1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе дојдат ли побрзо кинеските вакцини?

ДТЗ
30 март 2021

С. Македонија очекува да се забрза испораката на 200.000 вакцини од компанијата „Синофарм“ за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјата.

https://p.dw.com/p/3rOd1
Symbolbild Impfung
Фотографија: Fotolia

Македонскиот државен врв побара од Кина побрза испорака на вакцините против Ковид-19, со цел да се спроведе имунизација на населението. Ваквото барање денеска му беше пренесено на кинескиот министер за одбрана, генералот Веи Фенгхе, кој престојува во официјална посета на С. Македонија. Фенгхе денеска беше примен од претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и од  министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Премиерот Зоран Заев на средбата со високиот гостин од Кина апелирал да пренесе до надлежните кинески институции  дека С. Македонија очекува да се забрза испораката на 200.000 вакцини од компанијата „Синофарм“ за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјата, којшто започнува утре.

-повеќе на темата: Ковид-19: што знаеме за кинеските вакцини?

„Генерал Веи Фенгхе на средбата истакна дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции во НР Кина за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза заради Ковид-19“, велат од Владата.

И претседателот Стево Пендаровски на средбата со генералот Веи Фенгхе потенцирал дека набавката на вакцини од кинеската компанија „Синофарм“ е од особена важност за непречена реализација на масовната имунизација на населението против Ковид-19.

-повеќе на темата: Кинеските вакцини доаѓаат, договорот тајна

Шекеринска на гостинот од Кина му се заблагодарила за поддршката во справувањето со последиците од пандемијата и донациите во вредност од околу 250.000 долари и ја искористила можноста за да побара побрза испорака на кинеските вакцини во земјата.

Кинескиот министер за одбрана истакнал дека 70 земји во светот ја одобриле употребата на кинеските вакцини и дека во Кина се вакцинирани 100 милиони луѓе. Тој најавил дека ќе се заложи за побрза испорака на кинеските вакцини во С.  Македонија, а најавена е и можност за поддршка на македонската Армија со кинески вакцини.