1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе добие ли Ахмети противкандидат?

25 ноември 2009

Пред претстојните партиски конгреси на партиите од албанскиот блок во Македонија, експертите го оценуваат степенот на внатрешна демократичност во ДУИ и Нова Демократија.

https://p.dw.com/p/KevW
Мала РечицаФотографија: Petar Stojanovski

Подготовките во Демократската унија за интеграција за нејзиниот конгрес на 19 – ти декември, како и во Нова Демократија за нејзиниот конгрес, исто така, во средината на наредниот месец, го отвораат, меѓу другите, и прашањето на внатрешното, но и за надворешното демократско функционирање на овие две порелевантни албански партии.

Мерсел Биљали, професор на ФОН Универзитетот во Скопје и политички аналитичар, фрла поширок поглед врз албанскиот политички блок во овој предконгресен период: „Не може да постои демократија во државата, ако самите политички партии немаат доволен демократски капацитет. Албанските политички партии настојуваат се’ уште парцијално да ги претставуваат интересите на граѓаните. Време е тие да се реформираат. Тука партијата на Имер Селмани прави похрабар чекор.“

Биљали го конкретизира својот став кои прашања не треба повеќе да доминираат во предконгресните и конгресните дебати и документи на ДУИ и Нова Демократија: „Етничките прашања се на пат да се истрошат во блиска иднина. Политичките партии ќе треба да се насочат кон социјалните, економските и другите животни проблеми на граѓаните. Со реториката од пред 10 -15 години не можете да се наметнувате пред гласачите, бидејќи се променети нивната свест и квалитет.“

Тесните лични интереси ја суспендираат демократијата во партиите и во земјата

Ветон Љатифи, професор по политички науки на Штуловиот универзитет во Тетово, истакнува една обопштена констатација, која се однесува на сите партии во албанскиот, но и во македонскиот политички блок: „Нашата демократија е заложник на личните интереси – непотистички честопати, на интересите на партиите, на олигархиите... Сите тие политички однесувања се познати во теоријата не само како сопирачки, туку и како елементи, кои го суспендираат реалното функционирање на демократијата.“

Љатифи дополнува: „Секаде има аномалии во практикувањето на демократијата. Но, сепак, постојат одредена ’црвена линија’, одредена граница до каде што се дозволува, кои и какви интереси се дозволуваат, но, по нив демократијата се претвора во поле каде што настануваат злоупотреби, аномалии и негативни феномени.“

На конгресот на „интегративците“ ќе има избор на лидер, или, веројатно, реизбор на постојниот – Али Ахмети. Професорот Биљали смета: „Али Ахмети останува и натаму како неприкосновен авторитет. Никој од околината се’ уште не успеал да стане втор авторитет, кој ќе биде поблиску до Ахмети, за да може да го загрози. Можеби ова покажува дека нема демократски капацитет во ДУИ.“

Џевад Адеми, член на Централното претседателство и еден од најблиските соработници на Ахмети, возвраќа категорично: „Ако има нешто во изобилство во ДУИ, тоа е токму внатрешната демократија. Во органите на нашата партија има широка, широка демократија и жестоки дебати во врска со одредени теми.“

„Али Ахмети треба да има противкандидат при изборот на лидерската позиција“

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција Рафиз Алити укажува на заложбата на Теута Арифи, вториот потпретседател на нивната партија, Ахмети, сепак, да има противкандидат на лидерската позиција: „Оваа теза ја промовираше потпретседателката Арифи. Мислам дека е таа во право што се однесува до нашето политичко дејствување. Но, сепак, не сметам дека Али Ахмети ќе има противкандидат.“

Колку има вистина во одделни навестувања во јавноста дека, наводно, доскорешниот градоначалник на Тетово Хазби Лика „ќе се решел на 19ти декември да му биде конкурент на Али Ахмети?“ Џевад Адеми на ова одговара: „Тврдам одговорно: нема такви најави.“

Според Рафиз Алити: „(...) тоа останува во рамки на шпекулациите. Лика е еден од ценетите активисти на нашата партија. Но, јас не сум разговарал досега со него дали навистина тој има такви амбиции. Сите членови на Демократската унија за интеграција можат да ги истакнат своите кандидатури за лидерското место, согласно со статутот на партијата.“

Демократија „на лажиче“

Што мислат партиските челници во двете споменати албански партии во врска со она што е основата на внатрешната демократија – постоењето различни мислења? И: дали би требало да се санкционираат струењата со разногласија, ако би прераснале во фракционерство?

Околу ова Имер Селмани, лидерот на Нова Демократија, го посочува следниов став: „Фракционерството не е предвидено како посебна форма. Меѓутоа, во секоја партија има различни мислења и не се исклучува за различни прашања да постојат секогаш и различни мислења. Тоа е богатството на секоја политичка партија. Зашто, тогаш секогаш произлегуваат и подобри политики. Но, сите различни мисли, сите конкурентски односи треба да се надминат, да станат минато во моментот кога има избори и кога се избираат легалните органи на партијата.“

Вториот човек на ДУИ Рафиз Алити изнесува во јавноста една заложба на Али Ахмети, која ќе остане тема за размислување и во постконгресниот период: „Али Ахмети сакаше да ги легализира фракциите во партијата пред четири години. Но, ние не се согласивме, бидејќи не постоеше поволен политички амбиент во земјата, но и меѓу Албанците. Ова останува тема во ДУИ, која ќе биде отворена и во иднина. Во ДУИ, инаку, има и внатрешна демократичност, внатрешен политички дијалог и почитување на различните мислења.“

Се’ на се’, останува да се види колку ќе успеат на своите конгреси ДУИ и Нова Демократија да внесат, или да ги засилат постојните демократски ветришта во своите редови. Зашто, ако се продолжи, или ако се започне со праксата на сопственото членство и на бирачкото тело – граѓаните да им се дава да консумираат демократија „на лажиче“, тогаш односните партии, како што предупредуваат експертите, наместо да бидат партии на народот и за народот, ќе се претворат во играчки и средства во рацете на елитите и на лидерите.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска