, три обиди за убиство и голем број напади врз странци.

Griechenland Nikolaos Michaloliakos Goldene Morgenröte Chef Verhaftung
Апсењето на Николаос МихалолијакосФотографија: Reuters

„Она што најмногу загрижува е регрутацијата на малолетниците. Мерата беше целосно премината кога со оружје беа нападнати двајца Пакистанци“, се наведува во извештајот.

На последните парламентарни избори во Грција, Златна зора освои 18 пратенички мандати, а се проценува дека во моментов ја ужива поддршката на околу 15 проценти од гласачите во Грција. По убиството на левичарскиот активист и музичар Павлос Фисас, државата конечно реши да се пресмета со насилството кое го шири радикалната десница, па во голем број акции уапсени беа лидерот на партијата Николаос Михалолијакос, четворица пратеници и десетици партиски членови, а запленето беше и големо количество оружје.

Судот против партијата започна кривична истрага под обвинение за формирање криминална организација и нелегално поседување оружје.