1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаЕвропа

ЕП воведува правила за вештачка интелигенција

Бернд Ригерт
14 јуни 2023

Европскиот парламент сака да ги „скроти“ апликациите како што е ЧетГПТ. Патот до донесување соодветен закон е долг.

https://p.dw.com/p/4SXjm
Вештачка интелигенција
Вештачката интелигенција не се користи само кај роботите, туку во сѐ повеќе секојдневни услугиФотографија: Knut Niehus/CHROMORANGE/picture alliance

Европската унија е во процес на регулирање на употребата на „вештачка интелигенција“ (ВИ). Денеска (14.06) во Стразбур, Европскиот парламент ќе расправа за предлог закон за вештачка интелигенција. За време на посетата на Германија, шефот на калифорниската компанија ОпенАИ (OpenAI), која го лансираше многу дискутираниот текст-генератор ЧетГПТ (ChatGPT), предупреди од прекумерна регулација. Сепак, Сем Алтман ја повлече својата закана дека во случај да нема друг избор, ЧетГПТ нема да работи во Европа. Правилата за вештачка интелигенција во принцип се добри, изјави управниот директор на ОпенАИ, но „ни треба јасност“. Сем Алтман е многу баран човек. Неговиот збор има тежина на полето на вештачка интелигенција. Тој во Берлин дури беше примен и од канцеларот Олаф Шолц.

Сем Алтман, шеф на ОпенАИ
Неговиот збор се слуша во Германија: Сем Алтман, шеф на ОпенАИФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Без забрани, само европски стандарди

Европратеникот Рене Репаси гледа прилично опуштено на оваа лобистичка работа на највисоко ниво на ОпенАИ и матичната компанија Мајкрософт. Европскиот пазар е премногу атрактивен за понудувачите на вештачка интелигенција да го игнорираат. „Секој што сака да ја продаде својата вештачка интелигенција овде, мора да ги почитува нашите стандарди“, вели Репаси, кој кај европските социјалдемократи се занимава со темата вештачка интелигенција.

Американскиот конгрес исто така се обидува да донесе правила за машините кои самостојно учат. Европратеникот вели дека по ова прашање се во контакт со колегите во САД. „На крајот на денот, сакаме да поставиме разумни стандарди и да не се натпреваруваме еден против друг.“ Американските технолошки компании имаат многу капитал, огромни количини на податоци и уникатна надмоќ што сакаат да ја бранат. Но, тоа не значи дека правилата во Европа би ги спречиле иновативните стартапи во ЕУ натаму да развиваат вештачка интелигенција, вели Рене Репаси. „Фактот што толку многу технолошки гиганти се со седиште во САД има малку повеќе врска со расипаните пазари на кои работат монополистите, отколку со прашањето каде има поголема иновативност“.

Како би изгледал Охрид во 27. век?

Предупредувања од вештачката интелигенција

Еден од татковците на вештачката интелигенција, поранешниот соработник во Гугл, Џефри Хинтон, неодамна во интервјуа предупреди од опасностите од неговата сопствена творба. Генеративната вештачка интелигенција наскоро би можела да биде поинтелигентна од луѓето што ја создале. Промените на пазарот на труд сѐ уште не можат да се предвидат. Дури и програмерите на системите и водечките менаџери во Мајкрософт или Гугл признаваат дека веќе не знаат точно како функционираат апликациите со вештачка интелигенција. Во отворено писмо, истражувачите и претприемачите, вклучително и сопственикот на Твитер, Илон Маск, предложија да се направи пауза до крајот на годината за да се постават граници за развојот на вештачката интелигенција.

ЕУ одговара со нов закон за кој се расправа веќе две години. Во принцип, се предвидува поделба на ВИ-апликациите во различни класи на ризик. Треба да се забранат високоризичните системи кои неприфатливо го анализираат и предвидуваат социјалното однесување на луѓето. Ризичните системи треба да подлежат на правила и ограничувања. Едноставните апликации, а тоа веројатно ќе вклучува и генератори на текст како ЧетГПТ, не треба да бидат многу ограничени. Сепак, сите услуги што се генерираат со вештачка интелигенција треба да бидат означени. Како пример, европратеникот Рене Репаси наведува апликација за потрошувачки кредит. Денес тоа често се проверува со машини. „Ако резултатот од тестот е негативен, сакаме да може да се побара човек да го провери тоа, но мора да се знае дека претходно сте разговарале со вештачка интелигенција“.

Рене Репаси европратеник
Рене Репаси: Сакаме да поставиме разумни стандардиФотографија: Bernd Riegert/DW

Закон за вештачка интелигенција во ЕУ за две години

Законот за вештачка интелигенција на Европската унија навистина ќе може да стапи на сила веројатно на почетокот на 2025 година. Не е потребно само одобрение од ЕП, туку и од сите 27 земји-членки на ЕУ. Развојот на вештачката интелигенција како ЧетГПТ не беше на пазарот пред две години и може да биде добро напреднат до моментот кога регулативата ќе стапи на сила во ЕУ, вели европратеникот Аксел Фос. „Но, развојот е тука - всушност - толку брзо, што многу голем дел од него веќе нема да одговара во времето кога законот всушност ќе треба да стапи на сила“, рече тој за ДВ во април.

Тој во пратеничката група на демохристијаните со години се занимава со темата вештачка интелигенција и е коавтор на „Законот за вештачка интелигенција“ на ЕУ. Фос предупредува дека не треба да се работи со ригидни забрани. „Всушност, ни треба - од конкурентни причини и затоа што веќе заостануваме - поголем оптимизам за поинтензивно да се занимаваме со вештачката интелигенција. Но, она што мнозинството во Европскиот парламент го вели е дека тие се водат од стравови и грижи и се обидуваат да исклучат сè". Ополномоштениците за прашања на заштита на податоците на земјите-членки на ЕУ бараат независен надзор на апликациите за вештачка интелигенција и дополнителни законски прилагодувања за заштита на податоците.

Според пратеникот на СПД, Рене Репаси, законот за вештачка интелигенција треба да биде флексибилен. Прашањето за тоа што е високоризично или помалку ризично со вештачката интелигенција не треба да се регулира во вистинскиот законски текст, туку во анекс на законот. Тој секогаш може брзо да се промени и да се прилагоди на технолошкиот развој.

Европскиот парламент во Стразбур
Европскиот парламент во Стразбур: Барање рамнотежа помеѓу можностите и ризиците од вештачката интелигенцијаФотографија: Jean-Francois Badias/AP/dpa/picture alliance

Технички преглед за вештачка интелигенција може да промовира доверба

Според предлог законот, компаниите кои сакаат да продаваат ризични апликации за вештачка интелигенција во Европа треба да исполнат строги барања и да имаат систем на управување со ризик од своите производи. Податоците што се користат за обука на програмите за вештачка интелигенција, исто така, треба да се проверат. На луѓето кои обезбедуваат податоци мора да им се каже за што ќе се користат податоците.

Италијанската агенција за заштита на податоци во април накратко го забрани ЧетГПТ поради недостатоци во заштитата на податоците и го дозволи повторно само откако производителот ОпенАИ направи некои промени. Здруженијата за технички надзор во Германија, Сојузната служба за информациска безбедност и Фраунхофер-институтот за интелигентна анализа и информациски системи размислуваат да воведат сертификат за апликации за вештачка интелигенција. Слично како кога автомобилот треба да оди на технички преглед, вештачката интелигенција треба да биде технички сертифицирана од независни инспектори. Кај апликации како што се самоуправувачки автомобил или хируршки роботи во медицинската технологија потребна е голема доверба во вештачката интелигенција, која може да се генерира со сертификат.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема