1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе донесат ли изборите мир и просперитет во Конго?

30 јули 2006

Речиси 26 милиони Конгоанци со право на глас денеска избираат нов парламент и претседател на државата. Тоа се први слободни избори во демократска Република Конго по повеќе од 4 децении и предизборната кампања во земјата беше по малку и карневал – за луѓето сосем ново искуство е да доживеат вистински политички натпревар.

https://p.dw.com/p/AdzD
Меѓународни војници ги обезбедуваат изборите во Конго
Меѓународни војници ги обезбедуваат изборите во КонгоФотографија: AP

До петокот до полноќ на конгоанската телевизија се прикажуваа партиските рекламни спотови, потоа настапи предизборен молк. Луѓето во последниот месец беа затрупани со изборни реклами – преку телевизијата и радиото, на улиците. Каде и да се погледне во главниот град Киншаса на секаде се дискутира за изборите, на секоја крстосница, на секоја куќа се истакнати огромни плакати и делумно и рачно испишани транспаренти на кои речиси 9-те илјади пратенички кандидати агитираат за гласовите на избирачите. Меѓу нив нема големи разлики – и тие, како и 33-цата претседателски кандидати – 4 од нив жени, ветуваат дека сакаат да ја спасат земјата и да и’ стават крај на корупцијата.

Со посебно внимание беше проследен крајот на предизборната кампања на актуелниот преоден претседател Жозеф Кабила. Тој беше притиснат да го наследи на функцијата татко му Лоран Дезире Кабила, убиен пред 5 години. 34-годишниот Жозеф Кабила досега владееше со еден посебен аранжман со четворицата потпретседатели, сите господари на војната од четирите големи бунтовнички групи.

„Јас сум кандидат број 7 на листата и ве молам в недела да гласате за кандидатот на народот“ – рече Кабила на завршната предизборна манифестација во Киншаса. Многу повпечатлива беше манифестацијата на неговиот главен конкурент Жан-Пјер Бемба, ексбунтовнички шеф со подршка од Уганда: со приватен авион слета на аеродромот и со гигантско автомобилско корзо отиде на стадионот на кој во 1974-та година се одржа прочуениот меч за светски првак во бокс меѓу Мохамед Али и Џорџ Формен. Зборовите на Бемба ги следеа повеќе од 1 милион луѓе.

„Дојдов кај вас за да ви кажам: јас ќе бидам претседател во оваа земја со ваша помош. Заеднички ќе го обновиме Конго. Еден Конгоанец за Конго!“

Бемба алудира на етничката припадност на Кабила кој и де факто не е разјаснета. Противниците тврдат дека тој е по потекло од Рунада и оти дури ни конгоанскиот лингвала јазик не го зборува добро. Очигледно е дека на крајот од предизборната кампања веќе никој не се грижеше за политички пароли. Владееше нервозна атмосфера на груб национализам и слепо насилство, во кое животот го загубија двајца војници и едно дете. Масло на огнот долеаја и опозиционите социјалдемократи и политички влијателните цркви. Клерот и’ префрли на независната изборна комисија за неуредна работа, повик на бојкот се закани и од црковна страна. Непосредно пред изборите црквата малку ретерира.

Радио-новинарот Жан-Рик Уманде нема разбирање за целата возбуда – предизборната кампања, споредена со минатото, помина релативно мирно, сега се’ е поврзано со историските избори:

„Ова е добра работа, конгоанскиот народ толку долго го чекаше овој момент. Овде имавме толку многу турбуленции и толку многу војна – и сега конечно имаме и избори. Но, Конго и натаму живее во мизерија, во голема сиромаштија, па луѓето можат само да се надеваат дека сега ќе има решенија за сите проблеми“.