1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Џенова: Зарем треба да се умира за работите да се променат?

ЕМФ /агенции
16 август 2018

Обвинителствто во Џенова стравува дека под урнатините на мостот Моранди има уште 10 до 20 лица. Бројот на загинати во катастрофата се зголеми на 39. Жителите на Џенова бараат одговорност.

https://p.dw.com/p/33GBs
Italien Genua | Einsturz Autobahnbrücke Morandi | Rettungsarbeiten
Фотографија: Imago/Xinhua/A. Lingria

Спасувачките екипи не запираат со пребарување на урнатините за да стигнат до евентуални преживеани во катастрофата на мостот Моранди. Главниот обвинител во Џенова, Франческо Коци, изјави дека сѐ уште би можело да има „меѓу десет и дваесет исчезнати лица“. Надежите дека сѐ уште има живи под урнатините со секој изминат час се намалуваат. Жителите наЏеновасе бесни на компанијата која управува со автопатот - Аутостраде, но и на властите кои немаат доволно интерес за тоа како се одржуваат автопатите.

Зарем треба да се умира за работите да се променат?

Франко, кој живее во околината на урнатиот мост, е сигурен:

„Ќе видите, на крај ќе го обвинат инженерот што го градел мостот... кој е мртов! Сите останати ќе си ја спасат кожата."

Неговата сосетка Паола е избезумена од грижи:

„Мојата куќа е во околината на мостот. Ми се плаче. Не знаеме што нѐ чека. Се грижат само за автопатот, но не и за нас, околу 600 луѓе кои сме евакуирани од домовите. А јас имам четиригодишно дете!“

Еден жител од Џенова со резигнација констатира:

„За жал, луѓето секогаш мора да умираат за работите да се променат и подобрат во Италија.“

Со него се согласува и жена која со солзи во очите ја посматра сцената на катастрофата:

„Мислам дека не се одржува како што треба, политичарите немаат доволно интерес. Сега одеднаш сите се појавуваат, зборуваат за тоа. Зарем мора да се случи нешто толку ужасно и зарем луѓето мора секогаш да умираат за работите во Италија да се променат?“