1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламскиот екстремизам на Балканот не е масовен феномен

25 мај 2017

Келиите на Исламската држава на Балканот се живи и лесно можат да се реактивираат и да се засили обемот на нивното делување доколку се случат некакви промени, вели во интервју за ДВ, експертот за Балканот, Ведран Џихиќ.

https://p.dw.com/p/2dSfN
Vedran Dzihic
Фотографија: privat

ДВ: Како треба да ја толкуваме загриженоста од САД и Германија за проблемот со исламскиот екстремизам на Балканот?

Џихиќ: Темата на исламскиот екстремизам и растот на исламистичките тенденции на Балканот не е нова. За неа долго известуваат западните медиуми, особено во периодот кога ИД во Сирија беше многу силна. Во својот врв, тоа известување имаше една доза на сензационализам и упаѓаше во општата генерална стигматизација на Исламот која беше распространета во западните земји.

Во меѓувреме, од 2014-2015 наваму од различни причини дојде до запирање на тој проток на исламистички екстремни ќелии кон Сирија и Ирак. На пример, од БиХ последниве години речиси и да нема ниту еден екстремист кој оди во Сирија, од Косово исто така. Но, она што остана е локалниот феномен: салафистите или џихадистите и исламските екстремисти кои се тука, сета нивна инфраструктура е тука и сега се фокусираа на работа во рамките на одредени земји и во рамките на целиот регион бидејќи тие се добро вмрежени и поврзани со дијаспората.
Зошто САД во Конгресот и германската влада сега тоа го отвораат? Јас мислам дека се работи за едно генерално чувство и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин дека доста работи на Западниот Балкан тргнаа наопаку.  Имаме влошена безбедносна ситуација, случувања како во Македонија, целосен застој во БиХ, отровна реторика меѓу Албанија, Србија и Косово итн. И во таа клима, ЕУ и Западот чувствуваат дека го губат тлото под нозете, дека го губат влијанието и дека регионот се дестабилизира, и во сето тоа го имаме како многу релевантно и проблемот со џихадизмот и исламскиот екстремизам. Особено затоа што во сето тоа постои една многу едноставна равенка, а таа гласи: колку е поголема нестабилноста, колку се поголеми безбедносните ризици, колку што се полоши социо-економските услови- поголема е тенденцијата особено младите да бараат засолниште во тие исламистичко-салафистички кругови, и тоа навистина и се случува.

Секако тој феномен не е масовен. Тоа не е мнозинска програма ниту во Албанија, Косово, БиХ или Македонија, но тоа е феномен кој расте и дали таквото интензивно тематизирање на тој проблем од страна на САД и Германија без повлекување на конкретни потези за стабилизирање на регионот е целисходно, дали придонесува да ослабат тие мрежи, тоа е друго прашање.

Колку повратници има во регионот кои се потенцијална опасност?

Многу е тешко да се процени. Знаеме дека во БиХ и Косово близу 30 до 40 проценти од нив или загинале на боиштата или останале таму. На сите тие боишта сѐ уште имаме релативно голем број луѓе од поранешна Југославија. Потоа тука е бројот на повратниците во кои Брисел, Вашингтон или Берлин ја гледаат најголемата опасност за безбедноста. Проценките во БиХ се дека ги има меѓу 120 и 150, некои се казнети, некои се протерани, но за многу нема податоци. Но феноменот на тие повратници постои и тие дефинитивно се безбедносна опасност.

IS-Flagge in Gornja Maoca, Bosnien
Знамиња на Исламската држава во Горна Маоча, БиХФотографија: Ruben Neugebauer

Од една страна го имаме проблемот со повратниците а од друга, ова што го вели германската влада, дека постои засилено влијание на Саудиска Арабија во Косово и појава на радикални движења како салафизмот или вахабизмот. Колку се овие два феномени поврзани?

Доколку се вратиме во историјата на тој процес на радикализација на Исламот на Балканот, тој оди до војната во БиХ со муџахедините, па потоа подоцна зајакнува во 2000-те години и по 2010, јасно е дека ширењето на вахабизмот, односно на салафистичките идеологии е делумно поврзано со Саудиска Арабија, но делумно и не е, и тоа едноставно, со текот на времето стана заеднички феномен. Некои го означуваат како салафизам, некои како вахабизам, што секако не е исто, а некои едноставно како – исламски екстремизам. Но, како и да го означите тоа значи дека прво: имаме влијание на странски држави кое е доста релевантно бидејќи е доволно само да се погледне обемот на парите од Саудиска Арабија и бројот на џамии кои се изградени во Косово или во БиХ за да ни стане јасно... Но факт е дека целиот тој феномен се сумира под една категорија, а таа категорија е отстапување од традиционалниот балкански Ислам, радикално отстапување од некои вредности кои се историски заживеани на овие простори и борба, не само против оние кои не се муслимани, туку и против оние кои, според нив, не се вистински муслимани. Тоа е релевантна разлика која доведува до радикализација и во самата исламска заедница. Тоа е феномен кој е во пораст и во БиХ, Санџак, Косово, Албанија и Македонија. Ги гледаме насекаде тие припадници на салафистичките организации кои делуваат низ разни „културни одделенија“, потоа имаме појава и на тие пара-џемати кои се организирани надвор од Исламската заедница во Косово и во БиХ. Јасно е дека тие со помош на Саудиска Арабија и други земји ја градат таа паралелна инфраструктура која директно им се спротивставува на традиционалните исламски заедници.
На Косово тој феномен има поинаква позадина, затоа што религијата и религиската припадност на Косово до 1990-те години не играа голема улога- националната идентификација се одвиваше преку јазикот и други симболи- но во рамките на тој процес на ретрадиционализирање на целиот регион и зајакнување на влијанието на религиите на целиот Балкан, тој феномен почна да се шири и на Косово.
Сега е индикативно тоа што од Косово има најголем број борци од целиот Балкан на Блискиот исток. Зошто е Косово најспецифично и веројатно најзагрозено? Затоа што Косово е најмладо општество од сите на Западниот Балкан, затоа што социо-економската состојба на тоа младо население е многу лоша и дека по процесот на независноста сѐ стагнираше, па дури дојде и до регрес. Во таква ситуација се појавува таа криза на идентитетот и некој вакум кој го пополнуваат токму такви идеологии како вахабизмот, салафизмот и исламскиот екстремизам. Токму затоа исламскиот екстремизам има најголем пораст на Косово.

