1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џон Мекејн: јастреб во потрага по мир

Михаел Книге
27 август 2018

Џон Мекејн важеше за еден од најценетите сенатори во поновата американска историја. Неговата независност го доведе во конфликт со американскиот претседател Трамп. Мекејн почина на 81-но годишна возраст.

https://p.dw.com/p/33phD
USA Senator John McCain gestorben
Фотографија: picture alliance/AP Photo/J. Scott Applewhite

Кога Џон Мекејн во јуни 2017 накусо откако му беше дијагностициран канцер, се врати во Сенатот чиј член беше 30 години, одржа говор кој наиде на голем одѕив. „На која поголема идеја може да се надеваме да ѝ служиме отколку на тоа да придонесеме Америка да остане силниот и инспиративен пламен на слободата, бранител на достоинството на сите луѓе и на нивното право на слобода и еднаквост?", праша Мекејн реторички. Патетиката со која го изнесе ова прашање кај секој друг би изгледала претерана, кичеста или едноставно така - патетична. Но, не и од неговата уста оти сумира токму тоа во што верувал за време на неговата долга воена и политичка кариера. Токму таквата посебна положба на САД во светот беше неговата мантра, вели поранешниот американски амбасадор Џејмс Џефри, кој го запознал Мекејн во 1990 на подготовките за безбедносната конференција во Минхен.

Уште тогаш Мекејн ги согледувал глобалните политички поврзаности подобро од кој било друг американски чиновник со кого работел, вели Џефри.

Воен рок и заточеништво во Виетнам

Тоа што ги правеше познавањата на Мекејн толку уникатни се неговите доживувања пред политичката кариера. Татко му и дедо му биле адмирали со 4 ѕвезди, а тој ја следел традицијата на фамилијата и ја посетувал престижната академија на американската морнарица и станал воен пилот. Кога САД го засилиле военото присуство во Виетнам, се пријавил за учество во воените акции.

USA Washington Senator John McCain
Фотографија: Getty Images/J. Sullivan

Виетнамците во 1967 му го собориле авионот и тешко повредениот Мекејн паднал во виетнамско заточеништво. Тој 5 ипол години бил воен заробеник и за тоа време бил повеќепати измачуван.

Истакнат член на Конгресот

Повредите од военото заробеништво продинеле да се откаже од воената и да започне политичка кариера. Во 1983 како претставник на републиканците влезе во Пратеничкиот дом, во 1987. се префрли во Сенатот каде ја претставуваше татковината Аризона. За време на неговото политичко делување се профилираше во препознатлив експерт за надворешнополитички и воени прашања. „Џон Мекејн беше еден од најистакнатите членови на Конгресот на 20-тиот и 21-виот век", вели Мара Карлин, експерт за безбедност на универзитетот Џон Хопкинс, која била советник на петмина министри за одбрана. „Неговата лидерска политика беше елементарно неопходна кога се решаваа прашања по Студената војна и кога требаше земјата по нападите од 11. септември повторно да се врати на својот курс", вели Карлин.

Мекејн секогаш бил поддржувач на НАТО и во надворешнополитичките прашања важеше за јастреб кој решенијата често ги бараше во воени интервенции, како на пример во однос на воениот подем на Владимир Путин или пак руската анексија на Крим. Но, тој беше подготвен и за мирни решенија, смета Карлин. „Одигра клучна улога за тоа САД трауматичните сеќавања на војната во Виетнам да ги остават зад себе и да изградат нови релации со Виетнам. Тоа можеби е неговата најголема заслуга."

Особено за надворешно-политички прашања никогаш не се воздржувал од тешки прашања и од тоа да ги постави јавно. Тоа на своја кожа не го почуствуваа само демократите, ами и припадниците на неговата партија. Тој беше принципиелно за влегувањето во Ирак на САД од страна на Џорџ В.Буш, ама војната подоцна ја критикуваше како синџир од грешки.

Кулминација на неговата кариера имаше во 2008 кога Републиканците го номинираа за претседателски кандидат, но на изборите беше јасно поразен од кандидатот на Демократите, Обама.

Bildergalerie Vietnam John McCain in einem Krankenhaus in Hanoi 1967
Фотографија: Getty Images

Против партиската политика

Најважната одлука на Мекејн како сенатор пак, немаше врска ниту со надворешна политика, ниту со безбедност: летото 2017та, половина година по почетокот на мандатот на Трамп и кратко откако му беше дијагностициран канцер, на една вечерна сеанса на Конгресот неговиот глас беше одлучувачки против укинување на здравствената програма „Обамакер". Потегот на Мекејн им зададе на републиканското раководство и на претседателот Трамп тежок удар. Во образложението по неговото гласање, Мекејн ја критикуваше неговата партија и рече дека била само насочена да ја укине здравствената програма на Обама, без притоа да понуди подобро решение. И потоа се надоврза со уште една изјава, која ги опишува етичките вредности на сенаторот:" Ние мора да си ја завршиме тешката задача за нашите граѓани што ја очекуваат од нас и која што ја заслужуваат."

Изминатите месеци Мекејн веќе не присуствуваше во Сенатот, туку заради терапијата остануваше во својот дом во Аризона. Во петокот семејството соопшти дека тешко болниот сенатор го прекинал лекувањето. „Напреднатата болест и староста си го сторија своето", соопштија од семејството. „Со својата вообичаено цврста волја" одлучил да прекине со хемотерапијата. Еден ден подоцна, Мекејн почина на 81- годишна возраст во кругот на своето семејство.