1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2019: Импичмент за Доналд Трамп?

4 јануари 2019

Сите експерти пред изборите во САД 2016 беа согласни дека Доналд Трамп нема шанси да победи. Само Ален Лихтмен го тврдеше спротивното. За 2019 историчарот очекува импичмент на Трамп.

https://p.dw.com/p/3AcMx
USA Haushaltssperre wird über Weihnachten verlängert |
Фотографија: Reuters/J. Roberts

Дали Доналд Трамп во 2019 ќе се однесува различно од до сега? Веројатно нема. Дали ќе ја промени неговата политика? Ни тоа не може да се очекува. Но, би можел ли Конгресот во кој сега доминираат Демократите, потпирајќи се на истрагата на Роберт Милер, да поведат постапка за импичмент против Трамп? "Ми изгледа поверојатно тоа да се случи отколку да не биде така", прогнозира Ален Лихтмен, политиколог на универзитетот Американ од Вашингтон.

Историчарот кој во изминатите 30 години точно го прогнозираше исходот на сите претседателски избори, стана медиумска ѕвезда откако наспроти сите предвидувања многу рано ја претскажа победата на Трамп на изборите во 2016.

Лихтмен е убеден дека претседателот од 2019 и до крајот на неговиот мандат ќе мора да се бори да го задржи своето место. А, тоа е битка која изгледа ќе ја изгуби. До сега Трамп можеше да се потпре на Конгресот контролиран од Републиканците, кој го штитеше од импичмент. Но, од ноември годинава мнозинството во Конгресот го имаат Демократите.

За покренување на постапката за импичмент доволно е да имаат за само еден глас поголемо мнозинство, а Демократите имаат преку 30. Долго време темата импичмент беше само теорија, но сега веќе може да стане реалност.

Präsident Trump unterzeichnet Strafrechtsreform
Фотографија: Getty Images/W. McNamee

Се поголеми изгледи за импичмент

На трети јануари 2019 Конгресот за прв пат ќе заседава под водство на Демократите. Долго време водечки претставници на Демократите ги минимизираа барањата за импичмент на т.н.Анти-Трамп движење, како и барањата за построг став кон Трамп. Притисокот конечно да се преземе нешто сега расте. „Ако Милер диспорача неколку цврсти докази против Трамп, демократската база ќе бара обвинување", предвидува Лихтмен. „Мислам дека претседателското место на Трамп се ниша благодарение на извештајот на Милер."

Повеќе:

-Дилот на Манафорт - црн ден за Трамп

-Затворска казна за ек-советникот на Трамп, Пападопулос

-САД: Први обвиненија за аферата со Русија и изборите

Лихтман е сигурен дека Милер има мноштво информаци в рака, со што ќе се докаже врската меѓу внатрешните кругови на Трамп и Русија. Односно дека имало манипулација на изборите во 2016 година со што е извршен удар врз демократијата. „Не можам да замислам дека Милер вложил сѐ во оваа работа, за да нема никаков резултат на крај. Повеќе очекувам дека ќе има сериозни сознанија во врска со руската поддршка на кампањата на Трамп."

Што прават републиканците?

Лихтмен е убеден дека ќе има постапка против Трамп. Овој политолог смета дека е многу возможно американскиот претседател и да биде остранет од функцијата, нешто што за многу експерти е се уште тешко веројатно. За тоа треба да гласаат две третини во Сенатот во кој доминираат републиканците. Голем број републиканци треба да гласаат за смена на својот претседател.

„Вакво сценарио не е толку нереално како што звучи", објаснува Лихтмен. Причина за тоа не се само инкриминирачките информации во извештајот на Милер, туку и политиката на Трамп која полека им го намалува рејтингот на републиканците, како што покажаа и среднорочните избори. За да не продолжи овој надолен тренд и на претседателските и изборите за Конгресот во 2020 година, многу е можно дека голем број пратеници републиканци ќе се дистанцираат од Трамп. 

Мајк Пенс, а не Ненси Пелози.

„Трамп може да ја загуби позицијата, ако републиканците стравуваат дека може да ги повлече надолу," појаснува Лихтман. „Тие воопшто не му се лојални на Трамп. Ако републиканците стравуваат дека ќе ја загубат базата а затоа да биде одговорен претседателот, тогаш тие ладно ќе го пуштат низ вода." Влијателни републиканци ќе го следат понатамошниот развој на настаните од што ќе зависи нивната поддршка за Трамп.

„Републиканците го поддржуваа Ричард Никсон, се додека доказите не беа толку очигледни што станаа огромен товар за нив," објаснува овој политолог со пример од минатото. „Не велам дека Трамп нема да го преживе ова, но сметам дека не е невозможно." И покрај сите шпекулации едно не треба да се заборави заклучува Ален Лихтмен: „Ако Трамп мора да си замине, тога нов претеседател нема да биде демократката Ненси Пелози, туку нов претседател ќе биде Мајк Пенс. Значи некој кој многу републиканци во конгресот го претпочитаат повеќе наспроти Трамп!"