1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

10 години од потпишувањето на македонско-грчката спогодба

13 септември 2005

Пред 10 години, на 13 септември Македонија и Грција потпишаа привремена спогодба што делумно доведе до нормализирање на билатералните релации.

https://p.dw.com/p/AcCi
Македонското знаме
Македонското знаме

По прогласувањето на независноста во 1991 година, односите на двете земји драматично се влошија, посебно поради името. Како ,,Поранешна Југословенска Република Македонија“ земјата во 1993- та година конечно беше примена во ОН.

Компликуваното државно име впрочем на земјата и донесе извесни симпатии, но исто така и проблеми за целата меѓународна комуникација. Десет години по привремената спогодба, се уште не е на повидок решение за спорот околу името.

Кога деновиве Полска како 112 држава ја призна Македонија под официјалното име, како и многу пати во минатото имаше протести од страна на Грција. Така беше и есента 2004, кога САД ја призна Македонија под нејзиното уставно име, и со тоа им даде сигнал на ЕУ државите да се погрижат за изнаоѓање конечно решение на спорот. Во последниве 14 години Грција секогаш одново со интензивна дипломатска активност се обидуваше да спречи новата македонска држава да биде признаена под уставно име.

Грција го бара името Македонија само за својата северна провинција, но истовремено стравува од територијални претензии на нејзиниот северен сосед. Таа против Македонија прогласи економско ембарго со штета од неколку стотини милиони долари. За да се премости безизлезната ситуација, а и под притисок на меѓународната заедница, Македонија промени делови од уставот и знамето со актичкиот симбол - сонцето со 16 краци го намали на 8. Како резултат на тоа, на 13 септември 1995 година Македонија и Грција, ставајќи го во загради до денес се уште нерешениот спор за името, склучија привремена спогодба. Документот на англиски јазик го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Стево Црвенковски и Каролос Папуљас. Македонската страна, соодветно на тоа, се откажа и од правата на македонското малцинство во Грција и од употреба на македонските топоними во Северна Грција.

Ситуацијата потоа донекаде се подобри. Денес Грција е важен економски партнер на Македонија. Актуелниот грчки премиер Костас Караманлис отворено и го честиташе државниот празник на Македонија по повод денот на независноста 8 септември. Караманлис активно работеше на изнаоѓање решение во спорот околу името.

„Ние предлагаме политичко решение и сметаме дека врз основа на тоа можеме навистина да дојдеме до решение на проблемот„ - изјави неодамна Караманлис во Берлин.

Релациите Атина Скопје според многумина би биле извонредни кога не би постоел спорот околу името на Македонија. На грчкиот премиер му успеа да направи мајсторско дело. Пролетва тој им наметна на грчките политичари компромисно решение во спорот околу името. Соодветно на тоа, северниот сосед би требало да се нарекува Р. Македонија – Скопје. Ова изненадува дотолку повеќе што досега за грчката страна користењето на зборот Македонија воопшто не доаѓаше предвид. Ваквиот пробив може да се третира како успех на со години активниот посредник на ОН во грчко македонскиот спор, Метју Нимиц. Пред неколку месеци, тој на посредниците на двете земји во Њујорк им го пренесе својот предлог.

„Зборувавме за она за што двете страни сметаа дека е соодветно. Ќе ги продолжиме преговорите„ – посочи дипломатски Нимиц.

Неговиот предлог во Македонија не беше прифатен со воодушевување. Одговорните во Скопје не се повеќе подготвени да прават натамошни отстапки околу уставното име на земјата. Тие од своја страна како решение го наметнаа следниов предлог - уставното име на земјата да се користи во меѓународната комуникација, а Грците интерно и во билатералните односи да користат друго име во договор со македонската страна. На скорешно решение активно работи и македонскиот премиер Владо Бучковски:

„Ние и натаму прифаќаме да продолжат поинтензивно разговорите во Њујорк. Подготвени сме засилено да преговараме и да бараме партнерство со Грција затоа што таа е нашиот најмоќен сосед“.

Не само двете земји знаат дека е неопходно скорешно изнаоѓање решение. Во меѓународната комуникација е многу мачно и напорно да се користи компликуваното име ФИРОМ. Некои земји, официјално или неофицијално го избегнуваат тоа и го користат само името Македонија. Грците меѓутоа се упорни и ја користат својата силна улога во ЕУ и НАТО да го спречат призанавањето на уставното име на Македонија.

Оваа проблематика последниве месеци беше тема и за ЕУ политичарите. Со текот на времето многу нешта се променија во корист на Македонија, па оттаму и многу одговорни политичари се на мислење дека ваквата ситуација со Македонија е неподнослива и дека секоја земја има право на своето име. Вакво мислење застапува и ЕУ пратеничката Ута Цапф.

„Ако погледнете сосема внимателно ќе видите дека полека се пробива праксата, која повеќе не прифаќа да се користи неславното име ФИРОМ. Значи, останува само да се направи меѓународен пробив, а тоа е она најмалку што јас го очекувам од мојата влада“.

Ута Цапф и како пратеничка на СПД беше иницијатор на декларацијата на Германскиот Бундестаг од есента 2004. Во неа се препорачува Македонија да биде признаена под нејзиниото уставно име. На германската иницијатива се надоврзаа и британските пратеници. Дански пратеник дури поднесе резолуција пред Советот на Европа за прифаќање на уставното име на Македонија, но таа не наиде на поддршка.

Под големо влијание на Грција, европските политичари сепак останаа на ставот двете земји проблемот да го регулираат билатерално. Десет години откако Македонија и Грција си подадоа рака и ги регулираа односите, спорот околу името се уште е актуелен. Од годинешното Генерално собрание на Светската Организација во Њујорк, што е во тек, сега се поврзуваат нови очекувања. Од дипломатски кругови се дознава дека во рамките на самитот делегациите на двете земји ќе се сретнат со посредникот на ОН Метју Нимиц. Секако дека е премногу да се очекува дека сега одеднаш ќе се постигне пробив во оваа веќе десет години заплеткана ситуација.