Џафери му испрати писмо на Иванов и „летна“ за Брисел

Новиот собраниски спикер, Талат Џафери со писмо го известил претседателот Ѓорге Иванов за новото парламентарно мнозинство. Попладнево е во Брисел на средби со претставници на ЕУ

Новоизбраниот претседателот на Собранието, Џафери го известил Иванов со писмо за составот на новото парламентарно мнозинство и му го предочил барањето за доделување мандат за состав на новата влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Социјалдемократите информираа дека очекуваат од Иванов веднаш да го додели мандатот, а Заев е подготвен на шефот на државата уште еднаш „да му ја реафирмира владината програма“ која, како што велат, „е силен гарант на унитарноста и целовитоста на Македонија“. Со тоа треба да се отстранат сите сомнежи околу наводни редефинирања на државата, велат од СДСМ.

Истовремено, во Службен весник е доставено и барање за објавување на одлуката за избор на претседател на Собранието и истата треба да биде објавена во првиот нареден број, велат оттаму.

Откако ги заврши формалностите, Џафери утрово одлета за Брисел на средби со највисоките претставници на Европската унија, шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан, како и со пратеници во Европскиот парламент.

Претставниците на ЕУ, САД и одделни земји-членки на Унијата како Германија уште минатата недела експресно го признаа изборот на Џафери за претседател на Собранието и побараа да му се дозволи да си ја врши функцијата согласно законите и Уставот.

Како функционира Собранието?

Законодавна власт

Носител на законодавната власт во Македонија е Собранието. Пратениците кои го сочинуваат се избираат на општи и непосредни парламентарни избори и нивниот број може да биде од 120 до 140, но од првите избори досега, нивниот број е 120. Пратениците во Собранието се избираат со мандат од 4 години. Предвремено распуштање пред истекот на мандатот е можно доколку мнозинството пратеници гласаат за тоа.

Како функционира Собранието?

Постојано заседание

Собранието е во постојано заседание и по конституирањето на пратеничкиот состав претседателот само ги известува пратениците за терминот и дневниот ред на седниците. Пратениците ја извршуваат својата функција преку учеството во пленарните седници и седниците на собраниските тела. Собраниските комисии немаат право да донесуваат одлуки, туку само да даваат мислења и предлози.

Како функционира Собранието?

Надлежности

Надлежностите на Собранието и основните правила за неговото функционирање, се дадени во Уставот. Затоа тоа што не постои Закон за Собрание, деталите околу постапката за неговата работа и неговите тела се регулирани со Деловникот за работа на Собранието.

Како функционира Собранието?

Како се носат законите?

Една од главните задачи на Собранието е носењето на закони. Законите ги претставуваат правилата во општеството и со нив на граѓаните им се гарантира некое право, им се забранува некое поведение, или им се наредува да постапуваат на одреден начин. Во зависност од видот на законите, тие можат да се донесат со просто, апсолутно, двотретинско (квалификувано) или двојно мнозинство.

Како функционира Собранието?

Просто мнозинство

За законите кои се донесуваат со просто мнозинство потребно е позитивно да се изјаснат мнозинството од присутните пратеници во Собранието, но најмалку една третина од вкупниот број на пратеници, односно најмалку 41.

Како функционира Собранието?

Апсолутно мнозинство

За да се донесе закон за кој е потребно апсолутно мнозинство, потребна е поддршка од страна на мнозинството од вкупниот број на пратеници во Собранието, односно најмалку 61 пратеници.

Како функционира Собранието?

Двотретинско (квалификувано) мнозинство

Двотретинско или квалификувано значи дека за одреден закон е потребно позитивно да се изјаснат две третини од вкупниот број пратеници во Собранието. Ова значи дека законот е донесен кога за неговото донесување гласале 80 пратеници.

Како функционира Собранието?

Двојно мнозинство

Двојно мнозинство е потребно за законите што се однесуваат на правата на заедниците (употреба на јазици, лични документи, употреба на симболи и сл.), Собранието одлучува со мнозинство гласови, при што е потребно да се изјасни и мнозинството од пратениците што припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија, т.н. Бадентерово мнозинство.

Како функционира Собранието?

Дефинирани со Уставот

Во Уставот на Република Македонија се точно прецизирани законите за кои се бара двотретинско мнозинство. Тоа се: Законот за грб, знаме и химна; Законот за организација на органите на државната управа; Законот за судови; Законот за локална самоуправа; Законот за одбрана и законите за судски постапки.

Следете нѐ