1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џорџо Наполитано е избран за нов претседател на Италија

10 мај 2006

Изборот на кандидатот на владиниот сојуз на левиот центар се толкува како нов успех за идниот премиер Романо Проди

https://p.dw.com/p/Ac6l
Честитки за Наполитано (десно)
Честитки за Наполитано (десно)Фотографија: AP

Претседателот на парламентот Фаустино Бертиноти го објави резултатот од четвртиот круг на гласањето, според кој Наполитано доби 543 гласови од вкупно предадените 990 ливчиња. Тоа се 38 гласови повеќе од неопходниот минимум за избор. Освен претставниците на владиниот табор, очигледно за Наполитано гласале и повеќемина политичари од Алијансата на десниот центар на досегашниот премиер Силвио Берлускони, но главнината од нив сепак во кутијата уфрли празни ливчиња.

Посебното тело, изборното собрание, го сочинуваат вкупно 1009 пратеници, сенатори и претставници на регионите со право на глас. Изборот се отегна на повеќе денови, оти двата спротивставени табора не можеа да се усогласат околу заеднички кандидат, а во првите три кругови на гласање беше неопходно двотретинско мнозинство.

Берлускони, кој во април „за влакно“ беше поразен од Проди на парламентарните избори, му го честиташе на Наполитано изборот изразувајќи надеж дека како шеф на државата ќе дејствува партиски непристрасно.

80-годишниот Џорџо Наполитано на функцијата ќе го замени Карло Азелјо Чампи, кој не сакаше да се кандидира за уште еден претседателски мандат. Наполитано, инаку доживотен сенатор родум од Неапол, го сметаат за умерен политичар со големо искуство. Во минатото беше министер за внатрешни работи во владата предводена од Проди во периодот од 1996-та до ’98-ма, како и претседател на пратеничкиот дом од 1992-ра до ’94-та година. Тој битно придонесе за трансформацијата на Комунистичката партија на Италија во леводемократска партија. Весникот „Ла република“ го опишува како „студен политичар со уметничко срце“ со оглед на склоноста да пишува поезија.

Се очекува веќе во наредните денови Наполитано да му даде мандат на Проди да формира нова влада.