1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Георгиевски ќе ги затоплува односите меѓу Скопје и Софија

ДТЗ /ДВ
17 октомври 2020

Интервјуто на поранешниот премиер ги подгреа шпекулациите дека тој во наредните денови ќе оди во Бугарија за да помогне во решавањето на актуелните спорови. Посетата, според БГНЕС, е идеја на премиерот Зоран Заев.

https://p.dw.com/p/3k4E3
Mazedonien Ljubco Georgievski Präsident der VMRO-NP-Partei
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Не се согласувам дека до 44-та се било бугарско, ама односите во минатото ни биле многу поблиски од тоа што сакаме да презентираме“, порача поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, во телевизиско интервју коментирајќи ги актуелните случувања на релација Скопје - Софија, откако заедничката комисија за историја и образование на двете земји вчера не постигна договор околу спорот за ликот и делото на Гоце Делчев, но договори наредни средби на некои ќе се бара компромисно решение. 
Интервјуто веднаш беше пренесено и во бугарските медиуми, а агенцијата БГНЕС објави дека поранешниот македонски премиер и основач на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски во наредните денови ќе пристигне во Бугарија за да помогне во решавањето на тековните спорови меѓу двете земји.
Георгиевски, синоќа во интервју за „360 степени“, запрашан за тоа дали се согласува со пристапот кој вели дека до 2 август 1944 се било бугарско, а од тој момент почнува создавањето на македонската нација и тогаш е донесена одлука за кодификација на македонскиот јазик, рече дека не се согласува со таа позиција.
„Меѓутоа, има една друга позиција. Јас сум зборувал многу пати зошто сметам дека нашите односи со Бугарија во минатото во одреден период биле многу поблиски од тоа што сакаме да го презентираме. Кој сака да ја проучува македонската историја нека оди во Македонскиот архив и нека ги земе сите книги за македонската историја објавени во времето на Зоран Тодоровски и кога ќе го чита тоа таму што гледа?“ 

„Проблемот не е само заради препрочитување на македонската историја заради тоа што треба да направиме договор со Бугарија, туку заради нас самите. Ние се одрекуваме од една огромна богата историја само затоа што врската со Бугарија ја гледаме многу јако. Дури се одрекуваме и од жив народ затоа што себеси се декларира како македонски Бугари. Прво за историјата од времето кога учев историја во средно школо и имав петка. Македонската историја завршуваше некаде со убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов од страна на Јане Сандански и после имаше еден празен простор. Балканските војни во македонската историографија воопшто ги нема. Првата светска војна ја нема. Зошто? Од многу едноставна причина. Затоа што целата левица и десница била на страна со Бугарија. Тоа се јасни податоци кои ние се обидуваме со тоа што ги игнорираме да ги премолчуваме. А се откажуваме од една сериозна историја која е толку богата што не може да се докаже. Во Првата Балканска војна тоа е приказната на 15 илјади доброволци Македонци кои одат на Одрин, кои одат на Истанбул во рамките на бугарската армија да се борат со Турците. Тој дел го нема во нашата приказна. Во Првата светска војна имате 11-та македонска дивизија каде има 30 илјади македонски доброволци кои учествуваат заедно со бугарската армија. Целото ВМРО, и левица и десница се во рамките на таа заедничка македонско-бугарска армија“, вели Георгиевски.

На мисија во Софија?

Според бугарската агенција БГНЕС, Георгиевски во наредните денови ќе патува во Бугарија за да помогне во решавањето на тековните спорови меѓу двете земји. Посетата, како што се вели во веста на бугарската агенција, ќе се реализира откако тој неодамна имал разговор со премиерот Зоран Заев, но нема информации со кого ќе се среќава.
Во интервјуто за „360 степени“, Георгиевски рече дека во Софија ќе има јавни настапи за да разбие некои тези што во моментов се шират во Бугарија и таа да може правилно да го процени однесувањето на македонското раководство. Георгиевски смета дека Софија не ја разбира новата реалност во Македонија со новата власт – што значи македонски претседател или премиер да објави дека Гоце Делчев е заеднички херој и на Македонија и на Бугарија.
„Тоа беше незамисливо пред само три години… Јас самиот не сум кажал такви работи затоа што ќе бев растргнат“, вели Георгиевски. Георгиевски признава дека многу малку е направено за приближување кон Бугарија во последните 30 години и оти македонската дипломатија ја преспала последната година, а особено периодот кога рамковната позиција за Македонија била расправана и усвоена во бугарскиот Парламент.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема