1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џим Јонг Ким - главен фаворит за нов шеф на Светска Банка

ЕМФ/СН/дапд/миа16 април 2012

Извршниот одбор на Светска банка денеска треба да гласа за нов претседател. Јасен фаворит за наследник Роберт Зелик е човекот номиниран од страна на САД - Џим Јонг Ким.

https://p.dw.com/p/14ee9
Џим Јонг КимФотографија: AP

Одборот на директори на Светска банка ќе се сретне денеска во Вашингтон со цел да го избере следниот претстедател на оваа институција, која е една од главните во меѓународната економија.

Иако кандидатот на САД првпат во 66 години е соочен со конкуренција, се очекува дека најмоќните акционери на Банката (САД, Европа и Јапонија), ќе го поддржат Американецот со корејско потекло, лекарот Џим Јонг Ким.

Противкандидат на Ким е нигерската министерка за финансии, Нгози Оконџо-Ивеала. Во петокот од кандидатурата се откажа поранешниот колумбиски министер за финансии Хосе Антонио Окампо кој изјавви дека „трката станала исполитизирана“.

USA Wirtschaft Washington DC Zentrale der Weltbank Gebäude Logo
Фотографија: ullstein bild - Fotoagentur imo

Пред денешното гласање, јужноафриканскиот министер за финансии Правин Гордан побара натамошни реформи во Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд. Гордан денеска изјави дека одлуките за кандидатите кои би ги воделе двете институции веќе не се носат во европските и американските „скриени одаи“, но тој е загрижен дека етаблираните сили и натаму би го имале последниот збор.

Победникот на денешното гласање ќе го замени актуелниот претседател Роберт Зелик, поранешен американски дипломат, кому во јуни му завршува неговиот петгодишен мандат.