1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Amnesty Прочка International Balkan

11 октомври 2018

Амнестијата кај нас ја има загубено смислата на правдата и се има претворено во орудие на криминалот, сведена на цинична верзија на православна Прочка, исламска Џума и католичка Индулгенција. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/36Mtc
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Долгоочекуваната сиктер-порака од Запад за балканските коруптократи конечно стигна. Прецизно упатена кон владите, а не кон граѓаните, јасна, конкретна, санкциозна, заканувачка и реална порака без пардон и ракавици. Пораката беше толку јасна и драматична што никој од сдсмвмродуи „слободните“ медиуми и „неврзани“ НВО-а во Македонија не се осмели да ја објави. И сѐ би било во ред со пораката – доколку во насловот не стоеше името на адресантот. „АфД вели: Не за Балкан во ЕУ“. 

Веста, прецизно пренесена од медиумите во Тирана и демократски цензурирана од оние во Скопје, накусо гласи вака: Неколку дена пред изборите во Баварија, екстремно десната партија АфД рече 'не' за членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Тие во Берлин ги претставја своите позиции. Портпаролот на АфД за ЕУ-прашања Харалд Вејер и известувачот за Западен Балкан, Зигберт Дросе ги наведоа врските на највисоките владини ешалони со организираниот криминал како клучна причина за неприфаќање на членство на Западниот Балкан во ЕУ.Тој модел е веќе претворен во модел на нивното владеење, изјави Дросе. "Ние не сме согласни со тоа уште во 2025 во ЕУ да влезат првите земји, како Црна Гора и Србија”, додаде Дросе.

Сѐ, само не членство

Пораките од втората по популарност партија во Германија се толку јасни, што не оставаат простор за интерпретации и коментари за предизборните мотиви или селективни пристапи. Но она што мора да се подвлече во врска со ставот на АфД за евроинтеграциите на регионот е што со својата категоричност таа партија го зацрта и објави односот кој – сосема веројатно – наскоро ќе биде прифатен од останатите сомисленички од европскиот деснорадикален кампус во подем. Дотолку повеќе што на претстојните избори во ЕУ не се очекува убедлива 50+ победа на ниту една од поголемите партии, туку рамномерна поделба на мандатите помеѓу умерените и екстремните. Тоа е дури побенигниот аспект на проблемот, базирано врз искуствата и примерите во кои десниот мејнстрим тивко ги презема и инкорпорира пораките на радикалите во своите пред- и по- изборни програми. За очекување е дека ставовите на АфД денес, како и на Ле Пен утре, ќе бидат пречекани со осуда и прекор, исто како што е за очекување е дека во започната предизборна кампања за европските избори ќе можеме да чуеме за „креативни“ предлози од мејнстримот за Бенелуксизација на регионот како предуслов за членство. Или пак за „турски специјалитети” во нудење „атрактивни и полезни” предлози за специјални односи, заеднички пазари, трговски повластици и сенешто други „конструктивни” соработки во кои има сѐ – само не членство.

Други колумни од авторот:

Референдум за Ветвендосје

Некои исти клинци

Анатомија на пост-медиумска Македонија

Тежината на пораката на АфД упатена кон германските гласачи би била подносливо тешка за нас, доколку нејзиното криење од домашната јавност не ја подвлечеше нејзината болност за домашната политичка елита. Недискриминаторската оценка за „владеење со организиран криминал” е подеднакво болна како за минатата, така и сегашната власт, вклучувајќи ги и нивните кербер-медиуми и невладини организации кои со цензурирањето на веста уште еднаш ја презедоа улогата на збратимени бранители кога станува збор за сплотените интра-партиски валканици и модели на „good governance”. Да немате трунка сомнеж – доколку АфД спомнеше барем зборче за минатото, таа вест ќе беше објавена на насловните страници на сите СДСМ и ДУИ пропаганда медиуми. И обратно, доколку германските Алтернативци инсинуираа дека станува збор за сегашни пракси на полит-мафија, ВМРО-медиумите ќе измислеа ново болдирано црнило за насловите исполнети со СДСМ. Но вака, без одредница и со „топтан“ оценка за комплетната постава, и СДСМ и ВМРО и ДУИ и Беса и Села мудро оценија да одмолчат и со молкот признаат колку добро и јасно ја разбрале пораката од алтер-Берлин и нејзината громогласност за иднината која ечи со ехо барем десетпати поголемо од сите изјави за европските ни иднини наши од устите на Хан и Могерини, Меркел и ... можеби Макрон?

Ставот на АфД може да се премолчува од наша страна, но тоа не важи и за нивните политички ривали од Европа кои ќе мораат – порано или подоцна – да одговорат и понудат деманти за искажаните ставови за поврзаноста на нивните „про-ЕУ реформски влади” со организираниот криминал. Но кредибилни деманти има сѐ помалку на располагање, што неминовно ќе ја принуди сегашната владеачка камарила на ЕУ да прибегне кон користење на СДСМ-овскиот поетски стајлинг на одговарање контра неумоливите факти на опонентите. А какви ќе бидат последиците по нив, може да се предвиди според ефектот на поетските ораторства на СДСМ врз домашното гласачко тело. Убедливо поразително.

Куп на Шампионите на Амнестија

ЕУ-естаблишментот ја пропушти можноста на дело да ги пресретне и разоружа аргументите на радикалната десница во поглед на веќе разголените и нераскинливи врски на владеачката политика и организираниот криминал во регионот, вклучително и кај нас. Можноста да се направи разлика се викаше Рајнард Прибе. Но таа стратешки битна прилика беше отфрлена во прилог на дневнополитичките игранки за и околу Референдумот и спасот на Зоран Заев според моделите практикувани во децениското спасување на Никола Груевски и Али Ахмети. И токму тековниот сезонски натпревар во „Купот на Шампионите на Амнестија” е потврда дека аргументите на АфД и сличните допрва ќе се надополнат и засилат како доказ пред нивното нескромно гласачко тело.

Македонија ја дели само чекор од „решението на кризата“, во кој речиси комплетната политичка елита - државна и партиска – ќе биде поединечно и индивидуално закитена со епитетот „амнестиран”. Продолжувајќи ја славната традиција воспоставена уште од времето на амнестираните сдсмовски министри одговорни за „албанската паравојска”, ТАТ, Бит Пазар, Гостивар, приватизација, Сопот, надополнета со амнестираните вмровски министри одговорни за ОКТА, антиквизација, Куманово, Смилковце, и.т.н.  и проширена со амнесија за ДУИ-команданти одговорни за 2001 и министри за нема-доволно-простор-за-набројување. Накусо, амнестијата во Македонија е правен лек за докажување дека криминалот, корупцијата и лоповлукот се исплативи и неказниви. Она што на почетокот беше локално смислено како lex crimen, на крај, со вмешување на меѓународната заедница, еволуира во Amnesty International Inc. легалистичка корупка за обезглавената Јустиција.

Како поинаку освен комично да се оцени денешната претстава во која онаа СДСМ на Бит Пазар, Гостивар, Сопот, ТАТ и Приватизација се згрозува и шизи над идејата за давање амнестија за Груевски, Мијалков, Јанкуловска, Јанакиевски, додека пак отстрана Ахмети, Џафери, Адеми, Османи ги нудат своите искуствени експертизи на амнестизирани рековалесценти? И обратно, кога ВМРО-ДПМНЕ како клучен мотив за Амнестија за 27 Април го наведува аргументот дека битангите да ти биле уметници?! Одолејте ѝ на насмевката додека Иванов се расфрла со амнестии од, демек, алтруистички државни мотиви, а притоа му го препознаете стравот дека извесно еден ден и тој ќе си побара спас во нејзините прегратки. Судејќи според политичкиот однос кон сопствените ситни измами и превртливости, и новата гарнитура од новите партии е веќе на пат да си го научи и преземе овој правнички презерватив – за ко туршија да се најде во некоја иднина.

Без смисла

Амнестијата кај нас не е веќе исклучок, туку правило, воспоставен модел кој дескриптивно се надополнува и совпаѓа со АфД-дефиницијата за моделот на владеење во регионот и во Македонија. Амнестијата е гарант на континуитетот на безвластието и автократијата, на бесмислсеноста на реформите, на илузорноста на владеење на правото, рог на челото на западната импотенција и карикатуралност на домашната интелигенција. Амнестијата ја има загубено смислата на правдата и се има претворено во орудие на криминалот, сведена на цинична верзија на православна Прочка, исламска Џума и католичка Индулгенција. Влегуваш, се помолуваш, клекнуваш, плаќаш и рајот е твој! Сосе тендерите, плацевите, мерцедесите, зградите и поканите за журки кај Бејли и Жбогар и Герберих и Тимоние.

А што се однесува до АфД ... Шу знам, освен да ја препорачам биографијата на Мартин Лутер.   

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач