1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

42-та сезона во фудбалската Бундеслига ветува возбудлива завршница

4 април 2005

Баерн и Шалке во трката за првото место, се чини, добиваат уште еден конкурент – Штутгарт, а интересна борба се води и за местата што обезбедуваат учество во европските купови. На дното работите изгледаат нешто појасно, иако Ханза и Бохум се’ уште не се откажаа од сите надежи.

https://p.dw.com/p/AelI
Штутгарт најавува амбиции за титулата по победата над официјалниот шампион Вердер во Бремен
Штутгарт најавува амбиции за титулата по победата над официјалниот шампион Вердер во БременФотографија: dpa

Во дербито на колото Штутгарт го совлада Вердер во Бремен со 2 спрема 1 и заостанува пет бодови зад водечката двојка. „Разликата е преголема, но ако водечките испуштат по некој бод, можеби можеме и да им се привлижиме“, вели вообичаено воздржаниот тренер на Штутгарт Матијас Замер. Баерн на гостувањето во Волфсбург забележа убедлива победа од 3 спрема 0, а Шалке во Гелзенкирхен го победи Нирнберг со 4 спрема 1. Веќе во наредното коло Шалке му гостува на Штутгарт.

Другите кандидати за место на европската сцена доживеаја непријатни изненадувања: Херта Берлин е поразена во Дортмунд од Борусија со 2 спрема 1, Баер загуби од Арминија во Билефелд со 1 спрема 0, а Хамбургер на гостувањето кај отпишаниот Фрајбург оствари само реми 1 спрема 1.

За засега мали промени на односите на дното на табелата се погрижи Ханза, која во Росток го совлада Мајнц со 2 спрема 0. Во наредното коло Ханза му гостува на Нирнберг и тоа е дуел за гол живот – неуспех би го одвел Нирнберг на работ на втората лига, а шансите на Ханза за опстанок во прволигашкото друштво би станале реални. Бохум на гости кај Борусија во Менхенгладбах извлече нерешен резултат 2 спрема 2. За Бохум, како и за Ханза, во преостанатите 6 кола до крајот на првенството уште не е се’ загубено; дотолку повеќе, што оние, на наводно сигурните позиции, играат слабо.

Негативен штимунг повторно завладеа во Кајзерслаутерн, кој дома беше поразен од Хановер со 2 спрема 0 и навивачите бараа смена на тренерот, Австриецот Курт Јара.

Од фудбалот и нареднава информација:

Се навестува организирање фронт против германската фудбалска легенда Франц Бекенбауер, актуелен претседател на Организациониот комитет на светското првенство во 2006-та, во однос на неговите амбиции за претседателската функција во Европската фудбалска унија (УЕФА). На чело на фронтот застанува европратеникот од фракцијата на Зелените Даниел Кон-Бендит, кој му забележува на Бекенбауер дека ја поддржува моќта на фудбалските концерни. Изборот на Бекенбауер би бил скандал, вели Кон-Бендит, кој смета дека вистински човек за претседател на УЕФА би бил поранешниот француски репрезентативец Мишел Платини. Тој, инаку, е и единствениот кој досега објави дека ќе се кандидира за наследник на Ленарт Јохансон. Се очекува на 21-ви април 75-годишниот Јохансон да објави дека по истекот на сегашниот мандат ќе се повлече од функцијата.

Кон-Бендит за денешното издание на „Тагесцајтунг“ од Берлин вели дека ќе настојува да придобие на своја страна и други европратеници независно од партиско-политичката припадност.