1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе „дојава“ ли „Воинот“ до извештајот на Еврокомисијата?

17 јуни 2011

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Петер Соренсен без конкретен одговор дали поставувањето на споменикот „Воин на коњ“ ќе се најде во годинешниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија.

https://p.dw.com/p/11dQy
Фотографија: DW

Евроамбасадорот Соренсен денеска одбегна да коментира дали неговото поставување на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе значи влошување на односите меѓу Македонија и Грција.

„ Во контекстот на ова прашање, најдобро што можам да сторам и ќе го сторам во моментов, е да речам дека ќе видиме што ќе се случи. Какво влијание ќе има тоа на извештајот, чекаме одговор, чекаме да видиме како ќе се одвиваат работите. Јасно е дека работиме на извештајот, но тој излегува дури во октомври. Добрососедските односи се меѓу двајца соседи и треба да видиме како ќе се развиваат работите. Како и претходно, имавме коментари по ова прашање и би се изненадил ако нема коментари за ова и во наредниот период, но моментално не можеме да оцениме што ќе се случи. Ќе треба да почекаме“, рече Соренсен.

Peter Sörensen EU Botschafter Mazedonien
Амбасадорот Петер СоренсенФотографија: MIA

Кацин: „Трн во око за Грција“

Поставувањето на споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје, денеска (17.06) го коментираше и словенечкиот европратеник Јелко Кацин. Според него, тој претставува свесна провокација која оди на штета на европската интеграција на земјата.

За Кацин е спорно и што споменикот се поставува во време кога Грција се наоѓа во тешка економска и политичка ситуација.

Jelko Kacin
Европарламентарецот Јелко КацинФотографија: Europäisches Parlament

„Поставувањето на споменикот на Александар Велики среде Скопје претставува 'прст во око' за соседна Грција, која во моментов се наоѓа во најтешките политички и економски искушенија во последните децении. Наместо одмерена, државотворна политика во добрососедски дух и испружена рака, Владата на Република Македонија отворено и свесно провоцира на штета на европската интеграција на ПЈРМ. Наместо да се овозможи Грција во очите на граѓаните на Македонија да добие статус на добар сосед и пријател, Груевски свесно ја претставува Грција како најголем и најдобар непријател на Македонија“, вели европратеникот Кацин во писмената изјава.

Автор: СН/ЕМФ/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска