1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

75 години ОН: Ангела Меркел бара реформи

ЖА / агенции
22 септември 2020

По повод 75. роденден на ОН, германската канцеларка Ангела Меркел ги истакна нејзините заслуги, но и потребите од реформи, пледирајќи за проширување на Советот за безбедност.

https://p.dw.com/p/3ipdC
Deutschland Merkel PK Navalny
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Schreiber

„Советот за безбедност на ОН многу често е блокиран во моменти кога е потребно донесување јасни одлуки, потребни ни се реформи", гласи клучната порака во видео-обраќањето на германската канцеларка Ангела Меркел, која таа го испрати во Њујорк по повод 75-годишниот роденден на ОН. Колку ќе бидат успешни ОН во крајна линија зависи од единството на нивните членки, а за да се справат со предизвиците на 21 век, ОН мора натамошно да се развиваат, нагласи Меркел.

Во видеото канцеларката не штедеше на критики кон државите кои ги блокираат одлуките во светското тело, иако таа не ги спомена поименично Русија и Кина, како ни американскиот претседател Доналд Трамп, кој доста често претпочита еднострани чекори наместо меѓународно заедничко решавање на конфликтите.

Сепак, Меркел е доволно јасна со констатацијата дека „ОН често мора да заостануваат зад своите идеали, зашто секогаш одново интересите на поединечни земји спречуваат системот на ред да функционира онака како што би морал. Но, оној кој мисли дека самиот може подобро да се справи со проблемите, се лаже. Благосостојбата ни е заедничка, но и маките ни се заеднички, ние сме еден свет."

Пандемијата на коронавирус е јасен пример „дека глобалните проблеми побаруваат координација и заедничка соработка на сите нивоа настрана од националните граници," истакна Меркел. Токму кај жариштата како Либија, трагедијата во Сирија, важно е без оглед на сите назадувања, да се направат сите можни напори и заеднички да се најдат стабилни одговори.

USA, New York I 75. Jahrestag der Vereinten Nationen
ОН: 75-годишен јубилеј во време на корона-кризаФотографија: Eskinder Debebe/United Nations /AP/picture-alliance

Германија е подготвена и натаму да носи одговорност, радо и во проширен Совет за безбедност, порача канцеларката во однос на предлозите за реформа на ОН. Германија моментно има двегодишно присуство во Советот за безбедност како непостојана членка, но постојано ги истакнува својата спремност и аспирациида стане постојана членка на ова тело.

Како добра работа Меркел го наведе ангажманот на ОН во напорите за мировни консолидирања во Авганистан и во Мали, кривичното гонење на воени злосторници, како и борбата против сиромаштијата и искоренувањето на болеста на сипаници.

Повеќе:

Совет за безбедност: Германија го дели шефовското место

70 години ОН-славеникот под притисок

Ден на ОН: до каде се реформите?

И францускиот претседател Емануел Макрон изрече критики по повод 75 годишнината од основањето на ОН. „Во нашата заедничка куќа владее неред. Се поткопуваат нејзините темели, ѕидовите понекогаш напукнуваат под ударите на оние кои сами ги имаат изградено", изјави Макрон.

25 години во Обединетите нации

Организацијата на Обединетите Нации е создадена во 1945 година заради јакнење на меѓународната соработка по Втората светска војна и спречување на конфликти. Во неа членуваат 193 држави. Како официјален роденден се смета 24 октомври 1945 година, но јубилејната церемонија се одржа синоќа во пресрет на Генералната дебата, на интернет поради пандемијата на коронавирус.

На одбележувањето синоќа беа слушнати видео пораки од светските лидери. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој зборуваше во салата на Генералното собрание, апелираше за заживување на мултилатерализмот, нагласувајќи дека пандемијата со коронавирусот „ја разгори светската кршливост“ и потребата заеднички да се решат проблемите.