1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џунтинт - денот кога заврши ропството во САД

Карла Блајкер
19 јуни 2020

На 19 јуни црнците во САД го слават Џунтинт - денот кога се ослободени последните робови. Многу белци никогаш не слушнале за тој празник. Но, годинава Џунтинт има посебно значење.

https://p.dw.com/p/3e1j0
USA Philadelphia Juneteenth Jahrestag
Парада на Џунтинт во Филаделфија во 2019 годинаФотографија: picture-alliance/NurPhoto/B. Slabbers

Еден од најголемите празници во САД е 4 јули. Тогаш многумина имаат слободен ден, се собираат семејствата и пријателите, се прави скара, а навечер сите гледаат огномет со што секое место, дури и малите, ја прославува независноста од британските колонијалисти.

Но, на кого се однесувала таа независност од странскиот господар која е прогласена на 4 јули 1776 година со потпишување на Декларацијата за независност и која оттогаш се слави секоја година? Фредерик Даглас, кој и самиот бил роб, а подоцна писател и активист за борба против ропството, за тоа зборувал во 1852 година: „Овој 4 јули е ваш, не е мој“, рекол Даглас во сојузната држава Њујорк. Слободата и независноста не се однесувале на црните робови.

Повеќе:

Бесконечната борба за еднаквост во САД

ХБО го симна од репертоар „Одвеано од виорот“

САД и расизмот: Помалку пари за полицијата?

„The Talk“ - подготовка на децата за соочување со расизмот

Тие морале да чекаат до 1865 година, барем кога станува збор за Тексас. Официјално, ропството било укинато две и пол години претходно. Претседателот Абрахам Линколн на 1 јануари 1863 година ги прогласил сите робови за слободни. Само во Тексас речиси и да немало војници кои би обезбедиле примена на новиот закон.

Но, на 19 јуни 1865 година, војската на северните држави влегува во Тексас, ја носи радосната вест и го спроведува законот - наспроти отпорот од страна на робовладетелите. Оттогаш Афроамериканците како ден на ослободување го слават 19 јуни - Џунтинт, што на англиски е комбинација од месецот јуни и бројот деветнаесет (June/Nineteenth). За ова досега не сте слушнале? Не слушнале ниту многу американски белци.

Frederick Douglass
Фредерик Даглас бил еден од најзначајните американски говорници и писатели во свое времеФотографија: Collection of the Smithsonian National Museum of African American History and Culture

Џунтинт - важен дел од историјата на САД

Колкумина знаат за празникот и неговото значење зависи од тоа во кој дел од Америка се наоѓате. „Во Мериленд живеам веќе 15 години“, вели Мелвин Едвардс, портпарол на округот Ан Арандел во близина на Балтимор. „Овде нема многу луѓе кои знаат за Џунтинт, во секој случај нема многу белци кои знаат за тоа.“ Предците на Едвардс биле робови во Тексас, каде и тој е израснат. „Џунтинт е празник во Тексас, за него таму знае поголем број луѓе.“

Тоа што Денот на ослободувањето на последните робови во однос на Денот на независноста е толку непознат, е лесно да се објасни, вели за ДВ Едвардс. „За него не се учи на училиште.“ Дури и во февруари - „месецот на историјата на црнците“, кога учениците од сите одделенија во земјата учат повеќе за историјата и традицијата на црнците, Џунтинт нема значајна улога.

Die Emanzipationserklärung des Präsidenten der Vereinigten Staaten 1863
Претседателот Абрахам Линколн на 1 јануари 1863 година ги прогласил сите робови за слободниФотографија: Collection of the Smithsonian National Museum of African American History and Culture

Оној кој на училиште не слушне ништо за тој празник и кој расте главно во опкружување со белци, тој не може да дознае многу за „Денот на независноста на црнците“, како што уште го викаат Џунтинт. Притоа, 19 јуни 1865 година е важен дел од историјата на САД, смета Едвардс. „Не сакам тоа да биде ограничено само на заедницата на црнците. Сите ние сме дел од САД, значи сите би морале да ја знаеме таа историја.“

Додека Џунтинт се етаблирал како празник во заедницата на црнците минале околу сто години. „По движењето за граѓански права и движењето ’Black Power’ од 1960-те и 1970-те, Афроамериканците почнаа да ја слават својата историја и со гордост да гледаат на своите корени. Џунтинт е добра прилика за тоа“, вели Џоан Хиполајт, кустос во Националниотбмузеј на афроамериканска историја и култура и експертка за културна историја.

Денес Џунтинт се одбележува со специјални богослужби и скара, во кругот на семејството или со целото соседство. Притоа, црвената боја е многу важна, но Хиполајт со насмевка вели дека не знае да објасни зошто. На тој ден многумина носат црвена облека, се сервираат црвени намирници, како сок од јагоди или познатата црвена американска торта (Red Velvet Cake).

USA: Black Lives Matter Protest in Washington D.C.
Протестите против расизам и полициско насилство, по насилната смрт на Џорџ Флојд, се одржуваат не само во САД, туку ширум светотФотографија: Getty Images/AFP/R. Schmidt

„Не се работи за тоа што мислат белците“

Но, дел од Џунтинт со години се и протестите против расизмот и полициското насилство. Мелвин Фут е претседател на политичката организација „Constituency for Africa“ од Вашингтон, која настојува да им ги приближи на американските граѓани и политичари темите поврзани со африканскиот континент. Според мислењето на Фут, Џунтинт е „Ден на рефлексија“, ден кога луѓето би требало да размислат колку далеку отишла земјата откако се ослободени робовите, но и за тоа што уште мора да се промени.

Оваа година постои дополнителна причина за размислување не само поради полициското насилство кое доведе до смрт на Џорџ Флојд и протестното движење Black Lives Matter ширум земјата. Имено, актуелната пандемија на коронавирусот покажа колку е голема нееднаковста во американскиот здравствен систем. Не многу сензитивен беше и планот на претседателот на САД, Доналд Трамп, на Џунтинт да го одржи својот прв голем предизборен собир по „корона-локдаунот“ и тоа во Талса, градот во кој во 1921 година е извршен еден од најстрашните масакри над црнци во историјата на САД. Многумина без згрозени од таквата одлука, па Трамп го помести собирот за ден подоцна. Сето тоа предизвика „поголемо внимание“ врзано за Џунтинт, вели Фут.

„Штом ќе ви ја видат бојата на кожата...“

Позитивно е што се’ повеќе луѓе се запознаени со значењето на тој празник, но Џунтинт е ден кога заедницата на црнците би требало пред се’ да се сврти кон себе. „Не се работи толку за тоа што мислат белците, туку за тоа што мислиме ние“, вели Фут за ДВ. „Што мислиме за себе, што мислиме за нашите деца, за нашата заедница. Овогодишниот Џунтинт ќе биде во знак на потребата да се кренеме.“