1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 години од првата изложба на исламска уметност на Запад

22 септември 2010

Исламската уметност во Европа за првпат во поголем обем е прикажана пред 100 години, на изложба во Минхен. Во моментов, на истото место се одржува изложба која го прикажува влијанието на исламската уметност на Запад.

https://p.dw.com/p/PJHd
Фотографија: DW

Пред точно сто години во Минхен е отворена епохалната изложба „Ремек дела на мухамеданската уметност“. Изложбата за тогашни поимања ја посетиле неверојатни 1,3 милиони луѓе. Меѓу нив биле и подоцнежните ѕвезди на европската ликовна авангарда, како Василиј Кандински, Анри Матис и Хенри Маке. Сто години подоцна, исламската уметност во Минхен е повторно тема број еден. На изложбата „Иднината на традицијата - традиција на иднината“ се најдоа многу дела од оригиналната изложба, но и многу ремек дела на модерната исламска уметност кои несомнено настанале по влијание на традицијата.

Ликовната авангарда под влијание на уметноста од Ориентот

München, Haus der Kunst
Куќата на уметност во МинхенФотографија: Andreas Praefcke

Ако на работата на претставниците на класичната модерна, како Винсент Ван Гог, влијаела далекуисточната, пред се’ кинеска и јапонска уметност, која на крајот на 19 век го преплавува западноевропскиот пазар, на претставниците на авангардните правци во уметноста во првата половина на 20 век, во еден дел влијаела и исламската уметност со своите елементи, како орнаментите или калиграфијата. Токму изложбата во Минхен пред 100 години била превртница во односот меѓу таканаречената западна академска уметност и уметноста на Блискиот и Средниот Исток.

Актуелната минхенска изложба не го тематизира само историското значење на нејзината претходничка. Иако централниот дел на изложбата е посветен токму на триесет ремек дела кои беа прикажани во Минхен пред еден век, сепак поголемиот дел од изложбата се занимава со современите стремежи во таканареченото исламско ликовно поднебје.

Непознатото и егзотичното и натаму во прв план

Deutschland Ausstelung Die Zukunft der Tradition Haus der Kunst in München
Едно од изложените дела на изложбата во МинхенФотографија: images Ferrante Ferranti

Односот на традицијата и иднината му беше во прв план на кураторот на изложбата Крис Деркон од самиот почеток на нејзината реализација:

„Гледате дека и на оваа изложба, каде имаме многу фотографи и дизајнери и режисери, таа традиција одново се обновува.Тоа значи: погледот овде е вперен кон иднината. Иднината е традиција“, објаснува Деркон.

Современите уметници од исламската културна сфера денес не доаѓаат исклучиво од регионот на Блискиот и Средниот исток. Многумина имено дејствуваат во срцето на Западот, како на пример Лондон, Париз, Њујорк. Но, и покрај тоа, нивните дела содржат мал исчекор од вообичаените ликовни трендови. Нивните дела честопати ги тематизираат митовите и легендите на Ориентот, кои се’ уште и` се непознати на публиката на Запад. Така, и покрај несомнено модерната форма, во делата и натаму владее духот на непознатото и егзотичното.

Исламско уметничко секојдневие

Deutschland Ausstelung Die Zukunft der Tradition Haus der Kunst in München
Палестинскиот уметник Вафа Хурани изложува во МинхенФотографија: DW

Но, и тоа зависи од потеклото на уметникот, бидејќи политичките и социјални теми преовладуваат токму кај делата на оние автори кои доаѓаат од региони како палестинската автономна област на Западниот брег, каде секојдневието е напрегнато со политика и социјални тензии. Палестинскиот уметник Вафа Хурани во Минхен дојде со утопистички урбани визии, кои сепак, на свој начин раскажуваат за секојдневието на Западниот брег:

„Уметноста ни‘ дава вистинска слика и вистинска информација за тоа што се случува. Потребно е само да погледнете некое дело и не ви треба ни телевизија за да сфатите што се случува. Затоа мислам дека уметноста е појака од останатите сретства и затоа работам со неа“, вели Хурани.

Автор: Валтер Кител / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска