1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Симбол на единството и суверенитетот

СН/ дв
1 јануари 2019

Пред точно 20 години беше воведено еврото, прво во 11 членки на Европската унија. Лидерите на ЕУ ја истакнаа важноста на заедничката валута, која во изминатиот период минуваше и низ турбулентни времиња.

https://p.dw.com/p/3AqTu
Euro-Münze
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Пред точно 20 години, на 1 јануари 1999 година, 11 членки на ЕУ ја усвоија заедничката монетарна политика и го воведоа еврото, кое денес го користат 19 членки на Унијата и повеќе од 340 милиони Европејци.

На почетокот еврото се користеше во платниот промет и за безготовински плаќања, а три години подоцна, на 1. јануари 2002 година, во оптек во земјите од еврозоната, која нарасна на 12 членки, бидејќи во меѓувреме се приклучи и Грција, влегоа и банкнотите и монетите на еврото

Две децении подоцна еврото стана интегрален дел на секојдневниот живот и ги олесни трговијата, патувањата, студирањето, животот и работата во странство, оцени Европската централна банка (ЕЦБ).

Растот не ЕУ и еврозоната

„Банкнотите и монетите на еврото се опиплив, секојдневен потсетник на слободата, погодностите и можностите кои ги овозможува ЕУ“, истакнаа во централната банка на еврозоната, која потсети дека во Европа веќе е израсната една генерација, која не познава друга валута освен еврото.

Gehaltsabrechnung
Фотографија: picture-alliance

Заедничката валута беше сметана за решение за постојаните спорови за девизниот курс, кои ја одбележаа европската политика по Втората Светска Војна и како логично продолжување на европската бесцаринска зона.

Зоната на еврото со годините растеше, исто како и Европската унија.

На Унијата, која во 2002 година имаше 15 членки, во 2004 ѝ се приклучија уште десет нови земји, главно поранешни комунистички држави, во 2007 пак во ЕУ влегоа Бугарија и Романија, а во 2013 година - Хрватска.

Во меѓувреме, седум од 13-те нови членки на Унијата ги заменија своите национални валути со заедничката европска валута. 

Инаку, преминувањето на еврото кај граѓаните најчесто се поврзува со раст на цените на живот, а на ниво на државите со губењето на можноста да го поттикнуваат извозот со спуштање на вредноста на националната валута.

Инаку членките на ЕУ, за да ги заменат националните валути со еврото мораат да ги исполнат критериумите од Договорот од Мастрихт, кои во досегашната историја на еврото, не секогаш беа строго почитувани.

Одлучувачки момент во европската историја

Сепак, на еврото му се припишуваат заслуги за зголемувањето на трговијата меѓу земјите членки на ЕУ, а тоа стана и официјално платежно средство и во неколку земји кои не се членки на еврозоната: Црна Гора, Ватикан, Монако, Косово, Сан Марино, Андора.

„Еврото стана симбол на единството, суверенитетот и стабилноста“, изјави вчера спроти 20-от роденден на еврото, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер. „Потписот на Договорот од Мастрихт за создавање на европска економска и монетарна унија е најважниот потпис во мојот живот“, истакна Јункер.

Bulgarien Jean-Claude Juncker (L) und Donald Tusk
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск пак надополни дека исто како и ослободувањето на Централна и Источна Европа од комунистичките режими и повторното обединување на Германија, така и воведувањето на еврото пред 20 години беше одлучувачки момент во европската историја.

„Денес еврото е сведоштво за политичката и економската сила на ЕУ на интернационалната сцена“, истакна Туск.

Тој и Јункер истовремено укажаа и на претстојните задачи: „Ние и натаму интензивно работиме на заокружување на нашата економска и монетарна унија, како и на натамошно јакнење на меѓународната улога на еврото“