1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080411 EU Finanzminister 1

8 април 2011

На Португалија, која е во тешка финансиска криза, според еврокомесарот Оли Рен, ќе и‘ бидат потребни околу 80 милијарди евра од европскиот Фонд за спас. Помошта би требало да биде договорена до средината на мај.

https://p.dw.com/p/10pzF
Фотографија: fotolia

Еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен на средбата на министрите за финансии на ЕУ во Геделе, денеска (08.04) потврди дека во Европската комисија е пристигнато официјалното португалско барање за помош. Што точно се бара, Рен не наведе:

„Сметам дека министрите за финансии ќе го поздрават ова барање и ќе ја ополномоштат Европската комисија да почне преговори со Португалија за опсежна програма за санација. Европската комисија е подготвена брзо да почне со тоа.“

Оли Рен пред новинарите во Геделе
Оли Рен пред новинарите во ГеделеФотографија: picture alliance/dpa

Претседавачот на групата земји кои го имаат воведено еврото, луксембуршкиот премиер Жан-Клод Јункер, изјави дека во Фондот за спас на ЕУ и на ММФ има доволно пари. Досега, итни кредити од овој фонд користи само Ирска, а Грција има свој фонд.

„Пари има доволно, тоа не е проблем. Проблемот е од политичка природа - со кого можеме да преговараме за дополнителни политички програми во Португалија? Тоа ќе мора да се расчисти во текот на денот.“

Со кого ќе се преговара за помош и санација?

Малцинската социјалистичка влада во Португалија пред две недели поднесе оставка, поради тоа што нејзината најнова програма за штедење не доби зелено светло во парламентот. Преодниот португалски министер за финансии, Теиксеира дос Сантош, во Геделе не остава впечаток како да му се брза. Тој прво сака да слушне какви услови ќе постави Европската унија за можните итни кредити. Ирска за своите кредити бара намалување на каматите, што веќе и‘ беше дозволено на Грција. Наводно, Германија и други солвентни ЕУ-земји веќе подолго време вршат притисок врз Португалија да застане под „чадорот за спас“. Новите избори во Португалија се закажани за 5 јуни. Според наводите на Оли Рен, со оглед на претстојните избори, преговори за пакетот мерки за помош ќе се водат и со опозицијата во земјата, а последните детали за помошта и програмата за штедење која ќе треба се спроведе ќе бидат расчистени по изборите.

Жан-Клод Јункер
Жан-Клод ЈункерФотографија: AP

Шпанија ќе се спасува сама

И еврокоемсарот Рен и шпанската министерка за финансии Елена Делгадо ги отфрлаат шпекулациите дека по Португалија под притисок може да се најде значително поголемата Шпанија:

„Задолженоста на Шпанија е многу помала од просекот на земјите на ЕУ. Сигурен сум дека Шпанија со своите храбри програми за штедење ќе излезе на крај со проблемите и нема да има потреба од надворешна помош“, изјави Рен.

Шпанија има храбри програми за штедење, вели Рен
Шпанија има храбри програми за штедење, вели РенФотографија: bilderbox/DW

За време на неформалната средба во Геделе, министрите за финансии треба да разговараат и за Грција и Ирска. Двете земји во меѓувреме се толку задолжени што може да биде неопходно рефинансирање на долговите, значи откажување на доверителите од нивните побарувања или продолжување на роковите за враќање на кредитите. Официјално лошиот збор „рефинансирање“ не се споменува. Тоа ќе биде можно дури по 2013 година, кога ќе стапи во сила новиот перманентен Фонд за спас на ЕУ, велат дипломатите.

Автор: Бернд Ригерт/дпа/Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска