1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиАзербејџан

Ерменија го обвинува Азербејџан за „етничко чистење“

Доминик Јозиќ
22 септември 2023

По освојувањето на Нагорно Карабах, Ерменија и Азербејџан разменија удари во Советот за безбедност на ОН.

https://p.dw.com/p/4Wfti
Нагорно Карабах | Прифатен камп за евакуирани цивили
Нагорно Карабах: Прифатен камп за евакуирани цивили Фотографија: Russian Defence Ministry/TASS/IMAGO

Обвинувањата на Ерменија се сериозни. На седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан зборуваше за т.н. етничко чистење кое азербејџанските трупи го вршеле при освојување на кавкаскиот регион Нагорно Карабах, кој е населен со Ерменци. Според Мирзојан, како резултат на воената офанзива во вторникот (19.09), принудно раселени биле повеќе од 10.000 луѓе, вклучително и жени, деца и постари лица, кои биле принудени да живеат на отворено, без храна. Илјадници семејства, вели Мирзојан, се разделени.

Ситуацијата, според него, била алармантна веќе извесно време. Но, меѓународната заедница не ги сфаќала доволно сериозно предупредувачките знаци, се пожали ерменскиот министер. Советот за безбедност на ОН, рече тој, не реагирал соодветно во минатото. „Правата и безбедноста на ерменскиот народ во Нагорно Карабах мора да се земат предвид и меѓународно да се гарантираат“, побара Мирзојан пред најмоќното тело на Обединетите нации.

Поддршка за ерменскиот став во Советот за безбедност на ОН, меѓу другите, дојде и од германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. Таа остро ја критикуваше големата воена операција на Азербејџан и побара заштита на цивилното население. „Добивме информации запрекин на огнот,но она што ни треба е целосен крај на насилството“, рече министерката. Таа го обвини Азербејџан дека создава факти надвор од преговарачката маса, а само со преговори може да се постигне траен мир.

Совет за безбедност | Аналена Бербок
Ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан (р.) ги слуша забелешките на германската колешка Аналена БербокФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Азербејџан ја оправдува „антитерористичката операција“

Министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов, возврати: „Она што Ерменија се обидува да ѝ го прикаже на меѓународната заедница како напади врз мирни жители се всушност антитерористички мерки на Азербејџан“. Во регионот, според Бајрамов, има илјадници ерменски единици. Тие се опремени со тешко оружје, како што се тенкови и други оклопни возила, артилерија, ракетни фрлачи, минофрлачи и електромагнетно оружје, рече азербејџанскиот министер.

Овие единици постојано ги гранатираа вооружените сили на Азербејџан, ги зајакнаа своите борбени позиции и изградија ровови и воени засолништа, рече Бајрамов пред Советот за безбедност на ОН, прикажувајќи фотографии за да ги поткрепи своите зборови. Поради тоа дошло до напад врз нив, при што во рок од 24 часа биле уништени повеќе од 90 пунктови, 20 борбени возила, 40 артилериски парчиња, 30 минофрлачи и два ракетни системи за противвоздушна одбрана. Само Ерменија сноси одговорност за инцидентите, вели Бајрамов.

Азербејџан во вторникот со ракети и артилерија го нападна регионот Нагорно Карабах, населен претежно со Ерменци, во обид да го освои. Во средата, воено инфериорните Ерменци се откажаа. Многумина од нив сега стравуваат дека ќе бидат протерани од својата татковина или дека ќе станат цел на насилство од Азербејџан. Според ерменските медиуми, во борбите загинале најмалку 200 луѓе, а повеќе од 400 се повредени.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема