1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 дена Трамп: уште ништо не е јасно

Миодраг Шориќ
29 април 2017

Многу Американци го дадоа својот глас за Трамп бидејќи сакаа конечно „некој друг“ во Белата Куќа. По 100 дена вообичано се извлекува биланс од работењето, ама кај Трамп ниту експертите сѐ уште не сфатиле што сака.

https://p.dw.com/p/2c76n
US-Präsdient Donald Trump ohne Krawatte in Melbourne
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Ерик Гомез од главниот конзервативен иститут Kејто во Вашингтон е најпозитивен во оценката за првите 100 дена на Доналд Трамп. Тој тврди всушност дека неговата ефикасност може да се спореди и со првите 100 дена на Барак Обама, на кој, истотака, му требаше време да ги „фати конците в раце“ по Буш помладиот, така што чувстувал притисок и во политички, во дипломатски и во воен смисол. Но тогаш сличност сепак нема бидејќи политиката на Трамп е едноставно непредвидлива: премногу често го менува своето мислење. А причината за тоа, смета Гомез, е многу едноставна: овој американски претседател едноставно не ги разбира сите сложени меѓународни односи.

Малку ова, малку она во надворешната политика

Мајкл Верз од либералниот иститут Центар за американски прогрес има слично мислење, а уште полошо е тоа што овој американски претседател и го покажува ова свое незнаење. Првата индиција за неговиот став за Кина ja даде токму со исклучително чуствителното прашање дали Тајван и припаѓа на Кина или не. „Во лошо подготвеното интервју така ја ревидираше позицијата на Америка која постои веќе четириесетина години само за Кина потоа брзо да го научи како треба“. Накусо, овој претседател падна во секоја стапица која му се најде на пат. А не помага ни тоа што е опкружен со многу козервативни и многу десно ориентирани советници. Меѓу нив има и многу војници и тоа не е само министерот за одбрана и поранешен генерал на американските маринци Џејмс Матис. Поранешен војник е и неговиот советник за национална безбедност МекМастер, а во Белата куќа сега има уште такви со слична кариера.

USA Donald Trump und Xi Jinping
Фотографија: picture alliance/AP Images/A. Brandon

Значи ли тоа дека и американската надворешна политика ќе биде во знакот на воено решение? Ерик Гомез внимателно истакнува оти Трамп „нема да се колеба“ во користење на воена сила. Тоа веќе го покажа со нападите врз воздушната база во Сирија и со „супер-бомбата“ која ја фрли на исламистичките екстеремисти во Авганистан. Покрај тоа Вашингтон веќе и’ вети на Саудиска Арабија оружје со кое таа ќе интервенира во граѓанската војна во Јемен-  конфликт, во целост се согласни американските стручњаци, од кој Америка би било најмудро да се држи што подалеку.

Во инцидентите во изминатите недели, на пример во повторниот напад со боен отров во Сирија или пак во Авганистан, САД постојано реагираа со воена сила, констатира Гомез. Тоа го смета за „лош предзнак“, бидејќи од тоа се’ уште не може да се открие некаква доследна надворешнополитика стратегија. 

Donald Trump, Mohammed bin Salman bin Abdulaziz Al Saud
Фотографија: picture alliance/AP Photo/E.Vucci

Уште полошо отколку Куба во 1962. година?

Џек Џејнес од Универзитетот Џонс Хопкинс смета дека за САД дури не Блискиот, туку Далечниот исток, е криза која навистина би можеала да стане опасна. Станува збор секако за Северна Кореја која веќе долго време се труди да создаде арсенал атомско оружје и да развие ракети кои би можеле да стигнат и до САД. Џејнес ја споредува денешната криза со Северна Кореја со кризата околу Куба во 1962 година кога тогашната американска влада сакаше да спречи стационирање на советски боеви нуклеарни глави и ракети на Куба.

Џејнес потсетува дека тогашниот американски претседател Џон Кенеди се опкружил со „цел куп“ експерти и соработници од министерствата кои би го советувале (и покрај тоа, проценките не беа точни: дури по распадот на СССР се дозна оти на Куба тогаш веќе имало одреден број советски нуклеарни ракети, што Кенеди не го знаел). Но Трамп дури ни нема советници кои би ја знаеле заднината на проблемот и што би можело да се стори,и поради тоа што сѐ  уште во министерствата недостасува голем број соработници. Одлуките на Трамп се затоа резулат на „инстинкт“, смета Џек Џејнес.

Symbolbild Nordkorea Atomtest
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Sinmun

Заклучокот на Мајкл Верз за првите 100 дена на Трамп е затоа поразителен: овој американски претседател очигледно покажа дека е „структурно неспособен нешто да научи“. Вниманието на Трамп за некој проблем е исклучително кусо. Му недостасува образование, љубопитност и воопшто интерес за тоа што се случува во светот. Исто како и порано, неговиот главен извор на информации се вестите на конзервативните телевизиски станици. Него го придвижуваат само самољубието и потребата за признание. Во основа, Доналд Трамп е целосно аполитична личност- фатална особина за една од најважните функции на светот, смета Верз.