1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел гаѓа цели во Либан и Газа

Тагесшау | ЕМФ
7 април 2023

По ракетниот напад врз Израел од Либан, израелската армија почна со контранапад врз соседната земја и во Појасот Газа.

https://p.dw.com/p/4PoWQ
Израелски напад Газа
Израелски напад врз Газа, 6.04.2023Фотографија: Mohammed Salem/REUTERS

Израелските сили во текот на ноќта и изутринава (7.04) нападнаа цели во Либан и во Појасот Газа како одговор на големи ракетен напад врз израелска територија. Армијата на Израел соопшти дека во текот на ноќта биле гаѓани позиции намилитантниот Хамас во јужен Либан. Армијата, како што се вели, нема „да дозволи терористичката организација Хамас да дејствува од Либан“. Според израелската армија, и либанската држава е соодговорна за секое гранатирање кое доаѓа од нејзина територија. Медиумите јавија за експлозии имало јужно од градот Тирос. Според безбедносни извори, во израелските напади е погодено поле во близина на палестински бегалски камп. Досега нема информации за можни жртви.

Израелската војска во текот на ноќта нападна и цели во Појасот Газа, кој е под контрола на Хамас. Биле погодени фабрики за оружје и тунели. Хамас во Појасот Газа повторно реагираше со ракетен напад: во текот на ноќта кон Израел беа истрелани 23 ракети. Осум ракети се уништени од системот за воздушна одбрана „Железна купола“, соопшти изутринава израелската армија. Во Здерот, мал град во близина на Појасот Газа, ракета проби станбена зграда. Според првичните информации, засега нема повредени.

Либанци на мал мост уништен во израелскиот напад од 7 април 2023 година
Либанци на мал мост уништен во израелскиот напад од 7 април 2023 годинаФотографија: Mohammed Zaatari/AP Photo/picture alliance

Премиерот на Либан го осуди ракетниот напад

Вчера попладне, според израелски извори, осомничени екстремисти истрелале 34 ракети од Либан кон Израел - најмногу од 2006 година досега. Израел ги обвини палестинските активисти дека стојат зад гранатирањето за време на еврејскиот празник Пасха, во кое беше повредено најмалку едно лице.

Израелските безбедносни кругови вчера дојдоа до заклучок дека палестинскиот Хамас можел да го изврши овој напад од јужен Либан само со согласност на проиранскиот Хезболах. Хезболах во суштина го контролира регионот од Бејрут до израелската граница. Нападот предизвика загриженост дека конфликтот може да ескалира. Вршителот на должност премиер на Либан, Наџиб Микати, го осуди ракетниот напад од Либан кон Израел. „Либан жестоко се спротивставува на каква било воена ескалација што произлегува од негова територија, како и на употребата на либанска територија за спроведување операции што може да ја загрозат постојната стабилност“, рече Микати во Бејрут.

По израелскиот напад врз Појасот Газа
По израелскиот напад врз Појасот Газа, 7.04.2023Фотографија: 07.04.2023Mohammed Salem/REUTERS

Нетанјаху се закани со одмазда

Мировната мисија на ОН, Унифил, повика на прекин на опасните акции. „Двете страни рекоа дека не сакаат војна“, се вели во соопштение на организацијата издадено изутринава. Се додава и дека се водат разговори со двете земји. Мисијата на ОН ги повика сите инволвирани да ги запрат нападите.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчеравечер најави „агресивна реакција“ на постојаното гранатирање од Појасот Газа и Либан. И покрај внатрешните поделби, Израелците остануваат обединети кон надворешните непријатели, рече премиерот. По тричасовниот состанок со кабинетот за безбедност, кабинетот на Нетанјаху соопшти дека се донесени низа одлуки. „Одговорот на Израел, денес и натаму, ќе ги натера непријателите да платат висока цена“, се вели во кусото соопштение.

Напад врз израелскиот град Шломи од либанска територија
Напад врз израелскиот град Шломи од либанска територија, 6.04.2023Фотографија: Oren Ziv/AFP

Судирите во џамијата Ал-Акса како каписла

Последната ескалација доаѓа по насилството во ерусалимската џамија Ал-Акса. Во средата вечерта верници се забарикадираа во третото најважно светилиште на исламот. Израелската полиција упадна во зградата и ги извади верниците од објектот. Ситуацијата во џамијата ескалираше уште во вторникот вечерта: верниците фрлаа камења и петарди кон полицијата, која потоа дејствуваше жестоко и уапси стотици лица.

Според палестински извори, верници биле претепани и има десетици повредени. Денеска пред џамијата Ал Акса повторно имаше судири меѓу израелската полиција и муслиманските верници. Голема толпа се туркаше кон плоштадот пред џамијата, а луѓето извикуваа пароли со кои го славеа радикалниот исламски Хамас, кој владее во Појасот Газа.

Израелската полиција упадна во џамијата Ал-Акса