1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тие не сакаат да си заминат од земјата - засега

Радомир Крачковиќ
28 ноември 2019

Трендот на заминување на младите од Балканот не ја заобиколува ни Црна Гора. Многумина веќе заминаа, а други се подготвуваат на таков чекор. Но, има и такви кои и покрај лошата перспектива сакаат да останат во земјата.

https://p.dw.com/p/3QpJq
Montenegro Kampagne ,,I won't go" | Teodora Pavićević und Vuk Vujisić
Теодора Павиќевиќ и Вук ВујисиќФотографија: DW/R. Kračković

„Верувам во Црна Гора од која помалку ќе се заминува, а повеќе ќе ѝ се враќаат.“ Оваа реченица која летово ја изговори премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, на средба со црногорската дијаспора во Подгорица, покажа дека и државата е и тоа како свесна за проблемот на одлевање на населението во странство кој отсекогаш бил присутен, но се чини никогаш толку актуелен како последните години.

Меѓу оние кои заминуваат има многу млади луѓе на кои бројните можности кои се отвораат во странство им звучат попримамливо отколку да останат да живеат во својата земја, во која невработеноста, иако намалена, и натаму е огромен проблем, а платите за поголемиот дел од граѓаниоте се доволни само за голо преживување. Сепак, меѓу младите има и такви кои, иако се свесни за лошата перспектива, сепак одлучуваат да останат и да се обидат да ги поттикнат и другите да го сторат истото.

Вук Вујисиќ е студент на трета година на Факултетот за политички науки во Подгорица. Активен е во студентското движење, поддржува различни еколошки иницијативи, а пролетоска, со група млади луѓе, покрена кампања „Не сакам да заминам“.

„Кампањата е првобитно покрената во Босна и Херцеговина и беше многу успешна зашто доби поддршка од многу луѓе, меѓу кои и интелектуалци и уметници. Ја покрена НВО Култ поради тоа што БиХ се соочува со проблемот на заминување на младите. Мене и претходно ме нервираше тоа што младите заминуваат и што си заминаа и некои мои добри другари и сфатив дека тоа стана тренд, па одлучив да се обидам да променам нешто“, вели за ДВ Вујисиќ.

Повеќе: „Земја на старци и сиромашни“

Многумина сакаат да си заминат

Нема официјални податоци за одливот на населението од Црна Гора, па со самото тоа ниту за одливот на младите. Неодамнешното истражување на НВО Центарот за граѓанско образование покажа дека половина од младите сакаат да си заминат од земјата, а 30% практично веќе планира да го стори тоа.

Теодора Павиќевиќ е студентка на трета година на Економскиот факултет во Подгорица. Вели дека знае дури 30 луѓе кои веќе заминале и се реализирале во други држави, но предупредува дека многу поголем е бројот на оние кои се подготвуваат да го сторат истото.

„Младите од Црна Гора сѐ повеќе размислуваат да заминат, зашто за нив овде не постои перспектива. Пазарот на труд за нив е неадекватен, нема доволно работни места, образовниот систем не е направен така за да го покрива пазарот на работа“, наведува таа само дел од причините.

Вели дека во кампањата влегла затоа што сакала да ѝ даде уште една шанса на својата земја.

„Сакам да се борам да ја остварам својата иднина токму овде, во земјата каде што сум родена“, вели Павиќевиќ.

Montenegro Kampagne ,,I won't go" | Vuk Vujisić
Вујисиќ: Сѐ уште немаме дадено доволно од себе за да го промениме овој системФотографија: DW/R. Kračković

Вујисиќ знае десетина млади кои заминале од Црна Гора, како и преку 40 кои си заминале преку популарната програма за студенти „Work and travel“ или на различни едукации.

„Голем дел од нив одат за да останат таму“, тврди Вујисиќ. „Ми се чини дека како што одминува времето, така процентот е сѐ поголем.“

Како да се сврти трендот?

Вујисиќ признава дека не е лесно да се најде решение за овој проблем, но тврди дека ако има политичка волја за тоа - сѐ е можно. Најавува разговори и со младите од сите политички партии за да ја поддржат нивната иницијатива.

Потсетува на неодамна објавениот поразителен податок на Евростат, според кој младите во Црна Гора се осамостојуваат од родителите најдоцна во Европа - во просек дури во 33. година. Иако тука има и традиционализам, овој податок јасно укажува на лошата финансиска положба на младите во Црна Гора. Вујисиќ има конкретни предлози:

„Сметам дека Црна Гора, ако веќе е држава на социјална правда, треба да им овозможи на младите евтини станови, во кои би живееле и би плаќале само режиски трошоци, а станот би бил во државна сопственост. Проценуваме дека изградбата на таков стан чини 20-25 илајди евра и дека би ни биле потребни 50-тина милиони евра за трајно да го решиме тој проблем, првенствено за младите брачни двојки. Тоа се големи пари, но и не се ако знаеме дека многу повеќе е платено за економските промашувања на државата во претходните години“, јасен е Вујисиќ, кој додава и дека со зголемување на детскиот додаток младите би биле стимулирани да создаваат и поголеми семејства.

Montenegro - Podgorica
Во Црна Гора може да се преживее, но тоа не е доволно, велат младите (фото: Подгорица)Фотографија: DW/R. Kračković

Тој предлага и поттици за млади претприемачи, какви што во Црна Гора има и сега, но Вујисиќ тврди дека не се добро технички решени, зашто од младите се бараат преголем број гаранции за воопшто да добијат пари. Исто така, тој укажува на проблемот на мали плати и смета дека работодавачите би морале да покажат и општествена одговорност.

„Кога би одвоиле само дел од својот профит, кој е голем, и кога би ги зголемиле платите, работите би биле многу поинакви. Тие сега даваат мали плати до 300 евра, зашто тоа им го овозможува пазарот на работна сила. Верувам дека на младиот човек не му е потребно многу. Потребна му е нормална работа, нормално работно време, плата до 600 евра и стан којшто нема да мора да го плаќа“, гласи рецептот на Вујисиќ.

„Државата мора многу повеќе да се потруди за да им даде на младите шанса да останат да живеат овде. Не е проблем што младите заминуваат, туку што бегаат за да не се вратат“, тврди тој.

Вујисиќ очекува поддршка од политичарите, затоа што верува дека нивните идеи се во интерес на сите. „Искрено мислам дека е ова прашање за сите нас и дека мора да се обединиме и да најдеме општествен консензус.“

Повеќе: Нова шанса за стручњаците од Црна Гора

„Ако нешто не преземе, државата ќе ги загуби младите“

Павиќевиќ не негува илузии дека по завршување на студиите ќе може да најде работа лесно. „Реално гледано, не мислам дека би можела да се вработам во некоја од државните институции. Мислам дека без партиска книшка и без врски - немам шанси. Само со крвав труд и работа можам да успеам да бидам забележана од некого и да ме вработи во приватниот сектор, што и нужно не е лошо“, вели Павиќевиќ.

Вујисиќ додава дека во Црна Гора може да се преживее, но тоа не е доволно.

„Јас навистина ја сакам Црна Гора и не сакам да си заминам, но можеби ќе се најдам во позиција да бирам  - да заминам или не. Мислам дека сѐ уште немаме дадено доволно од себе за да го промениме овој систем. Сакам да се обидам со овие млади луѓе да промениме нешто, да дадеме некои решенија. Дури и ако ни усвојат само еден предлог, сме направиле голема работа“, смета тој.

„Ако државата не ни обезбеди адекватни услови, таа ќе ги загуби младите, кои се еден од најважните ресурси. Ако државата не стане сериозна, ќе остане без работници“, порачува Павиќевиќ.