1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Богатите земји ветија 2,4 милијарди долари за Ковакс

ЖА / агенции
3 јуни 2021

Целта надмината - на виртуелната донаторска конференција за интернационалната иницијатива за вакцинација против коронавирус, Ковакс, се собрани дополнителни 2,4 милијарди долари, повеќе од 400 милиони од очекуваното.

https://p.dw.com/p/3uO8F
Madagascar Covax
Фотографија: Mamyrael/AFP

Благодарение на ветените донации, иницијативата Ковакс ќе може да набави дополнителни 1,8 милиони дози вакцини против коронавирус за луѓето во сиромашните земји. Ковакс истовремено изрази загриженост поради нелиферувањето вакцини. 

Самитот во организација на Јапонија и имунолошката алијанса Гави имаше за цел собирање две милијарди долари од донатори од државен и приватен сектор, кои би ги надополниле веќе обезбедените 6,3 милијарди долари.

Вакцините, кои треба да бидат испорачани во текот на 2021 и почетокот на следната година, би требало да обезбедат заштита против Ковид-19 за околу 30% од полнолетното население во преку 90 сиромашни држави. Индија, поради својата големина, би добила 20% од вкупно расположливите дози, изјави потпретседателот на Гави, Сет Беркли.

Донаторите освен тоа ветија и 775 милиони долари за лиферување на вакцините. Пет земји ветија дополнително да донираат уште 54 милиони дози вакцини на сиромашните држави.

Повеќе:

И вакцината на Модерна влегува во програмата Ковакс

Ковакс и распределбата на вакцини: 36 држави сѐ уште не добиле ниту една вакцина

КОВАКС – како вакцините за сите ќе помогнат за глобално опоравување

Претседателката на Европската комисија Урскула фон дер Лајен на виртуелниот самит ја истакна поддршката на ЕУ кон програмата Ковакс: „Ние сме заедно со вас се додека пандемијата не биде искоренета насекаде во светот“.

Доставени првите вакцини од програмата Ковакс

Американската потпретседателка Камала Харис укажа на тесната поврзаност и испреплетеност во светот: „Ако досега не знаевме, сега ни е јасно дека нашата колективна реакција во глобалните кризи е решавачка за заедничката иднина“.

Во меѓувреме кај Ковакс загриженост предизвикува нестигнувањето на пратки од вакцините. До крајот на јуни, според Светската здравствена организација, недостигале околу 190 милиони дози. Причина е одлуката на Индија, по масивното избувнување на пандемијата во земјата, да ги забрани испораките и извозот на вакцини. Најголемиот светски производител на вакцини против коронавирус, Серумскиот институт во западниот дел од Индија, продуцира вакцини за британско-шведскиот фармацевстки концерн АстраЗенека.

Ковакс си постави за цел да ја избалансира и намали масивната нееднаквост меѓу богатите индустриски држави и сиромашните земји при вакцинирањето на населението. Намера на програмата е уште во оваа година во секоја земја, сеедно дали е богата или сиромашна, против Ковид-19 да бидат вакцинирани 20% од луѓето кои претставуваат најризични категории.