1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џонсон Конрол препорака за Македонија

Горан Петрески5 октомври 2006

Денеска во Бунарџик крај Скопје, почна изградбата на фабриката на Џонсон Контрол, каде во иднина ќе се произведуваат автомобилски делови за сите светски пазари.

https://p.dw.com/p/Ac2i
Скопје
СкопјеФотографија: DW

Со премиерска лопата почна изградбата на фабрика на Џонсон Контрол во Бунарџик, близу Скопје. Се очекува да биде готова до крајот на 2007 година, на почетокот да вработи 150 луѓе, а по неколку години и 500. Станува збор за фабрика за автомобилска опрема, инвестиција од 20 милиони долари.

Проектот ќе внесе економски импулс

За премиерот Груевски уште позначаен е импулсот што овој проект ќе го испрати до другите потенцијални инвеститори. „ Верувам дека за брзо време, кон крајот на следната година ќе имаме можност заеднички да ја отвориме веќе изградената во тој период фабрика на Џонсон Контрол, дека вие ќе бидете задоволни, и дека вашите купувачи исто така ќе бидат задоволни од она што ќе го добијат, од вашата прва фабрика во Република Макеоднија. Тоа ќе биде одлучна препорака и за многу други компании да ја разгледаат можноста за инвестирање токму тука во Македонија. Ние како нова влада имаме сопствена програма, која како времето минува и како се имплементира ќе даде одлични нови поволности за инвеститорите, меѓу друготото и најниско ниво на даноци во Европа. “

По премиерот Груевски, лопати фрли сиот негов министерски кабинет, а чест на американските инвеститори дојде да им направи и поранешниот премиер Владо Бучковски во чие време беше вклучен договорот.

Македонија во предност поради поефтината работна сила

За американската инвестиција се натпреваруваа Македонија и Полска. Американските фабриканти се решија за Македонија заради ефтината работна сила и дополнителните даночни олеснувања. Ќе произведуваат електронски производи за сите светски пазри. На почетокот за Франција и за Германија. Нивни клинети се најголемите автомобилски компании.

Џонсон Контрол работи на долг рок

Претседателот на корпорацијата Џон Барт рече дека Џонсон Контрол влегува во Македонија заекогаш. „Ние постоиме 121 година и секогаш работиме на долг рок. Иако ни требаа скоро две години за да ја финализираме одлуката за оваа инвестиција , сепак ние сакаме да бидеме тука за секогаш.“ изјави Барт

На локацијата во Бунарџик, Македонија со години се обидуваше да изгради слободна економска зона. Почна со тајванските лопатки, по нив доаѓаа разни бизнисмени, но никој не се нафати да инвестира. Проектот редовно се активираше пред избори, по потреба и набргу згаснуваше. Џонсон Контрол сега треба да стави крај на неуспешната приказна.