1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали бугарската нација е недовршена?

7 април 2023

Младите за Петков, средовечните за Борисов. Нација ли се Бугарите или остануваат на нивото на племенски лидери и бесно плукаат по оние на противникот, како да се натрапници од туѓи планети. Ивајло Дичев го бара одговорот

https://p.dw.com/p/4PlNX
Избори Бугарија
Избори во БугаријаФотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/IMAGO

Изборите уште еднаш покажаа колку е поделена бугарската нација: младите - за ПП/ДБ, средовечните - за ГЕРБ, старите за БСП. Софија; Пловдив и Русе - за партиите на промената, провинцијата - за статус квото; во странство - за ДПС, ПП-ДБ и „Преродба“, земјата - за БСП и ГЕРБ; Турците, Ромите и нискообразованите за ДПС, дипломираните - за ПП-ДБ и ГЕРБ. итн. 
Но, зошто овие нормални демографски групи се толку непопустливи едни кон други и бараат од нивните политички претставници да бидат бескомпромисни до смрт? 
Едно објаснување е нашата недозавршена нација. Дали жителите на оваа територија сакаат да живеат заедно, што ги поврзува? Многу историчари велат дека нашите преродбеници сонувале да бидат Европејци. Вистината е дека едни гледаа кон Европа, други кон руската автократија, трети се чувствуваа одлично во Отоманската империја. Истото важи и денес: едни сакаат да тргнеме по европски пат, други тонат во слатка тоталитарна носталгија, трети само гледаат да не ги задеваат за било што. 

Пребројување на националните нихилисти 

Кога велиме нација, си замислуваме политичка заедница која знае како да ги излачува своите лидери. Но, ние остануваме на нивото на племенските водачи и бесно плукаме по оние на противникот, како да се натрапници од туѓи планети. Како сѐ не ги нападнаа Кирил Петков и Асен Василев, кои нè преведоа низ исклучително тежок период - последната глупост што ја слушнав беше дека биле воздушни, за разлика од земниот Борисов. Но, да не звучам пристрасно - самиот Борисов, колку и да го сомничиме за корупција, сепак е политичар кој рекордно долго владее со нас. Со нас, Бугарите. Врти-превртува, купува противници, го менува мислењето по три пати дневно, реди простотилаци- но вака или онака, останува на кормилото. Ми се чини дека токму единечното лидерство е причината за новата победа на ГЕРБ, наспроти снимките на шестмината лидери на опонентите. Но, токму затоа и го мразат. Слична омраза будат и други силни моно-лидери како Иван Костов и Ахмед Доган, да не се враќаме наназад до Стамболов и Фердинанд. 

Ќе речете- не сме лековерни кон лидерите. Проблемот е што сѐ поголем број Бугари ги мразат самите институции на својата земја. Гласачкото ливче го создаде очекуваниот хаос и уште еднаш го поткопа легитимитетот на изборите - покрај недовербата во правосудниот систем, во јавните набавки, во неутралноста на администрацијата и на крајот - во државата Бугарија. Додадете ги процентите на „Преродба“, кои однапред одбиваат да учествуваат во владата и се подготвуваат за нови избори, со речиси 4 отсто пратеничката група „јас никого не поддржувам“, додајте ја Има таков народ, која досега се истакна само со деструктивно однесување - и добивате неверојатни 22 отсто национални нихилисти. Покрај негласачите. 

Кој знае што сака? 

Големиот проблем на Бугарите е што не знаат што точно можат да бараат од политиката. Од една страна сакаат сè, од друга - ништо. Не знам дали не се учи на училиште како што треба, дали медиумите не објаснуваат... Очекуваат државата да им даде пари. Очекуваат да се реши демографската криза. Построго да се казнуваат убијците на патиштата. Многу ретко ќе слушнете некој граѓанин да навлегува во конкретна легислатива, да бара работи што можат да ги спроведат националните институции - сакам да прифатите што да е, да ми го решите едниот или другиот проблем. Се случува токму спротивното. Споменатите постари гласачи на ГЕРБ поддржуваат партија која сака да ја заостри финансиската дисциплина и ги критикува дарежливите пензии што ги доделува владата на Петков, иако овие мерки ќе ги погодат токму нив. Или земете ја споменатата провинција, која гласаше против „Промената", иако оваа коалиција најави дека ќе работи на тоа субвенциите од ЕУ да не одат само за Софија.  

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев, автор на колумнатаФотографија: BGNES

А како гласачите за „Преродба“ ги прикажуваат последиците од политиката на нивните избраници е мистерија. Што точно значи суверен бугарски лев - одврзување од валутен одбор, флуктуирачки курс како во 1996-97 година? Или други глупости. Што точно ќе се случи по спасувањето на „Мариците“ кога ќе падне цената на струјата, како што веќе почна? Каде ќе најдеме пари за четири нуклеарни реактори? 

Нема да има чуда 

Каузалното размислување не е силата на нашите изборни дебати. Наместо да замислуваат што сакаат да постигнеме како народ и, соодветно, какви чекори треба да преземеме кон тоа, граѓаните се препуштаат на тајни соништа. Суверенитет - зборот ги гали ушите. Да ја ставиме целата банда во затвор, да се одмаздиме што молчевме толку години. Референдум, демократија, рестарт на  системот. Да им се спротивставиме на големите, да тропнеме на масата во Брисел. Да ги казниме Македонците затоа што не сакаат да бидат Бугари. Овие соништа брзо се претвораат во нивна спротивност, но во моментот искуството е возвишено. А племенските политичари сфатија дека конкретните работи како даноци, проекти или инвестиции, и воопшто политиката се здодевни, па нагласуваат општи работи.
Значи, ако прашувате дали ќе има влада - зависи од тоа дали сакаме да направиме нешто заедно како народ и да ги натераме политичарите да ја намалат пареата од емоции и да се фокусираат на малите, но реални чекори напред. Мора да ни биде јасно дека нема да има чуда – ни економски, ниту морални – и нашите преголеми очекувања само ќе раѓаат разочарувања. Ќе биде разочарувачки, но потоа пак ќе почнеме да стануваме нација. 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема