1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100909 Chronik 9/11

11 септември 2009

Терористичките напади во САД од 11 септември 2001 година означија пресврт во внатрешната и надворешна политика на американската историја. Кои промени ги донесе овој настан и до каде е борбата против тероризмиот?

https://p.dw.com/p/JcV6
Фотографија: AP

20. Септември 2001: Ултиматумот на Буш кон талибанците

Во САД се верува дека Осама бин Ладен е мозокот зад терористичките напади во Њујорк и Вашингтон. Претседателот Џорџ Буш и` постави ултиматум на талибанската влада во Авганистан, во која побара испорачување на топ-терористот Бин Ладен и затворање на сите кампови за обука на борците на Ал Каида.

7. Октомври 2001: Почнува војната во Авганистан

Откако талибанците на крај понудија Бин Ладен да биде изведен единствено пред исламски суд, американските и британските сили почнаа со бомбардирање на цели во Авганистан.

„На моја наредба американските воздушни сили почнаа со напади врз кампови за обука на Ал Каеда и воени бази на талибанскиот режим во Авганистан“, соопшти Буш.

Osama bin Laden
Осама Бин Ладен - светскиот непријател број 1Фотографија: AP

Војната на копно, во најголем дел, ја спроведоа сојузничките сили, на чело со Американците и Британците. На 12 ноември талибанците побегнаа од главниот град Кабул. Колку жртви однесе оваа војна, не е сосема познато. Според мисијата на ОН во Авганистан, само во 2008 година загинале повеќе од 2100 цивилни лица.

25. Октомври 2001: Американскиот конгрес го изгласува Законот за заштита на татковината

Овој закон доведува до привремено ограничување на човековите права. Меѓу другото, библиотеките мора да доставуваат информации за тоа кои книги ги изнајмуваат нејзините членови и на што се однесуваат нивните интернет-пребарувања. За влез во САД е потребен пасош, високо обезбеден против фалсификување. И, неамериканските државјани, осомничени за терористички активности, можат да бидат приведени на неограничен период.

11. Јануари 2002: САД го отвораат затворот Гвантанамо

По наредба на претседателот Џорџ Буш, САД го градат затворот во воената база Гвантанамо, на Куба. До април 2002 година, сите дотогаш уапсени осомничени терористи се префрлени во овој набрзина изграден затвор со многу засилени мерки на безбедност. Се` на се`, од американската инвазија врз Авганистан во 2002 година досега, во Гвантанамо се затворени илјада лица од повеќе од четириесет земји, за кои се претпоставува дека се од редовите на талибанците, или, пак, дека се членови на Ал Каeда. Во овој затвор не се почитуваат правата што вообичаено треба да ги имаат воените затвореници.

US-Lager Guantánamo
Во Гвантанамо се затворени 1000 осомничени од преку 40 земјиФотографија: dpa

„Како прво, затворениците нема да се третираат како воени затвореници, бидејќи тие се борци на непријателот. Како второ, кон нив ќе се однесуваме хумано“, велеше Буш.

Меѓутоа, извештаи за нехуман пристап и малтретирање при сослушувањето на осомничените има се` повеќе.

1. Јуни 2002 година: Воената доктрина на Буш

На 1 јуни 2001 година, претседателот Буш ја претстави контроверзната воена доктрина, според која САД можат да почнат војна и од превентивни причини, со цел да урнат деспотски режими во други земји, доколку постојат сомневања дека тие можат да претставуваат закана за САД и нивните сојузници. Воената доктрина уште предвидуваше и унапредување на демократијата на Блискиот Исток, со цел искоренување на тероризмот и воведување унилатерализам на полето на воените интереси. Документот беше заокружен од американскиот Совет за национална безбедност на 20 септември.

20. март 2003: Сојузничките трупи вмаршираа во Ирак

По терористичките напади од 11 септември 2001 година, владата на Буш го прогласи Ирак за непријател на Америка. Земјата може да им го стави на располагање на терористите своето хемиско оружје - беше стравувањето на Буш. ОН требаше да издадат мандат за напад врз Ирак доколку не се разоружа. Резолуцијата 1441 на Советот за безбедност владата на Буш ја зеде за соодветна подлога во меѓународното право и на 20 март ја почна војната против Ирак. Режимот на Садам Хусеин падна веќе на 1 мај. Но, земјата и понатаму запаѓаше се` повеќе во хаос.

JAHRESRÜCKBLICK 2003 APRIL IRAK USA
Режимот на Садам Хусеин падна за помалку од два месециФотографија: AP

„Нашата мисија во Ирак е благородна и потребна. Ниту една акција на злосторниците нема да влијае врз нашата одлучност, ниту пак врз нивната судбина. Ние ќе си ја завршиме работата.“

Ова го рече претседателот Буш уште на крајот од 2006 година. Сепак, во 2009 година САД почнаа да се повлекуваат од Ирак.

10. август 2009: Негативен биланс во Авганистан

Новиот командант на американските сили во Авганистан, Стенли Меккристал, признава во извештајот дека талибанците се надмоќни и дека трупите на меѓународната мисија ИСАФ нема да победат во осумгодишната војна.

Автор: Даниел Шешкевиц / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска