1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Aко нема гаранција за „бомбите“, мора да има одговорност

6 јуни 2019

Обвинителката Катица Јанева со една изјава предизвика бура од реакции. Јавноста бара одговори, но и одговорност.

https://p.dw.com/p/3JvjM
Bundespolizeiinspektion (Symbolbild)
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Голем број реакции на незадоволство предизвика изјавата на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, околу гарантирањето на безбедноста на „бомбите“ коишто се чуваат под посебен режим во СЈО. Во однос на аудио снимките што се емитуваа на Фејсбук од профилот со псевдоним Ел Чека, на новинарско прашање - „Можете ли да гарантирате дека не се од кај вас?“, Јанева одговори: „Не, не можеме да гарантираме ништо“.

Таа рече дека дала налог да се испитуваат снимките што се објавени од Ел Чека, за дел потврди дека ги има кај нив, а за дел сѐ уште се истражува. Но, за разлика од овој случај, кога Јанева изјави дека ништо не може да гарантира, сосема поинаков беше одговорот по објавувањето на аудио-снимки од профил со псевдоним „Илија Громовник“. Тогаш од СЈО најавија дека ќе ги анализираат содржините на тие материјали, но децидно тврдеа дека нема никакви шанси тие да протекле од кај нив.

„Гарантираме дека материјалите не се излезени од кај нас. Ние ги чуваме со највисок степен на заштита“, изјавија тогаш од СЈО.

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
Изјавата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за безбедноста на „бомбите“ предизвика многу рекацииФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Јавноста незадоволна

Во јавноста се множат прашања и коментари: Зошто таков дециден одговор нема и за „бомбите“ на Ел Чека? Попуштил ли степенот на заштита? Дали едни бомби се чуваат подобро од други? Ако не се способни, нека си одат!

„Ваква изјава воопшто не нѐ остава рамнодушни“, вели адвокатот Драган Малиновски. 

„Тие снимки имаа свој пат од објавувањето, сѐ до предавањето во СЈО. Во тоа движење навистина имаше огромна бројка на аудио-материјали. Не знам како би се утврдило во кој фаза некои од нив 'излегле', бидејќи не е прват да се случи тоа -  ги имаше и на пазар, и на социјални мрежи, затоа и го инкриминиравме нивното користење. Ние можеме да имаме разни дилеми по тоа прашање, но навистина е пресериозно ако СЈО не може да ја гарантира нивната безбедност. Со оглед на профилот и надлежноста на таа институција, просторот каде се чуваат тие би требало да биде најобезбедуваниот простор, а работењето со тие материјали најстрого контролирано и набљудувано. Ако таа институција не може да гарантира за основната функција и основниот материјал со кој постапува, тогаш одговорност мора да има“, вели Малиновски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев ги предаде „бомбите“ во СЈО на 30-ти декември 2015 година, откако новоформираната институција гарантираше дека се создадени сите услови за нивно безбедно чување. СЈО во повеќе наврати досега тврдеше дека материјалите се чуваат под посебен режим.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
СЈО во повеќе наврати досега тврдеше дека материјалите се чуваат под посебен режим Фотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

„Сите снимки од незаконски следените комуникации се заштитени во сеф, за нив е задолжен вработен кој секогаш кога ги предава на обвинител за преслушување во интерес на некој предмет, за тоа се прави записник со точно време кога се земени и вратени, и од нив не е можно да се направи копија бидејќи се под посебна заштита и во тој дел“, тврдеа од СЈО во изминатиот период.

Снимки, пораки, вештачења...

Дека се работи за „шума“ од материјали, покажа и последниот шестмесечен извештај на СЈО за периодот од 15-ти септември 2018 до 15-ти март 2019 година. Во него се вели дека процедурите и динамиката на преслушување, анализа и обработка на вкупно 606.555 аудио фајлови со кои располага СЈО продолжиле и во текот на извештајниот период, при што заклучно со поднесувањето на последниот Извештај предмет на анализа била содржината на 582.293 аудио фајлови, односно во обработка биле 96 % од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Обвинителство.

„При анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на РСМ и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот“, се вели во Извештајот.

Повеќе:

Во бомбите сѐ уште има барут

Законот за СЈО како желботека!

Од вкупниот број на анализирани разговори 582.293, дополнително биле издвоени уште 209.528 приватни разговори, со што се стигнало до вкупно 453.281 аудио фајлови за кои се утврдило дека се приватни разговори. Во извештајниот период биле анализирани форензички копии на вкупно 124.058 аудио фајлови од предметот против Захир Бекири -Чауш и Имер Бекири, доставен од страна на Основното јавно обвинителство - Скопје, со цел да се утврди на бројот на разговори кои се предмет на незаконското следење на комуникациите. Од вкупниот број на аудио фајлови до моментот на поднесување на Извештајот биле констатирани 76.797 разговори од кои обработени и анализирани биле 68.956 разговори, од кои за 65.489 разговори било утврдено дека се приватни разговори. Во истиот период била извршена и анализа на доставениот хард диск за кој било утврдено дека потекнува од канцеларијата во УБК, која ја користел Звонко Костовски. Од вкупно 31.495 разговори пронајдени на наведениот хард диск анализирани биле 90%, односно 28.345 разговори од кои за 15.531 се утврдило дека се приватни разговори. На истиот хард диск имало 72. 513 смс-пораки, од кои анализирани биле 60.910, а за 58.365 се утврдило дека се приватни смс-пораки. Во извештајниот период предмет на анализа биле и 98 електронски уреди одземени од неколку лица при спроведени претреси во предистражни постапки, и за дел веќе биле изготвени, а за дел сѐ уште се чекаат вештачења од МВР.