1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џулијан Асанж - и славен и проколнат

Матијас фон Хајн
4 јануари 2021

Во судскиот процес против Џулијан Асанж се одлучува дали тој ќе биде екстрадиран во САД. Но, солидарноста со основачот на Викиликс е ограничена. Прославениот „свиркач“ си прокоцка голем дел од симпатиите. 

https://p.dw.com/p/3nUB9
England London Demonstration Unterstützer Julian Assange
Фотографија: Getty Images/H. Adams

Мислењата околу Џулијан Асанж се поделени. Основачот на „свиркачката“ платформа Викиликс, против кого се води судски процес во Лондон во кој се одлучува за негова екстрадиција, многумина го сметаат за херој кој открил воени злосторства и корупција, за татко на модерното истражувачко новинарствокое работи со огромен број „протечени“ податоци. За други пак е предавник, државен непријател, соработник на рускиот претседател Владимир Путин, или дури и одговорен за изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Или сето ова заедно. 

Неговиот незадоволен поранешен соработник Даниел Домшајд – Берг еднаш го опиша Асанж како „генијален, параноиден и опседнат со моќ“ обвинувајќи го дека го претворил Викиликс во „его трип“ и „премногу си го приврзал до себе и неговата спорна личност“.

За генијалноста делумно е во право. Германскиот магазин „Шпигел“ го цитираше Асанж – „Ако сте многу попаметни од луѓето околу вас, тогаш развивате огромно его – и имате чуство дека секој проблем може да се реши со малку размислување.“

Наводната параноја на Асанж, пак, се покажа целосно основана. Од 2010 Асанж е на „листа за отстрел“ на американските тајни служби како што пишува онлајн медиумот „Интерсепт“ повикувајќи се на тајни документи што ги обелодени Едвард Сноуден. Во нив се документирани повеќе операции на тајните служби чија цел е да го истражат, запрат или барем да му наштетат на Викиликс. 

Обвинувања за силување 

Токму кога Асанжбеше во зенитот на својата слава, неговиот углед за прв пат е екстремно нарушен. Викиликс се прослави летото 2010 година со објавување на видеото „Колатерално убиство“. Со „Дневници на авганистанската војна “ Асанж стана признат лик во новинарството. 

Но, потоа на 21 август, шведскиот таблоид „Експресен“ објави за наводи за силување против Асанж. Ова стана основа за истрага која ќе се одвива со години, иако никогаш не беше покренато обвинение против него за вакво дело. 

Причината беше посетата на две жени во полициска станица во Стохолм. Асанж, познат како прилично промискуитетен, имал односи со двете за време на престојот во Стокхолм во 2010. Но, жените само сакале да знаат дали Асанж може да биде присилен да направи тест за СИДА бидејќи и со двете имал незаштитен однос. Ниту споменале насилство, ниту дека им се заканувал со насилство. 

Гинтер Валраф, еден од основачите на германското истражувачко новинарство, за ДВ вели дека се работи за „кампања за уништување на имиџот“ против Џулијан Асанж. 

„Тој беше обвинет за нешто најстрашно што може да му се префрли на човек во просветлено општество – силување!“ Обвинувањата против Асанж се конструирани за да го направат човекот што откри толку многу работи персона нон грата, вели Валраф повикувајќи се на истрагата на специјалниот известувач на ОН за тортура, Нилс Мелцер. 

Мелцер е Швајцарец, трезвен професор по меѓународно право кој течно зборува шведски поради што можеше да го истражи мноштвото оригинални документи. Во интервју за швајцарскиот весник „Републик“, Мелцер на почетокот од 2020 за првпат покрена сериозни обвинувања против шведските власти, со тврдење дека се манипулирани докази од политички причини. 

„Тоа имаше големи влијание со години“ вели Гинтер Валраф и раскажува колку многу морал да им разјаснува на своите пријатели и познаници за да организира поддршка за Асанж. 

Uk London Julian Assange
Џулијан Асанж со години мета на тајните служби на САДФотографија: Reuters/S. Dawson

Гласноговорник на Путин? 

Првите критики за наводна блискост со Москва се појавија во 2012. Џулијан Асанж продолжува со својата новинарска работа, најпрвин од домашен притвор, а потоа и од азил од еквадорската амбасада во Лондон поради во меѓувреме испорачаното барање за екстрадиција од Шведска. 

Со својата продукција Квик Рол креира политичко ток-шоу насловено „Светот утре“. Прв клиент е државниот јавен сервис „Русија денес". Првото интервју е со Хасан Назрала, првиот човек на шиитската милиција Хезболах во Либан преку видео линк. Тоа е прво меѓународно интервју со контроверзниот лидер на Хезболах во последните шест години. 

Екслузива? И овојпат – како и секогаш кога се работи за Асанж – мислењата беа поделени. Во Германија имаше лавина критики, во најголем дел дека Асанж воопшто не бил критички настроен кон Назрала. Асанж исто така беше критикуван од „Њујорк Тајмс“ и „Гардијан“ чиј поранешен дописник од Москва, Лук Хардин го нарече „корисен идиот“ за руската пропагандна машина. Би-Би-Си пак се концентрираше на понудата за посредување на Назрала за граѓанската војна во Сирија.

Асанж продуцираше вкупно 12 вакви емисии, со најразлични соговорници меѓу кои и актуелниот пакистански премиер Имран Кан, словенечкиот филозоф Славој Жижек и левичарскиот интелектуалец Ноам Чомски. 

Помошник за изборната кампања на Трамп? 

Во екот на претседателската кампања во САД во 2016, Викиликс објави илјадници мејлови на Демократите, вклучително и од нивната кандидатка за претседател, Хилари Клинтон. Овие не само што и наштетија на изборната кампања на Клинтон против Доналд Трамп, туку многу му наштетија и на угледот на Асанж, смета истражувачкиот новинар Валраф. 

Во овој случај, јавниот интерес за информациите е релевантен бидејќи укажуваат на влијание на партиското раководство во корист на Хилари Клинтон, а на штета на Берни Сандерс во предизборието. 

Валраф се спротивставува на тврдењата за наводна блискост на Асанж со Русија повикувајќи се на објавите на Викиликс за Путин и кршење на човековите права во Русија. 

Енди Милер – Магун, поранешен портпарол на компјутерските клубови Хаос, тврди дека речиси еднаш месечно го посетувал Асанж додека бил во азил во амбасадата, како претседател на Фондацијата Вау Холанд, која меѓу другото се залага за слобода на информации. Во однос на поврзаноста на Асанж со американската изборна кампања, и особено со личноста на кандидатката Хилари Клинтон, Милер – Магун зборува за „екстремно критична дебата за тоа до каде коментарите се во духот на новинарството и слободата на говорот, а каде започнува напад врз личноста.“  

Но, во разговор за ДВ, Милер- Магун сепак изразува разбирање за Асанж: „Хилари Клинтон повеќепати јавно кажа дека тој треба да биде ликвидиран со дрон. Таа беше министерка за надворешни работи кога тој во 2010 ги објави депешите од амбасадите, во дневниците за војните во Авганистан и Ирак. Тој се бореше таа да не стане претседател бидејќи тоа за него беше квази прашање на живот или смрт. Затоа не можете да му забележувате за тоа што го стори.“