1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Њујоркер: ”Рамсфелд лично дал одобрение за суровите методи во ирачките затвори”

17 мај 2004

Притисокот врз американскиот министер за одбрана, Доналд Рамсфелд, во врска со скандалот на мачење ирачки затвореници, постојано се зголемува. Угледното американско списание ”Њујоркер” покрена нови обвиненија против шефот на Пентагон – Рамсфелд лично ги одобрил бруталните методи на сослушување. Портпарол на Пентагон тоа категорично го демантираше.

https://p.dw.com/p/AcNd
Рамсфелд во обиколка на “Абу Граиб“
Рамсфелд во обиколка на “Абу Граиб“Фотографија: AP

Пентагон категорично го демантираше текстот објавен во магазинот ”Њујоркер” во кој што се тврди дека американскиот министер за одбрана, Доналд Рамсфелд и еден од неговите државни секретари, Стефен Камбоун лично дале наредба за примена на методите на мачење во ирачкиот затвор Абу Граиб.

Во текстот, меѓу другото се вели: ”Корените на скандалот не лежат во криминалните тежнеења на неколкумина резервисти, туку во решението одобрено од страна на Рамсфелд, во една строго тајна операција која се концентрира врз ловот по Ал Каеда.”

Текстот кој од печат излегува денеска, во голем дел се потпира врз познати факти. Осомничените лица за припадност на Ал Каеда во Авганистан не се третираат како воени заробеници и со тоа не се под заштита на Женевската конвенција. Тие од страна на претседателот се вброени во посебна категорија, на која легалните права не и се дозволени.

Кон оваа категорија се вбројуваат и затворениците во базата Гуантанамо на Куба. Пентагон одамна го призна тој факт и го образложи со тоа дека кај припадниците на Ал Каеда се работи за терористи, а не за нормални воени заробеници. Текстот на ”Њујоркер” тврди дека вакви методи се применувале и во Ирак и дека на една тајна средба тоа не само што го одобрил Доналд Рамсфелд, туку информирана била и советничката на американскиот претседател за национална безбедност, Кондолиза Рајс. Текстот на реномираниот репортер Сејмор Херш се потпира врз голем број интервјуа со припадници на воени тајни служби. Тој бил во Ирак со специјална единица, која сослушувала пред се високи претставници на режимот на Садам. Истражувањата на другите весници, како на пример на Њујорк Тајмс, велат дека оваа единица не оперирала во познатиот затвор Абу Граиб, туку во зградата која е под највисокот можно обезбедување, а каде затворениците не се држат подолго од 72 часа, пред да бидат префрлени во регуларен зтавор.

Херш тврди дека Рамсфелд и неговиот државен секретар им дале зелено светло на луѓето кои сослушувале за примена на суровите методи.Цитирајќи го министерот за одбрана, Херш пишува: ”Фатете ги тие што ви требаат и правете со нив што сакате”.

Пентагон демантираше дека високи претставници во министерството знаеле или учествувале во измачувањата во Ирак и текстот на Њујоркер го означи како шпекулативен, заснован врз анонимни информанти и далеку од вистината.