1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

20 години од проширувањето на НАТО - неостварени надежи

Бартош Дудек
12 март 2019

Поранешните советски сателити профитираа од членството во НАТО пред 20 години. Но, за жал, голем дел од желбите за кои се сонуваше пред две децении останаа неостварени, смета Бартош Дудек

https://p.dw.com/p/3Eq1k
USA | Tschechien, Ungarn und Polen treten offiziell der Nato bei
Историски момент: Шефот на чешката дипломатија Јан Каван го потпишува пристапниот протокол за НАТО. Зад него: Медлин Олбрајт, Јанос Мартоњи и Бронислав ГеремекФотографија: picture-alliance/dpa

12 март 1999 година беше симболичен крај на една епоха. На овој ден, министрите за надворешни работи на Полска, Чешка и Унгарија и ги предадоа на владата на САД ратификуваните документи на нивната земја. Со тоа, влезот на првите поранешни советски сателити во НАТО стана правно обврзувачки.
Церемонијата се случуваше во градчето Индепенденс во Мисури- можеше ли да се избере место со посоодветно име? Индепенденс е роден град на поранешниот американски претседател Хари Труман, во чие време започна Студената војна. Тука, во претседателската библиотека основана од него, се случи симболичен акт на еманципација на нациите кои останаа под јаремот на Советскиот сојуз по Втората светска војна. Акт на историска сатисфакција и правда за народите на овие држави.

Одамна загубен ентузијазам

Но ентузијазмот кој бликаше пред 20 години е одамна загубен. Особено во САД, во Унгарија и во Полска, и во „старата“ членка Турција; на власт се политичари кои промовираат национални егоизми, поделби и омраза, ги прогласуваат критичките медиуми за „непријатели на народот“ и ја минираат правната држава. Доколку НАТО не е само воена, туку сака да биде и заедница на заеднички демократски вредности, тогаш изминативе години се повеќе од отрезнувачки.
Две децении по настанот во Индепенденс, зборовите на претседателот Труман звучат како предупредување- и тоа помалку кон Русија, а повеќе кон неговиот наследник на функцијата.
„Безбедноста и добробитта на секоја членка на Алијансата зависат од безбедноста и добробитта на сите. Никој од нас не може сам да обезбеди економски просперитет без воена безбедност. Никој од нас не може сам да ја обезбедува слободата“.
Дали одлуката за проширување на Алијансата кон исток од денешен агол беше исправен потег? Одлуката на американскиот претседател Бил Клинтон не беше внатрешнополитички спорна. Една, не мала, група американски политичари тогаш аргументираа дека експанзијата на НАТО ќе ги ослабне реформските сили во Русија и ќе ги засили реакционерите. Германската политика, која важеше за поддржувач на проширувањето кон исток, на тоа гледаше поинаку, затоа што безбедноста на источните соседи на Германија беше во витален интерес на Берлин. И не најмалку важно, и извонредната економска соработка која Германија ја има со државите од истокот, се должи токму на тоа.

Dudek Bartosz Kommentarbild App
Бартош Дудек

Безбедносно-политичко осигурување

Факт е дека ниту една членка на НАТО досега не била воено нападната од Русија. Но, Украина доживеа далеку поразлична судбина. Оттука не изненадува тоа што Полска и балтичките држави толку треперат за зголемено воено присуство на американски, односно на НАТО трупи на нивната територија. Тоа за нив е безбедносно-политичко осигурување. А историјата не учи дека тоа функционира: Западен Берлин како демократски остров во морето на комунистичката диктатура успеа да преживее само благодарение на стационирањето на американски војници.
Сепак останува дилемата: дали 12 март 1999 година беше крај на една епоха и истовремено и симболичен почеток на една нова. За новите членки, влезот во НАТО донесе повеќе стабилност и безбедност. Но надежта, која тогаш во Индепенденс ја искажа полскиот министер за надворешни работи Бронислав Геремек, дека членството во НАТО ќе придонесе за зајакнување на демократијата, човековите права и меѓународната солидарност, остана неостварена.