1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

11-ти септември и’ ги отвори очите на Европа

11 септември 2011

10 години од нападите на Кулите близначки во Њујорк. Какво влијание имаше тој терористички чин врз Европа?

https://p.dw.com/p/12Ve6
Нападите на 11 септември 2001 година ја натераа ЕУ да обрне поголемо внимание на безбедноста на своето население

Европа знаеше за тероризмот и пред 11 септември 2001-та година. Целиот свет знае за нападот на Олимписките игри во Минхен во 1972 година, кога беа убиени 11 израелски спортисти и еден германски полицаец од палестинската терористичка група „Црн септември“.

Но, нападот во септември пред 10 години и' ги отвори очите на Европа дека треба да ја подобри безбедноста на своите граѓани.

„Значајно ја подобривме соработката помеѓу земјите членки, размената на разузнавачки информации, конкретната операционализирана работа, како заедничките истражни тимови со обвинители и канцеларии за спроведување на законот во различни земји членки. Имаме и ново законодавство, нови алатки, така што тоа имаше големо влијание Европа да ја подобри безбедноста на граѓаните“, вели координаторот на ЕУ за борба против тероризмот, Жил де Керхове.

NO FLASH Gilles de Kerchove
Координаторот на ЕУ за борба против тероризмот, Жил де Керхове оценува дека по 11-ти септември се зголемени безбедносните мерки, но забележува дека ЕУ потфрли во спречувањето на дискриминацијата на муслиманитеФотографија: dapd

ЕУ сработи повеќе на репресивната, отколку на превентивната страна

Освен поголемата соработка на обвинителите, се создадоа и нови тела како Европол и Евроџаст, а се подобри и борбата против финансирањето на тероризмот, вели Керхове. Во 2005-та година ЕУ усвои стратегија, со која се предвидува превенција против радикализирање. Координаторот за борба против тероризмот критикува дека Унијата потфрлила токму во тој дел.

„Да бидеме искрени, веројатно направивме повеќе на репресивната страна, отколку на страната на превенцијата. Затоа, мораме повеќе да работиме луѓето да не се радикализираат и на одговорот – како ќе реагираме, како ќе се мобилизираме во случај на криза“, вели Керхове. Тој забележува и дека муслиманите во Европа се' уште се дискриминирани.

Sprachstreit in der Brüsseler Metro
Според Керхове, сега на мета се метроата и брзите возовиФотографија: DW/A.Legovic

„Почнавме да работиме и на нешто што некои го нарекуваат ’корен на проблемот’, а тоа значи како да се бориме против дискриминацијата. Да бидеме искрени, муслиманите се’ уште се дискриминирани во некој смислол. Треба да работиме на тоа религијата да се развива во мирна и толерантна Европа. Работиме на улогата на локалните власти – како брзо да реагираат ако откријат дека некое младо момче пројавува зголемен интерес за таа лажна идеологија“, вели Керхове.

Нови трендови на закани

По нападите на 11 септември Европа ја подобри контролата во авионскиот и поморскиот сообраќај, разви нови уреди за детекција и за скенирање на патниците. Се оценува дека треба повеќе да поработи на масовниот транспортен систем, како што е метрото или брзите возови, бидејќи проценките се дека тие остануваат мета на терористите. Керхове вели и дека треба повеќе да се собират податоци за патниците и трансферите на пари.

10 Jahre nach 11. September Oberst Urbach Interview
Ако пред 10 години заканите доаѓаа од добро организирана терористичка група, сега тие доаѓаат и од внатре во самата ЕУФотографија: DW

„Имаме два нови тренда. Прво, борците кои се блиску - оние Европејци што одат надвор на џихад, се враќаат во Европа и извршуваат напад и второ, домашниот тероризам. 'Осамени волци’ – луѓе кои живеат во Европа, се радикализираат преку интернет и одлучуваат да го направат тоа самите, врз основа на знаењата што можат да ги добијат на интернет“, вели координаторот на ЕУ за борба против тероризмот.

Ако пред десет години се знаеше дека заканата за Европа доаѓа од една добро организирана терористичка група, сега заканата е покомплексна и пораширена. Жил де Керхове заклучува дека „арапската пролет“ покажа оти никој повеќе не ја поддржува Ал Каеда и дека луѓето од арапскиот свет сакаат подобар живот и демократија.

Автор: Александар Методијев/ ЕБС

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема