1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовни протести во Бугарија против насилството врз жените

Мина Киркова
2 август 2023

Брутален напад врз млада девојка поттикна масовни протести во Бугарија. Зошто семејното насилство е голем проблем во земјата?

https://p.dw.com/p/4UhR7
протести насилство врз жените Бугарија
„Уште колку жени?“ - стои на плакат на демонстрантка против насилството врз жените во БугаријаФотографија: Alexandar Detev/DW

Илјадници Бугари излегоа на протести на крајот на јули 2023 година. Тие извикуваа „Системот не функционира!“ и носеа плакати на кои со крваво црвена боја ги имаа испишано своите барања: конечно да се стави крај на насилството што жените во земјата го доживуваат секојдневно, дома и во јавност. Не од непознати, туку од нивните партнери и блиски луѓе. „Ниту една жена повеќе“ беше мотото на демонстрациите што се одржаа во повеќе од 20 бугарски градови.

Не е првпат во Бугарија да се одржуваат протести поради насилство врз жените. Само во 2022 година, најмалку 26 жени биле убиени од луѓе блиски до нив, покажуваат податоците од различни невладини организации кои работат на борба против семејното насилство.

Убоди со нож и скршен нос -  едноставна повреда

Актуелните протести беа поттикнати од случајот на 18-годишна девојка од градот Стара Загора, во централна Бугарија, која била брутално малтретирана од нејзино поранешно момче. Тој ја нападнал и со пластичен нож ја избодел толку жестоко што за раните биле потребни 400 конци. Ѝ го и скршил носот и ѝ ја избричил главата.

Инцидентот се случил уште на 26 јуни. На пошироката јавност ѝ стана познат дури еден месец подоцна, кога жена блиска до семејството на жртвата ги известила медиумите. Пријатели на насилникот поради ова ѝ се заканувале.

Бугарија Софија суд
Протести пред Судската палата во СофијаФотографија: Alexandar Detev/DW

Набргу по злосторството, сторителот морал да одговара пред судот во Стара Загора. Судот одлучил дека повредите на жртвата се само „едноставна телесна повреда“. Жената долгорочно не била обезличена од злосторството, а нејзиниот живот во ниеден момент не бил во опасност, смета судот. Сторителот е пуштен од затвор - иако веќе издржувал условна казна за слично кривично дело.

Јавен притисок - и конечно промени?

Кога случајот излезе во јавноста еден месец подоцна, во бугарското општество почна бран на огорченост со размери какви што земјата нема видено долго време. Гневот и разочарувањето се проширија - поради неадекватниот одговор од правосудниот систем, но и поради попуштањето пред семејното насилство. „Навистина е страшно што во Бугарија постои ваква култура на угнетување, во 21 век, во европска земја“, вели Симеон, еден од учесниците на протестите во Софија.

Гневот на јавноста главно е насочен кон судиите и обвинителите поради ослободувањето на насилникот и неказнувањето построго. Како што подоцна се испостави, за ова е одговорен судско-медицинскиот извештај, во кој повредите на младата жена се оценети како „лесни“. Во дискусиите за случајот особено се критикува актуелната правна ситуација, која дозволува ваква класификација и покрај бруталноста на делото. Едно од централните барања на демонстрантите е политичарите да продолжат да ги прилагодуваат законите.

Бугарија Софија протести
Притисокот на демонстрантите предизвика раздвижување на случајот на измачуваната девојкаФотографија: Alexandar Detev/DW

Во меѓувреме, случајот имаше и персонални последици: заменикот окружен обвинител на Стара Загора мораше да поднесе оставка, исто како и лекарот кој го направил лекарскиот извештај. Сега е побарано второ лекарско мислење. А сторителот по вторпат е уапсен бидејќи јавното обвинителство во текот на истрагата утврдило дека на подоцнежната жртва ѝ упатувал смртни закани уште пред да го изврши делото - што е казниво дело.

Фактот што во случајот се внесува нова динамика, е во голема мера резултат на протестите на илјадниците демонстранти, кои се собраа во сите поголеми градови низ земјата, барајќи фер судење и крај на толерирањето на семејното насилство. „Тука сум затоа што неодамна истото ѝ се случи на внуката“, изјави за ДВ една постара жена на протестот во Софија. „Никогаш не го осудија сторителот. Во меѓувреме тој ја напушти земјата. Сега никој не може да го најде“.

Крај на „културата на насилство“?

Повеќе од 20 отсто од сите жени во Бугарија на возраст меѓу 18 и 74 години биле физички малтретирани од партнерот во нивната актуелна или некоја мината врска, покажува истражувањето на Националниот статистички институт на Бугарија од 2021 година. „Повеќето луѓе мислат дека тоа е сосема нормално. Тие не го осудуваат - и тоа едноставно продолжува да се случува“, вели Андреа, која исто така учествуваше на протестот во Софија.

Бугарија Софија протести
Пораките што ги упатуваат демонстрантите во Софија се повеќе од јасниФотографија: Alexandar Detev/DW

Традиционалните вредности се цврсто вкотвени во делови од бугарското општество. Ова го вклучува ставот дека терминот „семејство“ се однесува на хетеросексуални двојки составени од маж и жена, но и ставот дека двојката мора меѓусебно да си ги реши сите проблеми што ги има - дури и кога се работи за физичко насилство. Тоа се „застарени патријархални претстави“, вели за ДВ психологот Александра Петрова. „Според нив, мажот има право да ја контролира жената. Мажите ги злоупотребуваат своите сопруги и психички, затоа што мислат дека тие не се доволно добри за нив.“

Бугарија до денес ја нема ратификувано Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, донесена од Советот на Европа во 2011 година. Договорот, кој според меѓународното право е обврзувачки за сите држави кои го ратификуваат, првенствено има за цел да ги заштити девојките и жените од насилство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема