1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 дена Олаф Шолц - новиот канцелар во една нова рeалност

Михаела Кифнер
17 март 2022

Во мандатот на новиот канцелар Германија веќе сега е поинаква земја. Тоа од една страна се должи на Владимир Путин, но уште повеќе на одлучноста на Олаф Шолц, смета Михаела Кифнер.

https://p.dw.com/p/48cay
Berlin Bundeskanzler Olaf Scholz Pressekonferenz
Фотографија: Odd Andersen/Pool/AP/picture alliance

На Олаф Шолц му беа потребни точно три дена по нападот на Русија врз Украина за да крене раце од столбовите на надворешната и безбедносна политика на Меркел. На 79-от ден во пост-Меркел ерата, Владимир Путин го разнесе мировниот поредок во Европа. На 81-от ден, Шолц, наспроти сите претходни изјави, во твит вети испорака на германско оружје за Украина. Нецели 24 часа подоцна Шолц дури најави „промена на времињата” и скицираше мошне конкретно нова ремилитаризирана германска политика.

Само неколку дена порано, вакво нешто ќе го платеше политички со глава во неговата СПД.

Дополнителни 100 милијарди евра за Бундесверот, а од истиот момент и најмалку (!) два процента од БДП за одбрана - што е надминување и на целта поставена од НАТО! Не само новинарите, туку и пратеници си ги триеја очите во неверување со оглед на изјавите на канцеларот кој тукушто дојде на таа функција. За Шолц од тој ден веќе не постојат црвени линии, ниту задршки.

Срамежлив и воздржан старт

На почетокот на февруари корисниците на Твитер го бараа канцеларот под хаштагот „Каде е Шолц”. Околу 50-тиот ден од мандатот конзервативната ЦДУ де факто предничеше во анкетите. Шолц предолго во јавноста молчеше за брзото ширење на Омикрон вирусот, за дебатата за воведување задолжителна вакцинација и воопшто за другите теми. Толку беше срамежлив и воздржан, што не оставаше впечаток на канцелар со порив нешто да уредува. И на темата Русија прво беше воздржан и до последно држеше до дипломатско решение - дури и кога американските тајни служби предупредија од непосреден напад. Дури и тогаш ја остави подотворена можноста за дипломатски пристап кон Путин. Избегнуваше воопшто и да го спомене гасоводот Северен тек 2. Тоа остави дилеми во однос на доверливоста на Германија како партнер во трансатлантскиот сојуз. Во етерот лебдеше прашањето - дали наместо наследникот на Меркел, сепак францускиот претседател Емануел Макрон треба да биде новиот лидер во Европа.

Berlin DW  Michaela Küfner
Михаела КифнерФотографија: DW

Дотолку поодлучен беше настапот на Шолц кога стана јасно дека дипломатските напори се залудни и дека Путин нападот изгледа го планирал со месеци. Во тандем со министерката за надворешни работи од редовите на Зелените, Аналена Бербок, канцеларот покажа дека Германија се залага за политика заснована на вредности. Притоа нејзе ѝ ги препушта максималистичките барања - Путин веднаш да се стави на обвинителната клупа пред меѓународниот суд во Хаг, а тој самиот зборува за „ладнокрвен воен напад”, но и натаму бара решение кое го вклучува и Путин.

Потрошена е „мировната дивиденда“

Олаф Шолц, под притисокот на настаните, пред сѐ од самиот Путин, се катапултираше во нова политичка реалност. Како канцелар од партија што е етикетирана како „разбирач на Русија” тоа само по себе е достигнување. На ЕУ-партнерите кои граничат со Русија, како Полска и балтичките држави, таквите нови германски сознанија сѐ уште им се премногу суптилни. Целосен прекин на увозот на руски гас за Шолц и натаму е црвената линија. Тоа би било премногу болно за 83 милиони Германци кои сѐ уште се обидуваат да сфатат што всушност прави Путин во Украина. Мнозинство го поддржува одлучниот курс на канцеларот. Но растечките цени на енергенсите се само предвесник за тоа дека „мировната дивиденда” во Европа е потрошена.

Дотолку појасно сега е дека војната во Украина ќе бара цена за демократијата и мирот кој секој граѓанин и гласач и во Германија ќе мора и лично да ја плати. Дури и во случај на крај да има издржан договор со Путин.

- повеќе: Кабинетот на Олаф Шолц – конечно влада која сака да владее

Реалност која не простува грешки

Па така, 82-от ден по неговиот избор во Бундестагот, беше всушност првиот работен ден на канцеларот. Споредена со историскиот предизвик пред кој го исправа Русија, корона-пандемијата, и покрај повторно брзо растечкиот број на заразени лица, сега се чини само како реализација на пракса пред вработување.

Шолц во својот кабинет презеде изненадувачки голем број соработници на Меркел. Повеќемина раскажуваат дека Шолц многу повеќе простува грешки отколку што тоа го правела Меркел. Новата реалност не простува грешки, а Шолц не планира ни да ги направи.