1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Cool“ е и во село и во град

21 септември 2010

Новата Шел-студија за млади беше повод за споредба на состојбата на младите од градските и селските средини во Германија. Што е разликата во животот на младите во град и на село и кој е позадоволен?

https://p.dw.com/p/PG0d
Фотографија: BilderBox

Младите луѓе во Германија не се песимисти. Така е и во селската околина на Нидеррајн и во големиот град Дизелдорф. И покрај нивните мали грижи, на прашањето „Како си?“, ниту еден од нив не одговара со тегобен глас.

„Во принцип многу добро.“

„Во принцип многу океј.“

„Во моментов е малку напнато поради обврските на училиште, но не можам да кажам дека сум преоптоварен.“

„Да, многу добро. Да.“

„Доста добро, моментално имам многу стрес, но инаку се чувствувам добро и оптимистички настроен.“

Младите во град

Deutschland Jugend
Фотографија: DW

Стресната состојба на момчето Хаген се однесува на претстојните крупни промени во неговиот живот, поврзани со започнувањето на студиите по правни науки во Бон. Во слободното време тој е активен во младинскиот парламент во Дизелдорф, каде од политичарите бара да се ангажираат повеќе за младите во неговиот град. Покрај политичкиот ангажман, Хаген свири во еден хеви метал бенд и оди радо на забави.

„Најмноги ги обожавам домашните забави со пријателите, но ако се случи да излезам во центарот на Дизелдорф, тогаш најчесто посетувам рок свирки. Меѓутоа, воопшто можностите за забава се тука големи, или на пример кога сакаш да излезеш и да се напиеш само едно пивце... секако тука се наоѓа и најглемиот шанк на светот.“

Феликс живее на село

На 13 годишниот Феликс, пак, од една страна му е малку прерано за пиење пиво по кафеаните, а од друга страна и не му се нудат многу можности за забава и излегување. Феликс живеел до пред пет години во јужниот дел на Келн, а сега неговото семејство живее во голема куќа во селото Гревенброих/Минхрат, кое брои некаде околу 500 жители. Во селото автобусот вози само еднаш на час, а згора на тоа има и една пауза од три часа, меѓу 10 и 13 часот. Тука има забава само еднаш во годината и тоа на селската слава т.н. „шуценфест“. На гимназијалецот Феликс, сепак, не му е здодевно, бидејќи покрај училиштето тој има и други обврски.

Deutschland Westerhever Schafe am Leuchtturm
Во село е поздодевно, но...Фотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

„Двапати во неделата играм фудбал и еднаш тенис, потоа свирам кларинет во училишниот оркестар, а секој вторник одам на курс за тапанар. Инаку играм ’плеј стејшн’, минувам време пред компјутер и за викендите се среќавам со другарите.“

Некому градот му е непријатен

Младите со задоволство се среќаваат своите пријатели. Шестнаесетгодишната Натали ги цени можностите кои и‘ ги нуди Дизелдорф, но таа заедно со своите пријатели радо оди надвор од забрзаниот град, на село, за да се одмори.

Frühling in Düsseldorf
Панорама на ДизелдорфФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

„Често ми се чини дека Дизелдорф е преполн. Затоа едноставно одам надвор од Дизелдорф, на чист воздух и во зеленило. Тоа тука го нема.“

Сепак, никој од младите не би се менувал со другите. За тинејџерите, ситуацијата во село и град не е многу различна. Големиот спектар на понуди во градот ионака може да го користи само оној кои има доволно пари. Оние, пак, кои не се толку богати одат во младинските центри и други места, каде не се плаќа влезница, а сепак можат да се дружат со пријателите.

Конзервативни идеали

Денешните млади во Германија немаат некои големи желби и визии. Сите посакуваат семејство, здравје и добра работа и консеквентно се стремат кон оваа цел. Во сето голема улога игра успехот на училиште. Неуспехот на ова поле им претставува најголема грижа, а успехот, пак, најголема среќа. Така на пример, тринаесетгодишниот Тимоти, кој живее во едно од проблематичните предградија на Дизелдорф, раскажува дека наскоро треба да премине во основно училиште со подобар рејтинг и сонува за 10 години да си ја исполни животната визија:

„Да седам пред компјутер во сопствена канцеларија во полиција, во служба при министерсвото за внатрешни работи. Пред мене на работната маса да стои фотографија од моето семејство и да сум среќен што се сите здрави и живи, како моето семејство, така и моите родители и роднини“, вели тринаесетгодишниот Тимоти.

Автор: Доро Бломер-Мајер / Љубинка Божиновска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска