1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џез традицијата на синтскиот Џанго клан од Хамбург

С. Хофман/С.Недевски22 септември 2013

Четворица музичари од групата Џанго Делукс се потомци на Џанго Рајнхард, еден од најславните џез гитаристи во светот. Сите му припаѓаат на едно од најголемите семејства на Синти во Германија.

https://p.dw.com/p/18ydp
Фотографија: AP

Се викаат Џанго Делукс и свират џипси џез. Живеат во Хамбург, а по народност се Синти. Четворицата музичари се членови на едно од најголемите синтски семејства во Германија.

Музиката ги придружува уште од детството. Тие се наследници на легендарниот џез гитарист Џанго Рајнхард. „Тоа е нашата музика, нашите корени. Од таму потекнуваме. Свириме и помодерна музика. Ја познаваме и неа и можеме да ја свириме. Но, тоа не сме ние.“, вели Џовани Вајс,гитарист во „Џанго Делукс“

Нивниот звук е под белегот на Џанго Рајнхард, кој во првата половина од минатиот век му донесе светска слава на џипси џезот. Сличен успех сега постигна еден од неговите роднини: Џовани Вајс.

Reinhardt Brüder setzen Tradition großer Sinti Musiklegenden fort
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Неодамна тој е прогласен за најдобар џез гитарист во Германија и му е доделена наградата Ехо. А музиката е само негово хоби.

Имено, тој и неговите браќа се сопственици на отпад во хамбуршката населба Вилхелмсбург. На тој остров на реката Елба живее веќе четвртата генерација од ова големо семејство. Новиот албум на Џанго Делукс затоа и го доби името по таа хамбуршка населба.

„Поврзани сме со Вилхелмсбург. Тука израснавме, а тука израснаа и нашите родители. И тоа е таа врска. Поради тоа и го нарековме нашиот албум Вилхелмсбург.“

Додека Џовани бил дете, семеството често се селело. Но, потоа останале овде. Повеќе од 500 членови на семејството живеат во сопствена населба во куќи во низа. Заедно работат многу работи.

„Се среќаваме надвор, играме во дворот, се собираме тука за да свириме. Семејството е со нас. Тие јадат, пијат, прават скара и се дружат.“

Џовани Вајс неодамна стана и самиот татко. Неговата ќерка Џенезис исто така расте со звуците на џипси џезот.

Frankreich Geschichte Musik Gitarrist Django Reinhardt
Фотографија: ullstein bild - Roger Viollet

„Ние растеме со музиката. Ја слушаме уште како деца. Во семејството секогаш има одредена личност која по малку се занимава со музика или добро свири. Од неа учат другите. Ќе не научи неколку акорди и ни го покажува патот. Ни кажува што треба да сториме и како.“

Својата умешност семејството им ја пренесува на новите генерации како во игра, без ноти. И бендот „Џанго Делукс“ свири само по слух. Тоа едноставно им е во крвта.