Kosovo Festnahmen IS Kämpfer 12.08.2014
Апсење на исламски екстремисти во Приштина во 2014 годинаФотографија: Reuters

Колку е реално силна ткн. Исламска држава на Балканот?

На сите оние подрачја каде Исламската држава нема јасно контролирана територија, а таков е Западниот Балкан, таа е сѐ уште фикција во смисла на државноста, но не и фикција во смисла на тоа дека постојат келии односно симпатизери на Исламската држава во сите овие (Балкански н.з.) земји кои отворено, премолчено, тајно ја симпатизираат или работат на агитација и лобирање врз други за целите кои  ги застапува Исламската држава и во одредени моменти се подготвени да сторат нешто за таа фикција. На пример, да преземат некој терористички напад. Таков напад досега немало на Балканот, но имаше обиди и тоа не е исклучено во иднина.
Конкретно, позната е многу интензивната комуникација на Исламската држава преку социјалните медиуми и преку ткн. пропагандни канали на ИД. Има луѓе кои живеат на нејзина територија и кои одвреме- навреме се огласуваат, се закануваат, шират вести и на некој начин ја подгреваат таа идеја за Калифатот кој треба да го зафати и Балканот. Тоа сега не е толку интензивно како пред неколку години, пред сѐ поради работата на тајните служби и фактот дека ИД губи на фронтовите, со што слабее и на Балканот. Но, секако тоа се келии кои се живи и кои лесно можат да се реактивираат и да се засили обемот на нивното делување доколку се случат некакви промени.

Како Вие го проценувате тој ризик дека Балканот може да стане плодно тло за ширење на екстремички движења и потоа да стане закана и за безбедноста на Европа?

Во сите тие извештаи кои беа презентирани во американскиот Конгрес и од страна на германската влада има некој вид футуристички алармизам. Тоа е проекција на можниот развој на состојбата за иднината. Јасно е дека феноменот постои. Тој феномен ќе остане и ќе го следи развојот на балканските земји и во следните години и децении и јасно е дека Исламот на Западниот Балкан никогаш повеќе нема да ја има истата форма, каква што имаше порано пред сите оние случувања во 1990-те. Тоа нема повеќе да биде само традиционален Ислам, туку ќе постои и тој вид на салафистичко толкување на Исламот. Проекцијата е дека ако продолжи таквиот развој на состојбата во сите тие земји: нестабилност, слаби држави, безбедносни проблеми, лоша економска состојба, тој феномен ќе расте. Засега тој феномен не е масовен, а прашањето на брзината со која ќе расте е целосно нејасно и секако прашањето колку тој феномен има потенцијал да ја загрози Европа. Во најлошото сценарио, доколку се пролонгира оваа нестабилна состојба, може да се случи тие келии да почнат брзо да растат, да се спојуваат пред сѐ со келиите во дијаспората кои постојат и кои се активни пред сѐ во Германија, Швајцарија и Австрија, каде мнозинството радикални исламисти имаат или балкански или чеченски бекграунд. И доколку во Европа продолжи да расте тој процес на стигматизација на Исламот, а на власт, во Австрија на пример, дојдат радикални десничари, може да се случи тоа да стане закана за безбедноста на Европа. Но, јас мислам дека тоа засега е само футуристички алармизам и дека опасноста не е толку голема, затоа што мнозинството муслимани на Балканот сѐ уште самите се спротивставуваат на таквите радикални движења. И се додека нема пресврт во таа насока, тоа ќе остане само на ниво на предупредување.

Д-р Ведран Џихиќ е истражувач и предавач на Универзитетот во Виена и соработник на Центарот за трансатлантски односи на Џон Хопкинс Универзитетот во Вашингтон, САД. Во своите истражувања се фокусира на демократијата и транзициските процеси, европската интеграција, конфликтите и национализмот. На овие теми објавил повеќе книги, текстови и анализи.