1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

600 милиони евра за одбрана на економијата од коронавирусот

Костадин Делимитов
22 март 2020

Да се спречува, наместо да се лечи. Владата интервентно ќе се задолжува и ќе бара пари од ММФ и Светска банка. Ликвидноста на буџетот и заштита на работните места се приоритет, а товарот ќе го носат сите!

https://p.dw.com/p/3ZsB8
Nord-Mazedonien l Pressekonferenz in Skopje mit Angelovska und Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Владата го објави планот за одбрана од ударот на епидемијата на коронавирусот врз економијата. Со пакет тежок околу 600 милиони евра, кои ќе се обезбедат од странски извори ќе се обезбеди фонд за ликвидност на буџетот и финансирање мерки за поддршка на фирмите и граѓаните. Приоритет ќе биде спас на стопанството, зачувување на работните места и приходите на сите граѓани, но и ликвидност за најцрните сценарија.

„Имајќи предвид дека еврообврзницата е подолг процес кој што е потребно е над два месеца, имајќи предвид дека непредвидливоста е голема на пазарот на капитал, министерството за финансии предложи да се искористи специјален инструмент, таканаречен заем до еврообврзница, во износ од 400 милиони евра со рок на доспевање од 12 месеци. Планираме дополнителни 87 милиони евра од ММФ на кој земјава има право како членка на Фондот, исто така ќе се побараат средства за развојни политики од Светска банка каде се очекува износ од околу 100 милиони евра. Веќе од утре ќе се достават барањата до сите меѓународни институции и кредитори“, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.

Втор пакет интервентни мерки

Обезбедувањето на парите ќе биде искористено за втор пакет мерки за поддршка на стопанството и граѓаните кој ќе се објави деновиве:
„Средствата ќе бидат искористени за заштита на работните места, ликвидноста на буџетот, а наскоро ќе се презентира сетот мерки. Ликвидноста е обезбедена, подготвени сме за сите сценарија, подготвени сме за најлошото сценарио , а секако работиме и се надеваме за најдоброто. Буџетот ќе може да ги финансира сите потреби, сите мерки кои ќе се креираат за ниту еден граѓанин да не остане без работа, без плата, без приход. Како што е кај здравството, подобро да спречиме отколку да лечиме, така и кај економијата фокусот ќе биде да ги задржиме работните места односно да нема отпуштања“, изјави Ангеловска.

Одложување на кредитите

Какви ќе бидат новите мерки засега не се соопштува. Сепак, она што е клучно да се знае е дека се создадени услови за одложување на ратите за кредити за граѓаните и компаниите за најмалку три месеци. Народната банка за ова веќе ја смени регулативата, а таа утре се очекува да помине и на владина седница:

Граѓаните и компаниите ќе добијат понуда или известување од банките за одложување на обврските, по што ќе треба да се изјаснат дали се сложуваат со поповолните услови или не. Доколку не се изјаснат за 10 дена ќе се смета дека не се за одложување на ратите за кредитите. По усвојување на Уредбата, се надевам утре ќе го објасниме целиот процес. Наше е да ја креираме можноста без да одат граѓаните во банки да добијат одложување на обврските и тоа ќе биде направено.“- рече Ангеловска.

Нема ребаланс

Во целата операција нема да се прави ребаланс на буџетот но ќе има кратења на расходните страни и пренамена на средства помеѓу буџетските корисници:

„Во вакви услови на вонредна состојба ребаланс нема да биде потребен, а од друга страна ќе имаме поголема флексибилност, поголема агилност за да делуваме за што Владата ќе може да носи посебни уредби, односно одлуки за прераспределба помеѓу едни и други буџетски корисници. За мерките кои ќе се објават многу бргу повикувам на трпение. Сите ќе ја платиме цената и секој ќе го носи товарот во оваа ситуација во која е најважно да ги одбраниме фирмите и работните места на сите граѓани“, изјави Ангеловска.

Интервентниот заем ќе биде отплатен во целост со средствата кога ќе се издаде еврообврзницата, што може да се случи до крајот на оваа или почетокот на наредната година. Ангеловска очекува поволна каматна стапка за овој инструмент, дури и пониска од претходно издадената еврообврзница во 2018 година која имаше историски најниска стапка од 2.75%. За предлогот потпис за согласност има и од дополнителниот заменик министер за финансии Гордана Алексоска- Кочовска, што според Ангеловска ја покажува општата свест дека треба да се има сигурносна мрежа за удар од оваа криза.

Заздравување во третиот квартал?

Најтешкиот удар од епидемијата врз економијата се очекува во вториот квартал, или црното сценарио кога се очекуваат драстично пониски приходи од даноци поради рестриктивните мерки и намаелната економска активност. Во третиот квартал според проценките на министерството за финансии може да се зборува за стабилизација и опоравување, за во четвртиот квартал од годината евентуално да има комплетно опоравување или дури и определен раст на економијата. Сепак, како ќе се развива состојбата и како ќе заврши годината е тешко да се предвиди со сигурност да се предвиди.

Досега, најголемиот удар од епидемијата на коронавирусот го претрпе угостителскиот сектор, хотелот, рестораните, кафулињата кои прекинаа со работа. За штети веќе алармираат и производствени капацитети, кои поради кризата се принудени дел од работниците да ги испратат на принуден одмор. За билансот од штетите, но и бројот на отпуштени или принудно испратени работници дома засега нема прецизен податок.
Инаку согласно буџетот за 2020 година, планирано е издавање на еврообврзница во износ од 500 милиони евра. Нејзиното издавање беше планирано за втората половина од годината. Со овие пари и емитувањето на државни хартии од вредност требаше да се исплатат 700 милиони евра стари долгови, од кои се по основ на 400 странско задолжување, но и да се финансира дефицитот во износ од околу 280 милиони евра. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема