1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бејли за првиот роденден на „Пржино“: Договорот е жив!

Катерина Блажевска2 јуни 2016

Владата мора да покаже посветеност кон плуралистичка демократија и спроведување на реформите од Пржинскиот договор. Тоа значи дела, а не зборови, вели амбасадорот на САД.

https://p.dw.com/p/1Iyge
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Потпишан, поддржуван, но и критикуван и опструиран. Иако преку одредени активности дел од неговите потписници одамна го „погребаа“, тој им пркоси на блокадите и денес ќе го прослави првиот роденден. Потпишан е на 2 јуни, дополнет со Анекс на 19 јуни и со финален протокол на 15 јули 2015 година. Во јавноста тривијално беше наречен Договорот од Пржино, за да се избегнат лошите асоцијации што би ги произвел локалниот топоним Црниче во неговото име. Се покажа дека нема голема разлика дали ќе биде „спржен“ или „зацрнет“, со оглед дека оттогаш до денес доживеа и многу црни денови и блокади. Но, и успеси. Иако ретко кој со сигурност ќе одговори дали Договорот е функционално жив или е во некаква привремена хибернација, ако внимателно се анализира хронологијата на настаните од 2 јуни лани до денес, разликите се евидентни. Главната придобивка од Договорот за мнозинството граѓани и натаму е формирањето на Специјалното јавно обвинителство, во кое ја гледаат надежта за враќање на правдата. Првата роденденска свеќа на Договорот ја поистоветуваат токму со важноста на оваа институција.

„Зарем помина една година? Ми изгледа како вчера да беше“, вели Симонида М. (37) на враќање од протестот на „Шарената револуција“. Експресно одговара на прашањето која е најголемата придобивка од Договорот од Пржино, по една година.

„Се разбира, Специјалното обвинителство. Тоа е најдоброто нешто што ни го донесе Договорот. И тој мора да се почитува и да спроведува и понатаму. Кај нас ништо не оди ни брзо ни лесно, но сигурна сум дека ефектите ќе дојдат“, вели таа. Сите околу неа го делат истиот оптимизам.

Johannes Hahn in Skopje
Јоханес Хан во Скопје, јуни 2015.Фотографија: MIA

Останува уште многу работа

Договорот беше потпишан доцна во ноќта по тешки целодневни преговори на кои присуствуваа еврокомесарот Јоханес Хан, лидерите на четирите најголеми партии - ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА, како и амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав. Маратонските разговори станаа заштитен знак и на сите негови натамошни фази и дополнувања, кои имаа една цел: да биде создадена и спроведена заеднички прифатена рамка за излез од политичката криза. Една година потоа, пред Македонија сѐ уште стојат многу предизвици, но насоката за излез од кризата е јасно трасирана.

„Договорот од Пржино е жив“, вели за Дојче веле амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, кој помина многу денови посветени на помош во раѓањето на „Пржино“.

„Неговите фундаментални елементи - одговорност за скандалот со прислушквањето, инклузивен политички процес особено во Собранието, и реформи кои водат кон веродостојни избори - остануваат најдобриот начин за излез од сегашната политичка криза и кон интеграција во ЕУ и НАТО. Никој не кажал дека спроведувањето на договорот ќе биде лесно. Навистина имаше многу одложувања и опструкции. Сепак, една година подоцна, СЈО ги истражува прислушуваните разговори и наводите за сериозни злоупотреби кои произлегуваат од тие разговори. Се основаше понезависна ДИК, и се воведоа реформи во Изборниот законик. Многумина ми велат дека сега граѓаните се поистрајни во барањето лидерите да ги исполнат своите обврски кои произлегуваат од Пржинскиот договор“, вели амбасадорот Бејли.

Mazedonien US-Botschafter Jess Baily VORLÄUFIG - NICHT NUTZEN
Аболицијата треба да се повлече јасно и сеопфатно, бара БејлиФотографија: DW/P. Stojanovski

Но, јасно посочува и дека „преостанува уште многу работа“.

„Аболицијата треба да се повлече јасно и сеопфатно. Специјалната јавна обвинителка мора да биде во состојба да ја изврши својата работа без опструкции и мешање. Владата мора да покаже посветеност кон плуралистичка демократија и спроведување на реформите од пржинскиот Договор. Тоа значи дела, а не зборови. Тоа значи вклучување на опозицијата, на ставот на цивилното општество, и воведување вистински систем на проверки и рамнотежа во владините структури. Без одговорност, без реформи и без веродостојни избори, Македонија ќе остане заглавена во кризата, со нарушен углед. Никој не го посакува тоа“, дециден е амбасадорот.

Притоа, тој потенцира дека САД ги поддржуваат аспирациите на Македонија за влез во НАТО и ЕУ.

„Македонија располага со човечки ресурси за излез од оваа криза и за враќање на евроатлантскиот пат, но не со продолжување како и обично. Политичките лидери, граѓанското општество, медиумите и бизнис секторот треба да се однесуваат одговорно и во согласност со владеењето на правото. Ве уверувам дека се додека Македонија го прави тоа, може да смета на поддршката на САД и другите меѓународни партнери“, изјави амбасадорот Бејли.

Договор од највисока важност

Од ЕУ нема нова рецензија за придобивките и застојот во Договорот, една година потоа. Портпаролката на ЕК не одговори на прашањето на ДВ, а од Делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека нивните ставови во однос на Договорот од Пржино се содржани во изјавата на Кристијан Даниелсон, директор во Директоратот за проширување и соседска политика на ЕК, кој минатата недела беше во дводневна посета на Македонија. Тој тогаш изјави дека Договорот за Пржино е од највисока важност и политичките лидери треба да го почитуваат.

„Оваа рамка и натаму е најдобриот начин да се движат на земјата да излезе од сегашната криза“, рече Даниелсон. Притоа порача дека императив е да се повлече одлуката на претседателот за аболиција, бидејќи во земја кандидат за членство во ЕУ мора да постои еднаков третман пред законот и не може да постои неказнивост и селективна правда. Притоа потенцираше дека мора да се дозволи СЈО да ја врши својата работа.

„Тоа е од суштествено значење за да се обезбеди одговорност и да се обнови довербата во владеење на правото, како и довербата на граѓаните во правосудниот систем“, рече Даниелсон укажувајќи дека поткопувањето на работата на СЈО е црвената линија за меѓународната заедница.

„Европската Унија е сериозно загрижена во однос на ситуацијата во земјата. Политичките лидери и релевантните власти мораат итно да ја адресираат ситуацијата во интерес на граѓаните и со цел земјата да се врати на евроатлантскиот пат“, порача Даниелсон, повикувајќи ги политичките лидери да подготват кредибилни избори со реформи спроведени на инклузивен начин.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Петтиот „преговарач“

Четирите потписнички на Договорот иако јавно го поддржаа, во изминатата година различно се однесуваа кон обврските од Договорот. По второто одложување на изборите, владејачката коалиција минатиот месец ја врати на сцена старата политичка влада, со став дека техничка влада законски е предвидена само сто дена пред избори. По претседателската одлука за аболиција „големата четворка“ нема одржано ниту една заедничка средба, а според опозицијата, услов за какви било разговори е целосното повлекување на аболицијата. Во ситуација на отсуство на меѓупартиски дијалог, Владата најави дека ќе се фокусира на спроведување на Итните реформски приоритети, кои произлегуваат од Извештајот на Прибе. Отсуството на инклузивност во договарањето на реформите, не е тема на владината агенда. Во моментов главна „тема“ е дали ДУИ ќе реконструира неколку свои министри во клучни ресори, заради обезбедување на потребната реформска ефикасност, бидејќи со претходната реконструкција партијата на „Илинденска“ број 2, вдоми млади и неискусни лица. Додека тие седат во владините кабинети, сѐ уште незапознати од јавноста, нивните генерациски другари се на другата страна од барикадата - во редовите на „Шарена револуција“. Една година по раѓањето на „Пржино“, токму „шарените“ стануваат петтиот релевантен субјект, кој на јавна сцена полека, но сигурно го детронизира монополот на „четворката“ во однос на активностите и разговорите за иднината на земјата.