1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе донесе ли мир предлог резолуцијата на ОН?

7 август 2006

Советот за безбедност деновиве треба да ја изгласа предлог резолуцијата за Либан, која е резултат на компромисот од преговорите меѓу САД и Франција

https://p.dw.com/p/Ac4K
Фотографија: AP

„Предлог резолуцијата бара прекин на непријателските операции, но не и примирје„ Со овие зборови резолуцијата ја отфрли и генералниот секретар на арапската лига Амр Муса во сирискиот главен град Дамаск. Тој е против текстот кој беше усвоен со компромис меѓу САД и Франција по неколкудневни преговори:

„ Зошто треба да ја прифатиме резолуцијата на ОН? Зошто? Го осудуваме уништувањето на Либан. За грабнувањето, израелската армија го грабна спикерот на палестинскиот парламент. Зошто да го осудиме грабнувањето, а да дозволиме друго грабнување. Овие двојни стандарди ги убиваат луѓето во регионот„ рече Муса

Со предлог резолуцијата се повикува Хезболах целосно да ги прекине нападите врз Израел, а Израел треба да ги запре офанзивните дејствиа. Што во превод значи дека Израел има право на дефанзивна тактика, Хезболах никако.

Либанскиот премиер Фуад Синиора предлогот го оцени како несоодветен бидејќи не ги зема во предвид интересите на Либан

„ Сигурно е дека намерата на оние кои работат на резолуцијата е мирот. Затоа им велиме дека предлогот е неадекватен и дека нема вистински да ги постигне целите кои си ги поставиле„

Американската државна секретарка Кондолиза Рајс верува дека резолуцијата ќе донесе мир на теренот:

„Таа е добра база за создавање услови во кои нема да има можност за враќање на претходната состојба и е добра база за почеток на префрлување на надлежностите врз либанската влада во јужниот дел за ова да не се повтори„

На прес конференцијата во Крафорд Тексас , каде претседателот Џорџ Буш го минува годишниот одмор, Рајс нагласи дека по усвојувањето на резолуцијата ќе се покаже кој навистина сака да запре насилството а кој не:

„Тогаш ќе видиме кој е за мир а кој не„

Предлог резолуцијата не предвидува итно повлекување на Израел од Либан, но според зборовите на Рајс никој не сака Израел долгорочно да остане во Либан

Сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем ја отфрли предлог резолуцијата. Таа е неприфатлива изјави министерот по средбата со либанскиот претседател Емил Лахуд во Бејрут:

„ Предлог резолуцијата е рецепт за продолжување на војната бидејќи за жал не е фер кон Либан. Второ, таа е рецепт за можна граѓанска војна во Либан, која никој, никој нема интерес да се случи освен Израел„ рече Муалем и додаде:

„ Доколку Израел ја нападне Сирија на било кој начин копнено или воздушно нашето раководство ќе им нареди на армиските сили итно да одговорат„ изјави министерот Муалем