1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јусуф - симбол за иднината на Сребреница?

Зоран Јордановски27 март 2012

По повеќе од 16 години од масакрот во Сребреница, таму е родено првото бебе од мешан брак на Србинка и муслиман. Војната ја предодреди судбината и на многумина Босанци кои живеат во Швајцарија.

https://p.dw.com/p/14Sqp
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Детето на надежта во Сребеница е русокосо, старо шест недели, зева и рутинирано зирка во камерата. Нејзиниот мал Јусуф веќе бил набљудуван од безбројни новинари, со горда насмевка известува мајката Душица. Нејзиниот син, вели, е доказ дека и во Босна и Херцеговина муслианите и Србите можат да живеат заедно: ’Единствено е важна љубовта. Таа секогаш победува‘“.

Во написот во весникот „Ди велт“ се вели дека во масакрот во јули 1995 настрадале шестмина членови на 32-годишниот Алмир Салиховиќ, додека семејството на 23-годишната Душица Рендулиќ било протерано од нејзиното родно место Свети Рок во Хрватска, а таа растела во бегалски логор кај Валјево во Србија. Од таму дошла кај роднини во Пожарница во близина на Тузла, каде се запознале со Алмир: „’Тоа беше љубов на прв поглед. Веднаш знаев дека е тој вистинскиот‘.

’Нивното различно потекло никогаш не им пречело‘, велат муслиманот и Србинката со хрватски пасош, кои минатата година дошле во Сребреница. ’Добро се согласуваме, убаво си живееме‘, вели Душица. Роднините на Алмир прво реагирале не толку воодушевено. Но, кога ја запознаа Душица, скепсата бргу ја снема, вели младиот татко. ’Откако се роди малиот, семејството на Алмир многу радо не посетува‘, вели со насмевка Душица“.

Srebrenica Stadt Bosnien Herzegowina
СребреницаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Schrader

Бајрам или Божик?

Раѓањето на Јусуф, се вели во написот, било најчесто позитивно коментирано во реакциите во деловите од некогашната Југославија, „но задршките и натаму опстојуваат. Мешаните бракови ќе ја ’уништеле‘ нацијата на босанските муслимани (...), имало предупредувања дека се заканува ’асимилација‘. Српските сурфери, пак, приговараат дека Јусуф ќе бил воспитуван како муслиман. ’Исламизацијата на Србија продолжува‘, се возбудува некој анонимен на страницата на српскиот булеварски весник ’Курир‘. (...)

Бајрам или Божик - во семејството треба да се слават сите муслимански и христијански празници, вели Душица: ’Алмир ја респектира мојата вера, а јас неговата - штом Јусуф малку ќе поодрасне, и јас сакам конечно еднаш да посетам џамија‘. (...)

Во Сребреница некогаш живееја 37.000 луѓе; денес ги има само уште околу 7.000. ’Муслимани, Срби, Роми - сите го имаат истиот проблем: нема работа‘. До посакуваните места во општинската управа или во малкуте фабрики се доаѓа само со политички врски. Се надева ли дека Јусуф тука некогаш ќе води подобар живот? Алмир ги крева рамениците: ’Никој не знае што ќе биде‘. (...)

Се разбира, во Сребреница честопати се споменува војната. ’Но, мора да се надмине минатото, да се стреми кон подобра иднина. Муслиманите и Србите го зборуваат истиот јазик и се исти луѓе‘“.

Лузни од војната

И весникот „Ноје цирхер цајтунг“ пишува за човечки судбини битно предодредени од војната во Босна и Херцеговина. Есад Мујезин, на пример, раскажува како сестра му од Швајцарија го посетила непосредно пред избувнувањето на војната и се вратила во Швајцарија, а нејзиниот син останал на гости. Откако избила војната, се обиделе „на сто начини“ да го однесат внукот и тоа им успеало дури во 1994, кога Есад, неговата сопруга и внукот преку Сплит, Загреб, Словенија и Италија стигнале во Швајцарија: „’Дојдовме на 31 јули 1994, а на 1 август гледавме огномет во Луцерн. Само што избегевме од артилеријата во Сараево. Бевме шокирани. Но, реагиравме со хумор. Без тој трагикомичен хумор во Сараево не би издржале’. (...)

Bildserie Bosnien 10 Jahre nach dem Krieg - damals
Сараево, 1992 годинаФотографија: AP

’Швајцарија беше рај, но и покрај тоа, беше шок. По двеипол години војна мозокот се менува. Се заборава што е нормален живот‘. Сега имаа вода и струја, продавниците беа полни, немаше артилерија и снајперисти - ’во почетокот не можевме да го сфатиме тоа и моравме постојано да си го потврдуваме‘. (...)

Парадоксално е, но не може да одговори на прашањето каде му било полошо, во Сараево или во Швајцарија, вели Есад. ’Во Сараево се боревме да преживееме и се грижевме за роднините. Во Швајцарија не бевме загрозени, но исто толку се грижевме за нив, веќе немавме никакви вести од нив. Како ноќен портир, ме зафаќаше тага. Работев сам и ми се навраќаа сеќавањата на Сараево пред војната. Моите мисли се вртеа околу прашања како: Што се случи? Зошто дојде до таму?‘ Некој лекар во Арау разговарал со него за војната. ’Многу сум му благодарен. И не само нему. Ни беа дадени многу помош и утеха. Речиси премногу‘. И покрај војната, Есад и сопругата решиле по војната да се вратат во Сараево. Денес имаат пријатели во Швајцарија, кои понекогаш ги посетуваат“.