1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2011 година во знакот на изборите

13 јануари 2011

2011 година во Германија ќе биде во знакот на изборите. Годинава ќе биде успешна за Христијанско демократската партија, како и за Зелените. Но, социјалдемократите и либералите ги очекува тешка година.

https://p.dw.com/p/zwkz
Канцеларката Ангела Меркел ја започнува 2011 година со силен тимФотографија: picture-alliance/dpa

Канцеларката Ангела Меркел не учествува во претстојните избори, но затоа нејзината Христијанско демократската партија треба да се докаже на изборите во повеќе покраини.

„И покрај сета увереност, во иднина ќе мораме постојано да ја докажуваме нашата способност“, вели канцеларката Меркел.

Нејзината цел е да ја направи Германија посилна. Ако нејзината партија оствари успеси на покраинските избори, тоа во истовреме ќе ја зајакне и позицијата на Меркел. Канцеларката може да владее како никогаш досега во Германија. Во 2011 година на располагање и‘ стојат уште и млади соработници, кои се гладни за успех, што е позитивно за претстојните избори.

ЦДУ има голема предност

Wirtschaftsminister Guttenberg
Министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг е најомилениот германски политичарФотографија: AP

Рихард Хилмер од Институтот „Инфратест“ за проучување на изборите вели:

„Христијанско демократската унија (ЦДУ), за разлика од нејзините коалициони партнери, има голема предност. Таа располага со широка понуда на функционери. Не само канцеларката, туку и повеќе членови на кабинетот уживаат голема почит и постојано успеваат да и‘ даваат нови импулси на партијата на власт.“

Така конзервативците ја започнуваат претстојната предизборна битка со многу силен тим, во кој спаѓа и Карл Теодор цу Гутенберг од сестринската партија ЦСУ. Министерот за одбрана по потекло од Баварија, во моментов е најомилениот политичар во Германија. Но, исто така и министерот за екологија Норберт Ретген станува се‘ попопуларен. Најголема опасност за популарноста на владеачката коалиција е пред се‘ ослабениот коалициски партнер, Либералите, чиј шеф е министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле. Прогнозите за него не се добри.

Година на Зелените

Cem Oezdemir, Bundesvorsitzender der Grünen
Чем Ездемир, претседателот на ЗеленитеФотографија: AP

2011 година можеби ќе биде и година на Партијата на Зелените, која ја следи голем бран на симпатија. Претседателот на партијата Чем Ездемир вели:

„Во Колумбија, Бразил, во се’ поголем број земји Зелените стануваат се’ посилни, се формираат еколошки движења. Со нив имаме тесна соработка, оти ние се занимаваме со истите проблеми како и сите други движења за заштита на животната средина. Сите нас не поврзува прашањето, како да успееме да го организираме нашиот живот на планетата за да биде долгорочен.“

Партијата на Зелените има шанси во две покраини да добие дури шеф на влада од нивните редови. Тие им стануваат конкуренција и на социјалдемократите како најголема партија на опозицијата.

Тешка година за германските социјалдемократи

Deutschland SPD Parteitag Sigmar Gabriel in Berlin
Зигмар Габриел, претседателот на СПДФотографија: AP

За шефот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) Зигмар Габриел ова ќе биде тешка година. Политиката на неговата партија е решителна конфронтација со конзервативниот табор, со политиката што ја враќа Германија наназад - тврди Зигмар Габриел и додава:

„Враќањето кон старите, идеолошки, конзервативни претстави за општеството. Наместо да се залага за Европа и соживотот на луѓето во Европа, Ангела Меркел се интересира само за старата германска татковина.“

„СПД мора да работи на својата програма и да го пронајде својот профил“, вели Рихард Хилмер од Институтот „Инфратест“. Истото важи и за германските социјалисти.

Значи, не’ очекува интересна 2011 година.

Автор: Ханс Фајфер / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Борис Георгиевски