1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери ја презема палката на Илинденска број 2

29 јануари 2024

Европскиот сојуз за промени (ЕСП), изборот на Талат Џафери го спореди со изборот на Старова и Хасани во 1986 година. Еди Рама заслугите за историското достигнување му ги припиша на Ахмети.

https://p.dw.com/p/4bmNs
Талат Џафери, првиот македонски премиер - Албанец
Талат Џафери, првиот македонски премиер - АлбанецФотографија: Petr Stojanovski

Со примопредавање на функцијата помеѓу досегашниот премиер Димитар Ковачевски и претседателот на новата преодна Влада, Талат Џафери, од денеска на Илинденска број 2 почнува првиот работен ден на техничката влада задолжена за спроведување на парламентарните избори.

Вчерашниот  избор на третата техничката влада  и нејзиниот премиер ги надмина димензиите што ги има преодната влада според Законот. Заради етничката припадност на избраниот премиер, на настанот му беа припишани историски димензии за Албанците во Македонија, со еуфорија која привлече големо медиумско внимание во регионот, особено во Косово и Албанија. Историскиот ден беше медиумски проследен од домот на Џафери, неговото пристигнувањето во парламентот, изборот во Собранието, канцелариската прослава со сопартијаците од ДУИ, до негово учество во тв-дебата. На видео од славеничката атмосфера беше прикажана и вратоврската на Али Ахмети, на чија внатрешност е напишано „премиер Албанец 28.01.2024“.

Евроамбасадорот Дејвид Гир со објава на платформата „Х“ вчера му го честиташе  изборот на Џафери.

„Честитки до Џафери за неговиот избор за премиер. Очекуваме блиска соработка со него и со новата Влада во ова важно време во односите меѓу Северна Македонија и ЕУ“, напиша Гир.

ЕСП: Историјата се повторува

Европскиот сојуз за промени (ЕСП), во кој се обединети опозициските партии на Албанците, смета дека нема ништо историско во вчерашнта „церемонија на самофалење“. Оттаму  изборот на Талат Џафери  го споредија со две именувања во 1986 година: изборот на Вулнет Старова за претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија во 1986 година, и изборот на Синан Хасани за претседател на претседателството на СФРЈ.

„Во двата случаи, етничката формалност беше злоупотребена за негирање, казнување и понижување на албанскиот национален дух и суштина во поранешната југословенска федерација и поранешната социјалистичка Република Македонија (...) Феноменот на поставување на проформа албански лидери за една употреба сега ја опфаќа и Северна Македонија, во форма на поставување на Талат Џафери за премиер на ДУИ, но за да го рекламираат како прв албански премиер. На денот на неговото именување, во баналната церемонија на самофалење со пердуви над срамот, во Северна Македонија сè уште имаме деца на кои не им се овозможува и не смеат да учат на својот мајчин јазик“, се наведува во соопштението од ЕСП.

Според опозицискиот блок, оние кои го забораваат минатото ризикуваат тоа да им се повтори триесет години подоцна.

„Во оваа Македонија на Талат Џафери, како и во онаа на Вулнет Старова и Синан Хасани, албанската младина која некогаш се школуваше во Приштина, денес бара вработување на Запад (...) Во оваа Македонија на порталите на Артан Груби и Фатмир Бесими беспомошните повторно се напаѓани и навредувани за да се спасат насилниците и вагабонтите. Оние кои своевремено преку кино ‘Напредок’ инсталираа неморални појави во срцето на скопската чаршија, денес инсталираат неморални појави преку казината и коцкањето (...) Како што именувањето на Старова-Хасани ќе остане запаметено како аисториски момент кој немаше ниту репрезентативен контекст, ниту историска перспектива, поставувањето на Талат Џафери ќе го означи не триумфот на политиката на Али Ахмети, туку почетокот на падот на лагите, измамите, злоупотребата, понижувањето на нацијата, профитерството од војната и предавството на идеалите за кои животот го дадоа толку многу млади (...) Дали борбата беше направена за иднината на децата во Чашка, Велес, Битола, Прилеп, Крушево или за роднините на семејствата на доживотните функционери на ДУИ?“, прашуваат од ЕСП.

влада Северна Македонија
Новата влада на РСМ предводена од Талат ЏафериФотографија: Petr Stojanovski/DW

Рама: Историска лекција

Албанскиот премиер Еди Рама сите заслуги за вчерашното „историско достигнување“ му ги припиша на лидерот на ДУИ.

„Али Ахмети може целосно да биде критикуван внатре во државата, бидејќи право и должност на секој што е во опозиција е да бара повеќе од кој и да е на власт... Но тоа што направи Али Ахмети со моќта за унапредување на правата на Албанците во соседната земја, за нивната афирмација како рамноправни граѓани на РСМ, е историска лекција за сите нас и за генерациите што доаѓаат и за секој што се интересира за уметноста на политиката!“, напиша Рама на платформата „Х“.

Косовскиот премиер Албин Курти на Џафери му посака успех во неговата нова задача - премиер на техничка влада, која по три месеци ќе ја води соседната и партнерска земја на избори. Тој изрази надеж дека пријателството и координацијата за заеднички проекти ќе бидат белег на двете влади за време на мандатот на Џафери.

„Северна Македонија со силна евроатланска ориентација, партнер на Приштина и Запад и што е можно подалеку од Москва, Северна Македонија која ги промовира вредностите на соживот и се бори против етничката дискриминација - е она што го сакаме. За овие цели и за многу други соработки, сигурен сум дека ќе го продолжиме патот на меѓувладината соработка со колегата г. Џафери, како што беше со  неговиот претходник г. Ковачевски,  кому му честитам за вредностите што ги одразуваше за време на неговото раководење“, напиша Курти во објавата на Фејсбук.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, честитајќи го изборот на Џафери, посочи дека тоа „одбележува важна пресвртница за целата албанска заедница во Северна Македонија, одразувајќи го нејзиниот витален придонес за државноста на земјата и патот кон евроатлантските интеграции“. Таа им посака успех на Владата и на сите институции на РСМ.