10 спектакуларни забавни паркови во Европа
За обожувателите на забавни паркови во Европа дефинитивно има голема понуда од која што може да бираат. Ви претставуваме 10 забавни паркови кои заслужуваат да се најдат на врвот на сечија топ листа.
„Европа парк“ во Руст, Германија
Забавниот парк „Europa-Park“ кој се наоѓа во близина на Фрајбург во септември 2016 година ја освои меѓународната награда за најдобар забавен парк во светот. Најголемиот забавен парк во Германија има повеќе од 100 атракции сместени во 14 тематски делови инспирани од различни региони во Европа. Најголемата ѕвезда меѓу лудите железници забрзува од 0 до 100 километри на час за 2,5 секунди.
„Виенски пратер“ во Виена, Австрија
Среде главниот град на Австрија, во зеленило се наоѓа најстариот забавен парк во светот, Вурстелпратер, кој беше инспирација и модел за конструирање на многу други забавни паркови во светот, а оваа година слави 250-ти роденден. Годишно преку 4 милиони туристи ги посетуваат знаменитостите во паркот, највпечатливо е 65 метарското панорамско тркало, исто така и еден од најпознатите белези на градот
„Дизниленд Париз“, Франција
Дизниленд Париз е познат по тоа што ги оживува карактерите од фантастичниот свет на анимираните филмови на Дизни, од кои, први и секако најважни се Мини и Мики Маус. Секоја година, околу 15 милиони посетители минуват низ капиите на дворецот Дизниленд. Забавниот парк е многу голем и се простира на површина од 2.000 хектари што е речиси колку една петтина од вкупната површина на Париз.
„Гардаланд“ во Кастенуово дел Гарда, Италија
Гардаланд е детално дизајниран фантастичен свет инспириран од едно магично дрво. Тоа е и јамата на маскотата на паркот, змејот Прецемоло. Секоја година, околу 2,75 милиони туристи се привлечени од забавниот парк кој се наоѓа покрај езерото Гарда, каде што можат да уживаат во повеќе од 40 атракции поделени во 4 тематски делови: андреналин, авантура, фантазија и шоу.
„ПортАвентура“ во Салу, Шпанија
Најголемиот забавен парк во Шпанија, ПортАвентура, се наоѓа јужно од Барселона и има неколку тематски делови. Паркот е многу популарен помеѓу туристите и локалното население, поради што годишно го посетуваат 3.5 милиони посетители. Во 2007, во овој забавен парк се отвори еден од најбрзите ролекостери во Европа т.н. “Furious Baco” со максимална брзина од 135 километри на час.
„Зумарин Алгавре“ во Гиа, Португалија
Повеќето од атракциите во Зумарин во Гуиа, Португалија ги изведуваат морски животни. Делфините, фоките и морските лавови изведуваат различни трикови во неколку посебни перформанси. Останатите жителите на паркот, папагалите, исто така се појавуваат на сцената. Посетители можат да го искусат воденото живеалиште на домаќините во базенот со бранови и низ водените лизгалки.
„Алтон Тауерс“ во Фарли, Британија
Овој забавен парк се наоѓа северно од Бирминген во Англија. Алтон Тауерс го добил името според остатоците на готскиот замок кој се наоѓа во средината на паркот. Во внатрешноста, посетителите можат да се возат на маѓепсаниот воз во обид да ја отфрлат старата маѓија. Во паркот има и ботаничка градина со одличен поглед на целиот комплекс.
„Ефтелинг“ во Катсхојфел, Холандија
Во Ефтелинг сè се врти околу бајките и ликовите во нив: троловите, џуџињата и змејовите. Во овој парк се нудат повеќе од 30 атракции, меѓу кои е и 3Д кино, воден тобоган и шума како од бајките. Новитет е тобоганот Барон 1898. Неговите патници стануваат активни карактери во неговата приказна: тие се пријатели на богатиот барон кој пронашол злато во рудник со јаглен.
„Леголенд“ во Билунд, Данска
Леголенд во Билунд, Данска е конструиран од лего коцки и блокови од секакви форми и бои. Во изградбата се искористени повеќе од 60 милиони лего делови. Паркот прв пат беше отворен во 1968 година, на само неколку километри од Лего фабриката како прв Леголенд од десетте тематски паркови кои сега ги има низ целиот светот. Главни атракции се минијатурните куќи, бродови и коли направени од лего коцки
„Лисеберг“ во Гетеборг, Шведска
Во средината на Гетеборг, Шведска се наоѓа најголемиот забавен парк во Скандинавија, Лисеберг. Тука годишно доаѓаат 3 милиони посетители. Вниманието најмногу го привлекува „кулата за слободен пад“ наречена „AtmosFear“ каде храбрите посетители можат да искусат слободен пад од 90 метри височина. За плашливите посетители тука е панорамското тркало што дава можност за неверојатен поглед од височина