1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Њујорк: Петмина приведени по експлозијата

ЖА/дпа/афп/ртре19 септември 2016

Полицијата во Њујорк трага по извршителите на бомбашкиот напад и по мотивите. Уапсени се петмина осомничени, тврдат медиумите. Во ранец во Њу Џерси откриени неколку рачно направени бомби.

https://p.dw.com/p/1K4gR
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Kudacki

Според медиумски извештаи, во врска со експлозијата на бомба во Њујорк се уапсени пет лица. Сите се наоѓале во еден автомобил. ФБИ не дава поединости околу случајот и се ограничува на скудни информации: навистина бил запрен еден автомобил, но нема уапсени. Истрагата продолжува, велат од полицијата.

Во саботата вечерта околу 20.30 часот по локално време експлодираше бомба направена од експресен лонец во квартот Челси, во Менхетен, во кој се наоѓаат бројни барови и кафулиња, повредени беа 29 луѓе. Во близина беше пронајдена и втора експлозивна направа, исто така експресен лонец, но таа не експлодира. „Можеме да бидеме среќни што нема мртви“, истакна гувернерот на Њујорк, Ендру Кумо. Засега нема докази за поврзаност со меѓународен тероризам. Њујоршкиот градоначалник Бил де Бласио соопшти дека во меѓувреме сите 29 повредени се отпуштени од болница.

USA New York Explosion mit Verletzten
Фотографија: Reuters/R. Umar Abbasi

Откриена уште една бомба

Во блиското место Елизабет во сојузната држава Њу Џерси синоќа (18.09), според медиумите, во еден контејнер за отпадоци бил откриен сомнителен предмет, по што специјална полициска единица извршила контролирана експлозија. СиЕнЕН јавува дека станува збор за ранец за кој се претпоставува дека содржел неколку рачно направени бомби. Според оваа телевизија, која се повикува на извори од истрагата, постојат сличности меѓу експлозивните направи откриени во двете сојузни држави. Освен тоа, на видео од надзорните камери наводно бил забележан маж како на местото на експлозијата во Менхетен, така и на местото на пронајдената втора бомба во близина.

USA New York Explosion mit Verletzten
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Szenes

Висок степен на безбедност

Мерките за безбедност во Њујорк во меѓувреме се зајакнати, во акција покрај полицијата е вклучена и Националната гарда, со цел граѓаните на Њујорк да се чувствуваат безбедни по бомбашките инциденти. Деновиве во американската метропола и без тоа ќе биде во сила највисок степен на безбедност, со оглед што тука ќе биде одржан самит за бегалците на кој ќе учествуваат шефови на држави и на влади од цел свет, како и редовното годишно Генерално собрание на ОН.